Насловна / Вести / Се демонтира најстарата германска офшор ветерна електрана

Се демонтира најстарата германска офшор ветерна електрана

Првиот ветерен парк на море во Германија, се приближува до крајот на својот работен век. Пуштена е во работа во 2010 година. Компанијата Vattenfall, која е еден од сопствениците, објави јавен повик за изведувач на работи за демонтажа на постројката.

Alpha Ventus е првата ветерна електрана на море во Германија. Сместена е 45 километри северно од состровот Боркум. Станува збор за 12 ветерни турбини од по 5MW, а вредноста на инвестицијата тогаш изнесувала 250 милиони евра. Сопственици на постројката се EWE со 47,5%,  како и RWE и Vattenfall со по 26,25%. Крајот на својот експлоатационен век, електраната ќе го достигне за најмногу 4 години.

Според информациите од прелиминарното известување на компанијата Vattenfall, се очекува работите на демонтажата да започнат во 2027 година. Проектот мора добро да се испланира однапред, бидејќи специјализираните бродови и капацитетите во пристаништата се ограничени, па неопходно е долгорочно планирање. Освен тоа, демонтажата мора да биде одобрена од надлежен орган. Освен техничките односно логистичките предизвици, постои и еколошки аспект на целата операција. Имено, околу фундаментите на ветерните турбини формиран е разновиден морски живот. Затоа, клучно е да се воспостави рамнотежа помеѓу зачувувањето на овие живеалишта и отстранувањето на подводните конструкции.

Alpha Ventus нема да биде првата демонтирана офшор ветерна електрана. Слични проекти на декомисија се спроведени и во други земји. Најстарата електрана на море, Vindeby, која се наоѓала во близина на данското крајбрежје, е демонтирана во 2017 година, 25 години по пуштањето во погон. Во Шведска, ветерната електрана Yttre Stengrund демонтирана е во 2015 година. Причините се слични – технолошка застареност, раст на трошоците за одржување, истек на периодот на субвенционирање и неисплатливост во споредба со новите генерации на ветерни турбини.

Испрати коментар

Scroll To Top