Многу деца веќе секојдневно користат вештачка интелигенција, која сè повеќе се промовира како иднината на образованието. Сепак, експертите тврдат дека, засега, вештачката интелигенција е повеќе пречка отколку предност за когнитивниот и емоционалниот развој на најмладите генерации.
Нов глобален извештај за употребата на вештачка интелигенција во училиштата покажува дека, според сегашниот пристап, децата не добиваат доволно образовни придобивки од ВИ. Студијата опфаќала интервјуа, фокус групи и консултации со повеќе од 500 ученици, наставници, родители, администратори и технолози од 50 земји, како и анализа на повеќе од 400 научни материјали.

Во овој момент, заклучено е дека ризиците ги надминуваат придобивките. ВИ може да ги наведе децата кон „когнитивно растеретување“, односно да ги ослаби вештините за читање, пишување и критичко размислување, да ја наруши довербата во училиштата и да создаде нови закани за приватноста и безбедноста.
Еден наставник од студијата ја опишал ВИ како „брза храна на образованието“, додека друг признава дека учениците станале зависни од неа затоа што „не го користат мозокот за да размислуваат, туку само добиваат лесни одговори“. Затоа, авторите на студијата предлагаат развој на писменоста кај децата во областа на вештачката интелигенција, како и воведување регулативи и построги стандарди за заштита на децата.

Образование во ерата на вештачката интелигенција
Вештачката интелигенција веќе значително го промени начинот на кој децата учат, комуницираат и донесуваат одлуки. За разлика од претходните бранови на дигитализација (компјутери, интернет, таблети), овде не станува збор само за алатка за прикажување содржина, туку систем што може да преземе голем дел од менталната работа наменета за детето.
Авторите ги споредуваат ефектите од ВИ со влијанието на социјалните мрежи – таа може да ги прошири можностите преку персонализирана содржина, пристап до материјали или да биде поддршка за децата со попреченост – но во исто време може да ја наруши концентрацијата, вештините за читање, трпението при решавање на сложени задачи и вештините за комуникација лице в лице.

Фокусот на когнитивните ризици е особено важен – ако учениците се навикнат да и препуштаат на ВИ не само форматирање на текст, туку и генерирање идеи, општеството за околу 20 години би можело да се соочи со генерација експерти кои не се подготвени за нестандардни задачи, важни дискусии и одговорно донесување одлуки (области каде што луѓето и понатаму имаат предност пред машините).

Извештајот особено ги истакнува емоционалните и социјалните последици – растот на АИ „пријателите“ може да биде утеха за осамените тинејџери, но во исто време да ја зголеми изолацијата, да го попречи развојот на емпатијата и да стане канал за манипулација, вклучително и поттикнување на штетно однесување, објавува „РБК Тренд“.
Овој извештај е еден од првите обиди не само да се опише моменталната состојба, туку и да се насочи идниот тек на примената на вештачката интелигенција во образованието пред штетата да стане неповратна. Резултатите покажуваат дека ВИ треба да ја гледаме не како неутрална нова технологија, туку како моќен фактор во развојот на децата.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија