Насловна / Архитектура / Нов бисер на културната мапа на Виетнам

Нов бисер на културната мапа на Виетнам

На полуостровот Quang Nam, на езерото Đầm Trị во Ханој, положен е камен-темелник на новиот културен објект на Виетнам – Hanoi Westlake Opera House, архитектонски бисер зад кој стои Renzo Piano Building Workshop (RPBW) во соработка со бирото PTW Architects со седиште во Сиднеј и Ханој. Проектот, кој  носи симболично име Isola della Musica ќе биде завршен до 2027 година и е замислен како нова културна икона на градот.

Isola della Musica е сместена на новоформиран остров, создаден со отстранување на приближно 13.347 квадратни метри постоечко земјиште, што ќе ги поврзе повторно West Lake и Đầm Trị Lake.

Објектот ќе изгледа како да се издига од водата, воспоставувајќи визуелна врска помеѓу двете езера и создавајќи нова културна знаменитост видлива од околните брегови.

Купола што трепери во нијансите на езерото

Главниот визуелен симбол на операта ќе биде импозантна куполна структура, инспирирана од брановите на езерото.

Конструкцијата е изработена како тенка бетонска школка со изразени ребра, која совршено го распределува оптоварувањето на внатрешните столбови и надворешните точки долж квадратната основа. Помеѓу ребрата овозможени се отвори, додека фасадата ја следи сложената закривеност на кровот.

Ќе биде обложена со керамички плочки со различни димензии, кои ќе создадат ефект на мозаик и ќе блескаат со бисерен сјај во зависност од светлината и временските услови.

Новиот културен комплекс вклучува два главни простора: оперска сала со 1.797 седишта и мултифункционален простор што може да смести до 1.430 посетители што стојат, со дополнителни 216 седишта на балконот, обете проектирани за флексибилност за да се прилагодат на разновидни претстави и настани. Проектот комбинира напредно конструктивно инженерство со прецизност на материјалите за да изрази синтеза на математика, природа и занаетчиство.

Технолошки и акустичен исчекор

Акустиката е проектирана според највисоките стандарди – ѕидните панели во главната сала ќе можат да се поместуваат и прилагодуваат за да се оптимизира звукот за различни видови настапи. Овој софистициран систем досега е имплементиран само во неколку оперски куќи низ целиот свет.

Обликување на нов пејзаж

Проектот не вклучува само изградба на опера – планирана е и поширока ревитализација на брегот на езерото. Околните водни текови ќе бидат обновени и збогатени со садење автохтони лотоси, што ќе ја вклопи зградата во природната средина.

Покрај тоа, ќе бидат изградени осум пристаништа за чамци, што ќе овозможи идни речни линии, вклучувајќи директна врска со операта.

Планот е да се уреди и променадата, што дополнително го поттикнува развојот на урбаниот простор во духот на одржливоста и пристапноста.

Испрати коментар

Scroll To Top