Кина започна со тестирање на возот CR450 пред неговото пуштање во употреба.
Возот достигна брзина од 450 километри на час за време на тестирањето на брзата железница Шангај-Чонгкинг-Ченгду.
Прототипот CR450 беше претставен во ноември минатата година како брз воз способен да достигне брзина од 400 километри на час и беше подложен на континуирано тестирање по сите параметри.

Пат од 600.000 километри
Сега во последната фаза на тестирање, овој брз воз мора да помине 600.000 километри пред да може да добие дозвола за комерцијален сообраќај.
Со својот последен обид, CR450 го надмина моменталниот рекорд на брзина од 350 километри на час, што ја постигнаа возовите CR400 Fuxing.
Започнат како проект во 2021 година од Кинеската државна железничка група, се очекува овој воз да влезе во комерцијална употреба во 2026 година, по фазата на евалуација.
Го произведуваат подружници на државната корпорација Кинеска железничка компанија (CRRC).

CR450 е опремен со структурни подобрувања. Неговиот преден конус е зголемен од 12,5 метри, колку што имаат постојните возови со брзина до 350 километри на час, на 15 метри, што го намалува отпорот.
Возот има целосно затворена долна шасија и пониски облоги под вагонот, како и дизајнерска филозофија инспирирана од автомобилите со високи перформанси.
Овие перформанси му помогнале на возот да го намали вкупниот отпор за 22%.

Приоритет во дизајнот – намалување на отпорот
Висината на CR450 е исто така намалена за 20 сантиметри, а тежината за 55 тони. Неговите креатори се фокусирале на намалување на отпорот, што било главен приоритет, а тоа помогнало да се постигне драматично забрзување.
Во текот на пет години истражување и тестирање, подобрувањата се мерени во мали чекори од само 0,1%.

CR450 може да забрза од 0 до 350 километри на час за четири минути и 40 секунди. Тоа е 100 секунди побрзо од постојните Fuxing EMU, на кои им се потребни шест минути и 20 секунди за да ја достигнат истата брзина.
EMU е воз направен од вагони на електричен погон, кои не бараат посебна локомотива.
Кинеската националната телевизија, исто така откри и дека земјата го гледа овој момент како голем чекор кон модерни иновации.

Интегрирана транспортна мрежа
Кина управува со најголем глобален систем на брзи железници и автопати, формирајќи интегрирана мрежа што се протега на преку шест милиони километри.
Современите транспортни коридори поврзуваат над 80% од регионите на ниво на округ во Кина, опфаќајќи повеќе од 90% од нејзината економија и население.
Обемот на оваа мрежа беше во полн сјај за време на неодамнешниот празник на Националниот ден, кога беа регистрирани 2,4 милијарди меѓурегионални патувања.
Само железниците превезоа 213 милиони патници, што е во просек 18 милиони патници во возови дневно.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија