Во етиопскиот град Бишофту, оддалечен околу 40 километри јужно од Адис Абеба, започна изградбата на Меѓународниот аеродром Бишофту (BIA), монументален аеродромски комплекс кој се најавува како најамбициозен проект за авио – инфраструктура во историјата на Африка. Зад проектот стои реномираното британско архитектонско биро Zaha Hadid Architects.

Како што објавија од бирото, овој аеродром е проектиран како клучен центар за меѓународен воздушен сообраќај на африканскиот континент. Cristiano Ceccato de Sabata, директор за авијација во Zaha Hadid Architects, истакна дека аеродромот симболизира единство и поврзаност во Африка и ќе овозможи меѓусебно поврзување на сите нејзини региони.

Првата фаза би требало да се отвори во 2030 година. Оваа фаза ќе опфаќа терминал со површина од 660.000 квадратни метри и две писти што ќе можат да опслужат до 60 милиони патници годишно. По целосната реализација, капацитетот би требало да се зголеми на 110 милиони патници годишно, со четири писти и паркинг за 270 авиони, пишува Dezeen.

Премиерот на Етиопија Абиј Ахмед Али, нагласи дека овој аеродром има четири пати поголем капацитет од сегашниот главен етиописки аеродром, кој се приближува до границите на својата издржливост и се очекува да ги достигне во следните две до три години.

Аеродромот ќе има модуларна структура направена од бетон и челик локално произведени, со што дополнително се поттикнува локалната индустрија. Ќе биде поврзан со Адис Абеба и постојниот аеродром Боле преку систем на брзи железници.
Посебен акцент е ставен на проектирањето на ентериерот: секој крак на терминалот ќе има единствена естетика и палета на бои, инспирирана од разновидните региони на Етиопија.

Централниот дел од комплексот ќе биде организиран околу главна оска, обликувана според Големата Раседна Долина – природен феномен што се протега од Блискиот Исток до Источна Африка и се состои од длабоки раседи.

Таквата организација треба да го олесни движењето на патниците и да ги намали растојанијата за време на трансферите, претпоставувајќи дека дури 80 отсто од патниците нема да го напуштат аеродромот за време на преседнувањата.

Со оглед на големиот број транзитни патници, планирани се бројни содржини, вклучувајќи ресторани и хотел во рамките на транзитната зона, додека надворешното уредување ќе вклучува автохтони растенија.

Zaha Hadid Architects истакнува дека терминалот ќе биде граден според високи еколошки стандарди, со цел да се добие LEED Gold сертификат.
Енергетската ефикасност ќе се постигне со природна вентилација, засенчување за заштита од сонцето и употреба на соларни панели, додека специјалните канали за дождовница ќе ја насочуваат водата кон нови мочварни станишта и биосистеми.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија