Насловна / Арт и дизајн / Најнова туристичка атракција во Париз – скршениот прозорец на Лувр низ кој влегоа крадците

Најнова туристичка атракција во Париз – скршениот прозорец на Лувр низ кој влегоа крадците

Најпосетуваниот музеј во светот беше повторно отворен во средата, прв пат откако четиричлена банда упадна во неговата Аполо галерија во неделата и украде накит од ерата на Наполеон во вредност од 88 милиони евра – најдраматичната кражба во Франција во последните неколку децении.

Долги редици се протегаат околу Кур Наполеон, огромниот главен двор на музејот, и околу стаклената пирамида што служи како влез, додека посетителите трпеливо чекаат на својот ред да видат 33.000 скулптури, уметнички предмети, слики и цртежи.

Меѓутоа, надвор, преку прометниот кеј Франсоа Митеран, спроти импресивната фасада на музејот, помала, но пожива толпа се собира на тротоарот покрај реката, гледајќи кон високиот прозорец делумно скриен зад црни завеси.

„Едноставно е неверојатно“, изјави за „Гардијан“ Алида, која е во посета на Париз со својот сопруг, Махиел, од Бларикум во Холандија.

Двајцата крадци, облечени во светли рефлектирачки елеци како да се работници, користеле мобилна скала и платформа за подигање мебел паркирана на улицата за да се качат и да се влезат низ прозорецот, а потоа со секачи скршиле две витрини со накит.

Избегале на два мотоцикли што ги чекале, носејќи осум парчиња накит, вклучувајќи смарагдна и дијамантска огрлица што Наполеон ѝ ја подарил на својата втора сопруга, Марија Луиз, и дијамантска тиара што некогаш ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.

„Сè изгледа нереално. Замислете – Лувр, домот на Мона Лиза, мора да биде под максимална заштита. Но, се чини дека не е“, вели Фани од Лимож, која го минува училишниот распуст во француската престолнина со својот сопруг Винсент и нивните две деца.

Винсент посочи на професионализмот на операцијата. „Погледнете ја таа фасада: буквално стотици прозорци“, вели. „Тие точно знаеле кој. Влегле и излегле за околу четири минути. Знаеле што прават.“

Сепак, иако кражбата беше спектакуларна, не беше особено изненадувачка, додаде Винсент за „Гардијан“: „Веројатно е речиси невозможно целосно да се обезбеди волку голема јавна зграда. Десетици илјади квадратни метри, милиони посетители… Не е лесно.“

Памела, Том и Тим, од Филаделфија во САД, импресионирани се од прецизното планирање. „Ова е исклучително професионално злосторство“, вели Том. „Како во филм – како во ‘Аферата Томас Краун’“, рече Памела. „Скоро премногу совршено“, додава Тим.

Испрати коментар

Scroll To Top