Извидништвото во Македонија, предводено од Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), претставува најголемо младинско движење во земјата кое низ повеќе од седум децении континуирано ги инспирира младите да учат преку искуство, да се грижат за природата и да придонесуваат за својата заедница.

Сојузот обединува дваесетина локални извиднички одреди низ државата и секоја година реализира стотици активности, од летни кампови и обуки за младинско лидерство, до иницијативи за животна средина, хуманитарни акции и меѓународни размени. Преку својата атрактивна програма, извидништвото поттикнува развој на животни вештини, тимска работа, одговорност и солидарност меѓу младите, создавајќи генерации кои активно придонесуваат за подобра и поодржлива иднина.

ДРЖАВНИОТ ИЗВИДНИЧКИ ОРИЕНТАЦИОНЕН НАТПРЕВАР – ДИОН 2025
Во периодот од 10 до 12 октомври 2025 година, во село Црешево, Скопска Црна Гора, Општина Гази Баба, се одржа Државниот извиднички ориентационен натпревар – ДИОН 2025, најзначајниот натпреварувачки настан во извидничкиот календар.

Настанот е во организација на Сојузот на извидници на Македонија, оваа година со Извидничкиот поречански одред „Сидро“ како одред домаќин. На ова издание учество зедоа над 100 извидници, водачи и волонтери од 11 различни извиднички одреди од државата.

Натпреварот ги опфати дисциплините ориентација во природа, сигнализација со семафор и Морзеова азбука, поставување на бивак, изработка на патенти од природни материјали, цртање на скици, извиднички извештаи, јазли, прва помош и полигон на спретност. ДИОН, како традиционален натпревар што се одржува повеќе од три децении, е симбол на извидничката вештина, авантура и младински дух.

ПОВЕЌЕ ЕКОАКЦИИ И ЗЕЛЕНИ АКТИВНОСТИ
Покрај националните натпревари, извидниците низ целата држава постојано реализираат локални и хуманитарни акции, работилници и волонтерски иницијативи во своите заедници. Во изминатиот период, Сојузот на извидници на Македонија активно работи и на полето на заштита на животната средина, организирајќи повеќе екоакции и зелени активности.

Во Штип извидниците активно се вклучија во најголемата екоакција досега, во која учество зедоа повеќе од 100 волонтери од различни градови, со кои беше исчистена голема депонија кај Мирјанина црква и беа собрани стотици ќеси отпад. Во Прилеп успешно беше спроведена акција за чистење на Маркукуле со собрани над 400 килограми отпад, а ќе се одржи и работилница за нула-отпад практики и подготовка на домашен доматен сос како дел од програмата за одржливост. Во Кривогаштани, пак, во октомври е планирана акција за раззеленување и садење дрвја во соработка со локалната самоуправа и младинските организации.

„БОРЕНКА“ – НАЈАМБИЦИОЗНАТА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОШУМУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Посебно важно место во програмата на СИМ зазема националната акција „Боренка“, која е најамбициозна иницијатива за пошумување во Македонија. Боренка е иницијатива за пошумување на опожарени подрачја. Секоја година во рамки на „Боренка“ стотици извидници, волонтери, ученици, локални заедници, шумари и поддржувачи се обединуваат за да засадат илјадници садници во опожарени предели, со цел обновување на зелените системи и зајакнување на еколошката отпорност на природната средина. Акцијата се реализира во тесна соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“, општините, училишта и други институции, а како поддржувачи се вклучени и компании и организации.

„Боренка“ не е само засадување дрвја – акцијата има и образовен и мотивациски карактер: секоја акција се придружува со едукативни модули за климатските промени, важноста на шумите, зачувување на биодиверзитетот и одржлив развој, како и практични инструкции за грижа за младите садници. Со „Боренка“, СИМ го демонстрира својот стремеж да изгради општество во кое младите се активни актери, кои не чекаат промени, туку со свои раце ги осмислуваат и реализираат.

МЛАДИНСКИ РАЗВОЈ, ИНКЛУЗИЈА И ОДРЖЛИВОСТ
Покрај националните акции, Сојузот на извидници на Македонија активно спроведува и повеќе проекти насочени кон младински развој, инклузија и одржливост. Преку својата програма организацијата им овозможува на младите да стекнат нови знаења и практични искуства поврзани со екологија, дигитална писменост, социјална инклузија и превенција на онлајн врсничко насилство.

СИМ во рамки на своите проекти соработува со меѓународни партнери како УНИЦЕФ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, EuroNatur и Светската извидничка организација (WOSM), при што младите извидници преку обуки, кампањи и локални иницијативи ја промовираат идејата за активно граѓанство и позитивна промена во заедницата.

Со овие активности, Сојузот на извидници на Македонија ја потврдува својата улога како водечка младинска организација во државата и значаен фактор во градењето на одговорно, солидарно и активно општество. Извидниците, преку својата посветеност и енергија, секојдневно покажуваат дека малите дела можат да донесат големи промени – за луѓето, за заедницата и за природата.
Автор: Дино РЕЛУШКОСКИ, извидник од Прилеп, Сојуз на Извидници на Македонија

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија