Ана Петровска е архитект со над три децении искуство во областа на животната средина и просторното планирање. Во периодот 1996-1997 г. работела на првиот Катастар на загадувачи и на Просторниот план на Македонија (со важност 2004–2020), како и на ГУП-от на Скопје (со важност 2002–2012). Раководела со изработката на Просторниот план за заштита на изворот Рашче и учествувала во првата регионална студија за управување со отпад во Југозападна Македонија и Пелагонија (2002-2004), како и во физибилити студиите за Источниот и Североисточниот Регион (2004–2005).
Била координатор на Националната стратегија за инвестиции во животната средина (со важност 2009-2013), како и на Дијагностичката анализа за Преспа Паркот во 2008-2009 г. Од 2007 до 2011 г. раководела со процесот за отстранување на оловото и намалување на сулфурот во горивата во Западен Балкан. Како национален проектен менаџер за енергетска ефикасност во индустријата, во периодот 2011-2017 г. придонела за воведување на стандардот ИСО 50001 во над 30 индустриски објекти и за значајни енергетски заштеди. Има реализирано бројни студии за оцена на влијанија врз животната средина и стратегиски оценки за урбанистички планови, туристички стратегии и други развојни документи. Во 2018 година е назначена за државен секретар во Министерството за животна средина, а во 2020 за директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Се пензионирала во 2024 година како помошник-раководител за управување со отпад, а тековно е ангажирана како експерт за учество на јавноста во проект за климатска и еколошка правда.

Кога станува збор за заштитата на животната средина, се добива впечаток дека постои исклучително ниска свест и кај донесувачите на одлуки и кај пошироката јавност. Носителите на функции никако да се зафатат со решавање на суштински проблеми. Речиси единствената заложба е создавањето на паркови, но и тие по кратко време не се одржуваат и пропаѓаат. На што се должи ваквата состојба?
Ваквата состојба е резултат на повеќеслојна комбинација од институционални, културни и економски фактори. На системско ниво, заштитата на животната средина сè уште не е интегрирана како суштински дел од развојното планирање. Често се третира како дополнителна обврска, а не како основа за одржливост и јавен интерес. Ова се рефлектира и во буџетските приоритети, каде што инвестициите во инфраструктура, туризам или енергетика добиваат предност, додека еколошките прашања остануваат маргинализирани.
Кај носителите на одлуки, недостасува долгорочна визија и храброст да се зафатат со комплексни, но суштински инвестиции кои не се веднаш „видливи“ за електоратот — како реконструкција на водовод и канализација, редизајн на сообраќајни решенија со намалување на пропусноста за возила и давање предност на јавниот превоз, велосипедите и пешачењето. Дополнително, еколошките инвестиции често подразбираат зголемени трошоци и потреба од покачување на цените на услугите (на пример, управување со отпад или водоснабдување), што политичарите го одлагаат до момент кога веќе е доцна — и решението станува поскапо и потешко за имплементација.
Кај јавноста, ниската свест не е резултат на апатија, туку на недоволна информираност, недоверба во институциите и чувство дека индивидуалната акција нема влијание. Кога граѓаните не гледаат резултати од своето учество, мотивацијата се губи. Затоа е клучно да се работи на градење на доверба, транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесите на одлучување.
Исто така, мора да се нагласи дека одржувањето е исто толку важно како и самата изградба — без редовна грижа, секој објект, парк, пречистителна станица, депонија или филтер на оџак, брзо ја губи својата функција. Без финансирање на одржувањето, овие објекти стануваат руинирани сведоштва за неорганизирано, расипничко и кусогледо општество, што залудно троши сопствени и донаторски ресурси.
Дополнително, недостига системско и современо образование за животната средина — не само во основното и средното образование, туку и во високото. Теми како справување со климатски промени во урбанистичко планирање, технички науки, шумарство и земјоделство, како и интеграција на еколошки стандарди при проектирање на патишта, индустриски објекти и туристички капацитети, сè уште не се доволно застапени. Без овие знаења, идните професионалци не се подготвени да ги вградат еколошките принципи во својата работа — и така се продолжува циклусот на нееколошко планирање и имплементација.
Потребна е промена на парадигмата — од декоративни интервенции кон системски, инклузивни и долгорочни решенија. Само така ќе можеме да зборуваме за вистинска еколошка трансформација.

За санација на некогашната депонија Вардариште постои физибилити студија уште од 2014 година. И покрај тоа, со години се кочи изработката на ДУП за Вардариште, надлежност на Општина Гази Баба, како услов за реализирање на санацијата. Недостаток на политичка волја, лошо менаџирање или нешто трето?
Вардариште е зона на самракот и еколошко жариште во срцето на Скопје: територија од 20 хектари без контрола, каде што се одвиваат нелегални активности: неформални собирачи палат кабли, гуми и мебел за извлекување метали, градежни компании и граѓани депонираат шут, а комунален отпад се фрла неконтролирано. Локацијата, била користена од 1970 до 1997 година за депонирање на комунален, индустриски и медицински отпад, а до неодамна и како претоварна станица без дозвола. И денес, Вардариште се користи за фрлање отпад од страна на општински комунални претпријатија кои самостојно го собираат отпадот, бидејќи ЈП „Комунална хигиена“ не ја извршува својата функција или општините немаат склучено договор со депонијата Дрисла — со цел да избегнат плаќање за депонирање. Ова дополнително го продлабочува проблемот и ја легитимира праксата на нелегално отстранување отпад.
Политичарите, особено во предизборни кампањи, ветуваат изградба на паркови и други „решенија“ за Вардариште, без техничка или правна основа. Таквите ветувања ги дезориентираат граѓаните, кои немаат доволно информации за истите да ги проценат реално, и создаваат лажна надеж наместо системски пристап.
Граѓанскиот притисок постои, но е спорадичен — се активира кога ќе се јави чад или пожар, а потоа попушта. Во меѓувреме, политичарите користат дефокусирачки теми за да го одржат статус квото, избегнувајќи конкретни акции и одговорност.
Затоа, Вардариште е еколошка бомба — извор на загадување, пожари и здравствени ризици, а причините се следните: отсуство на инспекциски контроли и страв од санкционирање нелегални активности, не е изработен ДУП, што го блокира процесот на санација, не е ревидирана физибилити студијата од 2014 година, која не одговара на актуелната состојба. Не е ниту започнато со обезбедување финансиски средства и не постои координација меѓу надлежните институции: Министерството за животна средина (опасен отпад), Град Скопје (комунален отпад), Општина Гази Баба (урбанистичко планирање).
Дополнително, низ Вардариште минува колекторот за отпадни води, чие завршување е предуслов за изградба на пречистителната станица — уште еден фактор што го одложува решението.
Што е потребно? Потребно е јасно институционално лидерство и координација, итна изработка и усвојување на ДУП, ревизија на постојната студија со реални сценарија, строга контрола и санкции за нелегални активности, финансиска мобилизација од национални, градски и донаторски извори.
Вардариште не е само депонија — тоа е тест за институционална зрелост и политичка одговорност. Решението мора да биде системско, транспарентно и во полза на граѓаните.

Во екот на проблемите со пожарот во Вардариште, Дрисла и опасниот отпад во Трубарево, слушнавме ветувања од надлежниот Државен инспекторат за животна средина дека ќе изврши вонредни инспекциски надзори, па граѓанинот добива впечаток дека изостануваат редовните инспекциски надзори. Има ли капацитети и компетенции оваа институција, дотолку повеќе што огромен број општини воопшто немаат инспектори за животна средина?
Кога инспекциските надзори се сведуваат на „вонредни акции“ по медиумски аларм, тоа значи дека системот не функционира превентивно, туку реактивно — и тоа селективно, одработувајќи за компаниите и за политичките центри на моќ. Впечатокот дека редовните инспекциски надзори изостануваат не е случаен — тој е резултат на ограничени институционални капацитети: недоволен број на инспектори и слаба техничка опременост (вклучително и недоволна стручна специјализација).
Се соочуваме и со правна несигурност за постапување: инспекторите избегнуваат или ја префрлаат надлежноста на други (вообичаено на овластените инспектори или на други инспекторати – технички, пазарни, санитарни), понекогаш инспекторите, но и другите надлежни органи (прекршочна комисија при Министерството за животна средина и просторно планирање, Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен,) субјективно ги толкуваат прописите, (или ги оспоруваат изречените мерки и глоби) во полза на инсталациите и загадувачите. Дури и кога инспекторатот постапува правилно, судовите понекогаш носат одлуки што ги поништуваат казните или ги одложуваат процесите, што демотивира понатамошно постапување. Инспекторите се соочуваат со притисоци, тужби или дури и физички закани, без притоа да добијат институционална поддршка.
Дополнително, огромен број општини воопшто немаат инспектори за животна средина, што значи дека локалните еколошки проблеми остануваат без надзор, без документирање и без санкционирање. Ова создава простор за неказнивост и за нормализација на нелегални активности — од неконтролирано депонирање до загадување на воздух и води.
Потребна е реформа на инспекциските служби — со зголемување на бројот на инспектори, подобрување на обуката и техничката опременост. Неопходна е дигитализација на надзорните процеси и јавно објавување на резултатите, институционална заштита и правна сигурност за инспекторите.
Во случаи како Вардариште, Дрисла и Трубарево, каде што се преплетуваат комунален, индустриски и опасен отпад, потребна е не само инспекциска интервенција, туку и координирана акција со други институции: Министерството за животна средина, локалната самоуправа, јавните претпријатија и органите на прогон. Без тоа, инспекторатот останува изолиран и недоволно ефикасен.
Неопхдно е избегнување на политички влијанија и обезбедување правна стабилност, за да можат прекршочната комисија, второстепените органи и судовите да постапуваат независно, доследно и во интерес на јавниот интерес.
Само така ќе се врати довербата во институциите и ќе се создаде систем што не реагира само на пожари, туку ги спречува пред да се случат.

Единствената стандардна депонија во земјата е Дрисла, но и таа не функционира онака како што е пропишано. Своевремено плановите беа и постројка за рециклирање и производство на енергија, но повторно сè се сведува само на депонирање на отпад и тоа со бројни слабости. Каде застанаа работите во реализацијата на овие планови? Како ги оценувате најавите за јавно-приватно партнерство во управувањето со отпадот?
Дрисла формално е единствената стандардна депонија во земјата, но реалноста е далеку од европски стандарди. Иако во минатото беа најавени постројки за рециклирање и третман на отпад, денес Дрисла функционира како обично ѓубриште — без зафаќање и пречистување на исцедокот (постои таложник до кој по пат на гравитација се идведува исцедокот, но не е изведен систем што спречува овие загадени води да понираат во подземјето и што ги зафаќа и насочува кон пречистителна станица) и нема одведување на метанот (овој стакленички и експлозивен гас неконтролирано се испушта и во определени услови предизвикува самозапалување на отпадот и емисии на отровни и канцерогени гасови).
Плановите за модернизација се заглавени во административни, политички и економски лавиринти. Наместо да се реализираат инвестиции обезбедени од ЕУ, сè се сведува на периодични изјави и кампањски ветувања, без конкретни резултати.
Најавите за ново јавно-приватно партнерство (ЈПП) во управувањето со Дрисла повторно се појавуваат во предизборен контекст. Иако ЈПП може да биде легитимен инструмент за мобилизација на средства и експертиза, во македонски услови тој често се користи како механизам за приватизација на јавното — без јасни гаранции за јавен интерес, без транспарентни критериуми и без одговорност за резултатите.
Клучните ризици од ваков модел се:
Фокус на профит – нема интерес за намалување на количините на отпад, бидејќи се наплаќа по тон депониран отпад, нема реализација на ветените инвестиции.
Недоволна контрола и јавен надзор — граѓаните немаат увид во договорите, условите и реализацијата.
Решението не е само во моделот, туку во поставеноста – Градот Скопје мора да има јасна стратегија за примарна селекција, биоотпад, градежен шут, електронски и другите видови на посебни текови на отпад, и во тој контекст да се планира управувањето со Дрисла како современ центар според европските стандарди за отстранување само на отпадот што не може поинаку да се искористи. Моделот на управување да се одлучи транспарентно и во корист на јавен интерес со вклучување на граѓански организации, експерти и локални власти.

На почетокот на грејната сезона загадувањето на воздухот повторно се актуализира со бројните домаќинства кои се загреваат со огревно дрво. Со години и на ова поле не се нуди алтернатива, освен субвенциите за инвертери, пелети и последната најава за субвенционирање на филтри за домаќинствата кои користат огревно дрво. Како ги оценувате овие политики?
Политиките за справување со загадувањето од индивидуалното греење се фрагментирани, недоволно амбициозни и без долгорочна визија. Субвенциите се мерки што звучат добро на хартија, но во пракса имаат ограничен ефект — и тоа од неколку причини:
Не се адресира коренот на проблемот: енергетската сиромаштија. Голем број домаќинства користат огревно дрво не затоа што сакаат, туку затоа што немаат друга достапна и финансиски одржлива опција. Субвенциите за инвертери се корисни, но не ги покриваат трошоците за инсталација, зголемени сметки за струја и негативно се одразуваат на стабилноста на електропреносниот систем во населените места.
Мерките не се системски интегрирани: нема национална програма за енергетска ефикасност на домаќинствата, што значи дека дури и со инвертер, енергијата се губи заради недостиг на изолација. Од друга страна, филтрите за оџаци бараат специфични технички спецификации, професионална поддршка при инсталација и редовно одржување, што ги прави скапа и комплексна интервенција за просечното домаќинство.
Недостасува правичност: субвенциите се достапни само за оние што имаат средства за купување инвертер (а потоа овие средства се рефундираат), пристап до информации и техничка/административна способност да аплицираат, а на сите останати (особено ранливи домаќинства), оваа можност им е ускратена.
Нема јасна стратегија за транзиција кон обновливи извори на енергија на локално ниво. Општините немаат капацитет, ниту буџет за да развиваат алтернативни модели:
- Заеднички системи за греење – централизирани решенија за повеќе домаќинства или јавни објекти, како што се локални топлински мрежи што користат биомаса, геотермална енергија или отпадна топлина.
- Енергетски задруги и заедници – модели каде граѓаните, општините или ЕСКО-фирми (енергетски сервисни компании) здружено инвестираат и управуваат со обновливи извори на енергија (главно системи со геотермални пумпи, фотоволтаици и сончеви панели).
Што е потребно – интегрирани мерки и тоа:
едукација за мерки за намалување на загадувањето:
- Влијанија од согорувањето на огревно дрво, јаглен и мазут врз квалитетот на воздухот и зголемување на здравствените ризици (ПМ-честички, канцерогени гасови).
- Достапни технологии (инвертери, топлински пумпи, фотоволтаици, сончеви колектори), нивни добри и лоши страни, обем на инвестиција и можни извори на финансирање;важноста на изолација, замена на прозорци, реконструкција на фасади.
- Влијанија од зголемената употреба на електрична енергија врз дистрибутивната мрежа, како и поврзаност меѓу индивидуалната потрошувачка и загадувањето од термоцентралите.
- Информирање за енергетски задруги и заедници и нивната понуда за реализација на заеднички системи за греење од обновливи извори.
- Субвенции за обновливи извори на енергија, во комбинација со реконструција и изолација на домовите
- Институционални решенија: енергетски задруги и заедници, иницирани од општините или ЕСКО-фирми, кои можат да обезбедат заеднички системи за греење, фотоволтаици и соларни панели, или управување со потрошувачката.
Загадувањето од индивидуалното греење не се решава со филтри и субвенции— туку со системска, правична и одржлива енергетска политика, која ги поврзува технологијата, инфраструктурата и социјалната правда.

02 10000 NAMENA PDF
Мислите ли дека во Скопје, врската помеѓу урбанизмот и јавниот интерес е прекината? Дали важните одлуки кои имаат директно влијание за уредувањето на просторот не се водат од јавен интерес, туку се дефинирани на начини што задоволуваат цели на различни интересни групи?
Во Скопје, врската меѓу урбанизмот и јавниот интерес е системски прекината. Просторот не се планира како заедничко добро, туку како алатка за задоволување на интереси на инвеститори, партиски структури и тесни деловни кругови. Овој прекин не е случаен, туку резултат на нарушена хиерархија во планирањето и институционална неказнивост.
На врвот на таа хиерархија стои Генералниот урбанистички план (ГУП), кој го дефинира основниот просторен развој на градот. Стариот ГУП (2012–2022) одамна ја изгуби важноста, а новиот сè уште не е донесен. Иако јавната расправа за него започна летово, беше организирана во август — период кога голем дел од граѓаните се на одмор. Според достапните информации, првата јавна дискусија е одржана на 15 август 2025, но без понатамошни најави за расправи по општините, што го ограничува учеството и транспарентноста.
Стариот ГУП остави сериозни последици:
- Зголемена густина на изграденост – параметарот од 500 жители на хектар од претходниот ГУП (од 2002 година) е зголемен на 800 жители, без анализи за последиците на овие зголемени густини врз квалитетот на животот, микроклимата и достапната инфраструктура.
- Нула зеленило во некои урбани четврти – во нумеричките вредности за намена на земјиштето, површината под зелени површини изнесува – НУЛА.
- Линиски центри покрај булеварите – масивни блокови што создаваат урбан „кањон“, го намалуваат проветрувањето и осончувањето, и ја оптоваруваат инфраструктурата.
- Претерани површини за домување – на сметка на јавни функции како градинки, културни центри, зеленило, спорт и рекреација.
- Сообраќајни решенија сè уште водени од логиката на автомобилска доминација, со булеварите проектирани првенствено за зголемени фреквенции на патнички возила, наместо за создавање простор за безбедно движење на пешаци и велосипедисти, што доведува до:
- Зголемено загадување на воздухот, особено во зимски услови.
- Постојана бучава, што влијае врз менталното здравје и квалитетот на живот.
- Физичка и социјална сегрегација, каде булеварите стануваат бариери, а не врски меѓу населбите.
- Иако постојниот ГУП веќе предвидува високи густини, недостиг на зеленило и јавни функции, некои ДУП-ови дополнително ги влошуваат условите — со уште поголеми густини и пренамена на зеленило и други јавни простори во домување. Тоа не само што е неусогласено со ГУП-от, (што е веќе спротивно на закон), туку и создава уште понехумани и нефункционални урбани средини.
Што е потребно, потребно е донесување на функционален ГУП со суштинско учество на јавноста, применувајќи ги основните принципи на урбанизмот како основа за сите ДУП-ови: враќање на зеленилото, јавните функции, сообраќајната одржливост и просторната правичност, како и намалување на топлотните острови. Вистинска јавна партиципација при донесување на ДУП-овите. Санкционирање на одговорни лица што придонеле кон усвојување на неусогласени ДУП-ови од редовите на планерите, општинските служби и носители на одлуки – градоначалници и министри за транспорт и врски. Ревизија и укинување на урбанистичките решенија што го нарушуваат квалитетот на живот.

Дали доминацијата на приватниот над јавниот интерес, институционализацијата на професијата и инвеститорскиот урбанизм доведоа до тоа професијата урбанистичко планирање да биде сведенана на администрација, на улога на техничка и формална потврда на одлуките донесени од повисоко ниво и за туѓи интереси и профити?
Урбанизмот не е само техничка дисциплина — тој е наука за одржлив урбан развој, културна еманципација и просторна правда и опфаќа комплекс од социјални, економски, инженерски, архитектонски, правни и еколошки аспекти, со цел да се создаде ред, функционалност и еднакви можности во населените места:
- Го штити животниот простор и природната средина, преку рационално користење на ресурсите и спречување на неконтролиран развој.
- Ја поттикнува социјалната кохезија, преку просторна правичност, достапност на јавни функции и интеграција на ранливи групи.
- Воспитува идни генерации, преку создавање на средини што промовираат здравје, култура, учење и граѓанска одговорност.
- Создава културна и просторна меморија, преку зачувување на идентитетот на градот и неговите јавни простори.
За жал, професијата урбанистичко планирање во Македонија, да, сведена е на административна функција — техничка и формална потврда на однапред донесени одлуки диктирани од инвеститорски интереси и политички структури, кои го легитимираат инвеститорскиот урбанизам. Планерите се сведени на технички потписници, без простор за критичко мислење или јавна одговорност. Нема професионална автономија, ниту институционална заштита за планерите што би се спротивставиле на штетни решенија, а просторот се третира како економска категорија, а не како културна, еколошка и социјална вредност.
Синџирот на корупција е веќе институционализиран: Службеници активно им помагаат на инвеститорите да го изиграат законот — преку „креативно“ толкување на параметрите, пренамена на земјиште, и манипулација со максималната изграденост, за да се извлечат што е можно повеќе станови за продажба, без оглед на инфраструктурните капацитети, зеленилото или јавните функции.
За да се врати достоинството на професијата, потребна е системска реформа — враќање на јавниот интерес во срцето на планирањето, зајакнување на професионалната етика и отворање на процесите кон граѓаните и експертската јавност.

Да си урбанист, значи да си двигател на промени. Да го познаваш градското ткиво, неговата култура, обичаите, демографијата, социологијата, реалните потреби на градот. Да го набљудуваш однесувањето на корисниците во јавниот простор, да ги детектираш недостатоците, а со планските решенија успешно да придонесеш кон оптимизирање и унапредување на животниот стандард, да умееш да сонуваш. Го умеат ли ова нашите планери?
Да се биде урбанист значи да се започне со прашања и слушање на одговорите на граѓаните. Не со параметри, туку со одговори за тоа каков град сакаат граѓаните? Кои се нивните секојдневни предизвици, стравови, радости? Потоа следува доживување на градот — не од канцеларија, туку од улица. Урбанистот излегува и го набљудува градот со сите негови тајни, црни точки и инспиративни предели. Се става во чевлите на: пешак што се пробива низ небезбедни тротоари, велосипедист што се „судира“ со паркирано возило или контејнер поставен на велосипедска патека, возач што се соочува со хаос и недостиг на паркинг, пожарникар што мора да стигне низ тесни и блокирани улици, болничар што вози амбулантно возило низ блокиран сообраќај, ученик што оди до училиште и бара безбедно место за игра, граѓанин што се чувствува небезбедно поради бездомни животни, но и животно што бара засолниште.
Овој урбанист не планира за „корисници“ – туку за луѓе, за живи суштества, за заедници. Тој ги препознава проблемите, но и потенцијалите. И токму тука започнува вистинското планирање. Тој создава просторни интегрирани решенија: катчиња и мрежи што создаваат урбано ткиво за непречен, креативен и исполнет живот, простори што се безбедни, достапни, зелени, културно живи и социјално правични. Решенија што ги поврзуваат институциите, граѓаните и природата — не ги раздвојуваат.
Овој метод не е утопија — туку етичка обврска. Тоа е урбанизам што се темели на: емпатија и учество, интердисциплинарност и анализа, креативност и културна чувствителност, правичност и одржливост. Секој чесен урбанист мора да започне од животот — и да планира за живот.

Ни се случува и масовна узурпација на простор на сите нивоа, доградување, надградување, пренамени. Дивата градба слободно може да стане симбол на планирањето во земјава и нејзиниот развој. Наместо државата да интервенира, носи Закон за постапување со бесправно изградени објекти кој долго се продолжуваше. Наместо да се санкционира крадење за што и кривично се одговара, овој закон ги оштетува сите граѓани кои на легален начин изградиле куќа или купиле стан, а ги привилегира сите оние што нелегално изградиле. Дали на овој начин се одзема и простор и средства од државата и од граѓаните?
Масовната узурпација на простор – легализирана преку Законот за постапување со бесправно изградени објекти – претставува институционализирана неправда. Наместо државата да интервенира и да ги санкционира прекршувањата, таа создава механизми што ги наградуваат прекршителите и ги оштетуваат граѓаните што постапиле законски.
Според ревизорски извештаи и проценки од Министерството за транспорт и врски, во периодот до 2023 година во целата држава биле поднесени над 400.000 барања за легализација од кои значителен дел се од територијата на Скопје. Само во Општина Аеродром, на пример, биле пријавени над 10.000 објекти, а во Карпош и во Ѓорче Петров бројките се слични.
Типични примери за диви градби се: надградби на постоечки објекти без дозвола, доградби на куќи што ги надминуваат дозволените параметри, пренамена на гаражи, подруми и помошни објекти во станбени единици, узурпација на јавен простор – тротоари, зеленило, па дури и делови од улици.
Последицитe од легализацијата се: намалување на безбедноста и пристапноста на јавниот простор, оптоварување на инфраструктурата — водовод и канализација, струја, намалување на вредноста на легално изградените објекти, просторна неправда и нарушување на урбаната логика.
Законот кој се продолжуваше неколку пати, не придонесе за намалување на дивата градба, туку ја охрабри. Наместо да се санкционира, се создаде систем што ја легитимира узурпацијата — на штета на јавниот интерес, правната еднаквост и квалитетот на живот.

Сметате ли дека често го менуваме Законот за урбанистичко планирање, особено со одредени плански одредби кои непромислено произлегоа како негов брилијантен производ, дека просторот сегментираното се решава, дека имаме неажурирани документи? Имаме ли просторна рамка која ќе го гарантира просторниот развој во иднина?
Од 1996 година, кога е донесен првиот Закон за урбанистичко планирање, оваа клучна регулатива е менувана повеќе од 10 пати. Наместо да се создаде стабилна и визионерска рамка за просторен развој, честите измени доведоа до нормативна нестабилност, правна несигурност и деградација на јавниот интерес.
Паралелно со законските измени, правилниците за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање континуирано ги зголемуваа параметрите за изграденост и искористеност. Во периодот 2015–2020, максималниот процент на изграденост достигна и до 80 % на градежна парцела — што значи дека само 20 % останува за сè друго: зеленило, паркинг, пристап, воздух.
Во тој период се донесени бројни ДУП-ови што сè уште се на сила, а кои овозможија масовна бетонизација, менување на микроклимата, појава на топлински острови и урбани средини без простор за земање здив.
Во 2018 година е донесен Законот за урбано зеленило, со кој се тежнее да се коригираат високите проценти на изграденост, преку параметрите: 25 м² зеленило по жител во урбан опфат, минимум 20 % зеленило на градежна парцела.
Со донесувањето на Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за планирање на просторот во 2020 година, параметрите се стабилизирани, а максималната изграденост е намалена, зависно од класата на намена. Но покрај добрите страни, овој закон предвидува дека урбанистички проекти може да се реализираат надвор од населени места, без учество на јавноста — што доведува до вештачки сателити и неконтролирано ширење на урбаното ткиво; се овозможи олеснета реализација на фотоволтаици на земјоделско земјиште, без јасни механизми за заштита на агроеколошките вредности.
Но и покрај намалените стандарди за процент на изграденост и обврските за задолжително зеленило од Законот за урбано зеленило, процентите за озеленетост не може да се применат кај важечките ДУП-ови со параметри од 80 % изграденост. Просторот е веќе „потрошен“, а зеленилото останува само на хартија.
Последици од честите измени се: правна и просторна несигурност – граѓаните и инвеститорите не знаат кои правила важат и до кога, неправичност во пристапот до простор – некои инвеститори добиле повластени услови, други ограничувања, деградација на животната средина – исчезнување на зеленило, појава на топлински острови, загадување; фрагментирано и нефункционално планирање – без интеграција, без визија, без јавен интерес.

Граѓаните се жалат на алчноста на инвеститорите, узурпацијата на просторот, спрегата на власта, планерите и инвеститорите, но не се загледуваат во себе. Секој граба она што може, разликата е само колку и од која позиција. Дали граѓанинот има различен критериум кога станува збор за негов имот и се однесува исто како оние кои ги обвинува за узурпација на простор?
Да, често граѓанинот има различен критериум кога станува збор за неговиот имот. Иако граѓаните ја осудуваат узурпацијата на јавниот простор и спрегата меѓу власта и инвеститорите, но кога станува збор за сопствениот имот, често се однесуваат на сличен начин — се обидуваат да „зграбат“ што повеќе, користејќи ја секоја можност, без оглед на правилата.
Еве неколку примери: се доградува без дозвола, „само неколку квадрати“, се узурпира тротоарот за паркинг, „зашто нема друго решение“, се поставува ограда на јавен простор, „зашто никој не го одржува“, се бара легализација на бесправна градба, „зашто сите така прават“.
Ова не е само лицемерие — туку одраз на системска ерозија на довербата. Кога институциите не функционираат, кога законите се менуваат често и селективно се применуваат, граѓанинот се повлекува во логиката на преживување и индивидуален интерес. Разликата меѓу него и инвеститорот е само во обемот и позицијата — не во принципот.
Но токму тука е потребна граѓанска еманципација: да се препознае дека јавниот простор е заедничко добро, не ничие; да се разбере дека урбанизмот е колективна алатка, а не индивидуална спогодба; да се прифати дека одговорноста е споделена — и кај институциите, и кај граѓаните.
Но граѓанската еманципација, што би ги опфатила и општинските служби, инвеститорите и планерите, но и обичните граѓани, нема да се случи сама по себе. Неопходен е силен притисок за подигање на свеста преку:
- Зајакнување на партиципативно планирање – одржување работилници со планери, архитекти, засегнати граѓани, граѓански организации и инвеститори, каде се моделираат решенија за конкретни делови од градот или одделни локации;
- Воведување на етички кодекс за планери и инвеститори, со јасни критериуми за јавен интерес;
- Санкционирањена манипулации со параметри, узурпација и непочитување на зеленилото;
- Признанија за добри практики – награди за најправичен проект, најзелен објект, најинклузивна улица и медиумски стории;
- Кампањи за јавен простор – визуелни и интерактивни, што покажуваат што значи зеленило, пристапност, просторна правда; мапирање на добри и лоши примери – со јавни изложби;
- Интерактивни урбани прошетки што користат QR-кодови што може да се скенираат и се поставени на јавни локации — фасади, паркови, споменици, урбана опрема — а со скенирањето се отвора линк до кратко видео, аудиоводич, историски податок, урбанистичка анализа или визуелна реконструкција и овозможуваат дигитална содржина што го карактеризира просторот.
- Уметнички интервенции во јавен простор – што го враќаат вниманието кон заедничкото и општото добро.
Автори: Даниела МЛАДЕНОВСКА, Сања РАЃЕНОВИЌ – ЈОВАНОВИЌ
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија