Вијадуктот Colne Valley, долг 3,4 километри, проектиран од меѓународното студио Grimshaw Architects завршен е овој месец на југот на Англија и е најдолгиот железнички мост во Велика Британија.
Минувајќи ја долината Koln во близина на селото Denam, оваа структурата ја презема титулата најдолг железнички мост во Обединетото Кралство од мостот Теј помеѓу Фајф и Данди во Шкотска, кој го држеше рекордот од 1887 година.

Кога ќе биде отворен, со вијадуктот ќе сообраќаат возови со голема брзина на контроверзната мрежа HS2, кои ќе се движат со брзина од 321 километар на час, преминувајќи патишта и водени површини северозападно од Лондон.
Освен својата монументална должина, Colne Valley е инженерски потфат со низа број специфични технички решенија. Мостот се состои од 57 распони, при што главните распони достигнуваат и до 80 метри, а колосекот е подигнат на висина од околу 10 метри над земјата. Ширината од 14,3 метри овозможува поминување на двоколска пруга, додека вкупната тежина на конструкцијата надминува 116.000 тони.

Конструкцијата е составена од приближно илјада префабрикувани бетонски лачни сегменти, произведени во посебна фабрика лоцирана веднаш до градилиштето. Секој сегмент тежи помеѓу 60 и 140 тони, лиени со методот „match-cast“, така што прецизно се вклопува во претходниот. На овој начин, се обезбедува максимална точност на споевите и забрзана монтажа на терен.
Потоа сегментите се поврзувани со кабли за преднапрегање и дополнително опремени со шок-апарати кои ги намалуваат силите на кочење при брзина на возовите од над 300 километри на час.

Особено внимание е посветено на дилатационите споеви: конструкцијата е поделена на четири модуларни делови, со размак од околу 900 метри, со цел да се компензираат температурните движења и да се олесни оптоварувањето на столбовите.
Темелите на столбовите се изведени на длабоки пилони, при што оние што стојат во вода се посебено зајакнати поради хидрауличниот притисок и ерозијата. Препознатлив елемент на визуелниот идентитет на мостот се V-столбовите, кои, покрај естетиката, придонесуваат и за статичката ефикасност.

По завршувањето на бетонската надградба, вградени се транспарентни бариери против бучава високи околу четири метри, хидроизолација и систем за одводнување, со што објектот е подготвен за поставување пруги и инсталации. Оваа комбинација од префабрикација, модуларност и софистициран статички концепт го прави вијадуктот Colne Valley еден од најмодерните железнички мостови на денешницата.

Изградбата на вијадуктот Colne Valley ја предводел изведувачот Align, заедно со градежно – инженерската фирма Bouygues Travaux Publics и компаниите VolkerFitzpatrick и Sir Robert McAlpine.
Вијадуктот ги поврзува тунелот Northolt, долг 13,5 километри, кој поминува под Лондон, и тунелот Chiltern, долг 16 кiloмetri, кој е најдолгиот тунел на мрежата HS2.

„Вијадуктот е градба од меѓународно значење и импресивно инженерско дело кое несомнено ќе го издржи тестот на времето“, изјави за Dezeen, виш раководител на проектот HS2, Billy Ahluwalia.
„Неизмерно сум горд на тимот на Align и на нашите партнери во ланецот на снабдување. Нивниот труд создаде впечатлив орјентир на мрежата на HS2 и остави вредно наследство на знаење за идните проектанти, инженери и градежни професионалци“, додаде Coralie Peroux, директорка на проектот во Align.

Моментално се градат повеќе од 50 вијадукти за HS2, мрежата за брза железничка линија што ќе ги поврзува Лондон и Бирмингем. Сепак, предложениот северен крак, подалеку од Бирмингем, е укинат. Проектот предизвика многу контроверзи, делумно поради влијанието врз животната средина врз областа Chiltern, заштитена како област со извонредна природна убавина, низ која поминува железницата.

Фактори што го отежнуваат развојот на проектот се и рапидното зголемување на трошоците, доцнењата и скратувањето на проектот, што значи дека возовите северно од Бирмингем ќе ја користат постојната, побавна железничка инфраструктура.
Вкупната вредност на Colne Valley вијадуктот се проценува на околу 1,89 милијарди евра, што го прави еден од најскапите мостовски објекти некогаш изградени во Велика Британија.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија