Сенегал е западноафриканска држава со богато културно наследство и стратешка положба на Атлантскиот Океан која во последните децении се наметнува како една од најдинамичните држави во регионот, со континуиран економски раст. Иако државата сѐ уште е дел од групата на 44 светски држави кои ООН ги водат како „најмалку развиени“ (политички коректна кованица која денес е замена за терминот „неразвиени“), се прогнозира дека во 2029 година ќе го напушти ова друштво, и ќе премине во групата на држави во развој, со социоекономски параметри кои на идните генерации ќе им ветуваат посреќна иднина дома.

Ова се должи пред сѐ на децениите на политичка стабилност, иако кревка последните неколку години, како еден од клучните фактори за привлекување на странски инвестиции и креирање на нови работни места, луксуз кој го немаат многу африкански држави, осакатени од воени хунти, граѓански војни, немири и насилни промени на власта. Освен ваквата релативна стабилност, која се должи на демократските промени на претседателите (Сенегал е претседателска демократија – заб. на авт.) – иако постоеле обиди за зачувување на власта со недемократски методи – една од најголемите причини за оптимизмот на речиси 19-милионското население за излез од масовната сиромаштија е и ланскиот почеток на производство на нафта и гас, со што Сенегал влегува и во оваа група на светски држави.

Главниот град Дакар претставува политички, економски и културен центар, место каде што традицијата и модернизацијата се испреплетуваат. Во контекст на растечката улога на Сенегал како регионален посредник и домаќин на бројни меѓународни настани, изградбата на современи архитектонски објекти добива посебно значење.

СИНТЕЗА НА КУЛТУРА, ИНОВАЦИЈА И ФУНКЦИОНАЛНОСТ
Еден од најрепрезентативните примери за оваа амбиција е изградбата на Меѓународниот конгресен центар во Дакар, кој не само што ја симболизира современата визија на државата, туку и ја потврдува нејзината подготвеност да биде платформа за глобални дијалози. Објектот кој претставува еден од најзначајните современи архитектонски проекти во Западна Африка е проектиран од реномираното турско проектантско биро Tabanlıoğlu Architects. Изградбата на објектот е завршена во 2014 година – токму навреме за да биде отворен за 15-тиот Самит на франкофонските земји од кој беа дел 75 светски лидери – настан кој послужи и како глобална промоција на тогаш новоизградениот објект.

Изградбата на ваков центар ги симболизира меѓународните амбиции на Сенегал, но и на културниот идентитет и стремежот на државата кон одржлив дизајн во децениите што доаѓаат. Со своите 16.270 квадратни метри површина, центарот претставува повеќе од само обичен функционален простор за состаноци – тој е архитектонско обележје кое ги спојува традицијата, современоста и одговорноста кон животната средина.

БАОБАБОТ КАКО АРХИТЕКТОНСКА МЕТАФОРА
Дизајнот на објектот е инспириран од традицонални сенегалски мотиви, а особено од дрвото баобаб. Во сувиот пустински пејзаж во Сенегал, баобабите отсекогаш служеле како референци за ориентација и прибежиште од сонцето, и како такви станале и природни места за собири – во африканската култура тие симболизираат заедништво, долготрајност и издржливост. Архитектите ја реинтерпретирале оваа симболика преку широкиот брановиден покрив кој се протега низ целиот објект како крошна од баобаб, обезбедувајќи заштита и чувство на заедништво, нагласувајќи ја улогата на конгресниот центар како место за дијалог, преговарање и размена на идеи.

Обликувањето на покривот освен контекстуална и естетска, има и функционална улога. Неговите линии создаваат импресивен визуелен идентитет, видлив од околната урбана средина и од блиските крајбрежни области. Преку инспирацијата од формата на баобабот, архитектите создаваат врска со сенегалската култура, интегрирајќи го објектот во контекстот.

Импресивен е дизајнот на перфорираните кровни метални панели кои обезбедуваат заштита од сонце, намалувајќи го продорот на силните сончеви зраци, а ваквиот дизајн создава динамични сенки кои се менуваат во текот на денот. Со конзолното екстензивно надвишување, не само врз изградените габарити туку и врз меѓупросторите и дел од партерот, овој начун на решавање овозможува и соларна заштита, намалувајќи ја потрошувачката на енергија за климатизација.
Фасадното обликување е комплементно со дизајнот на кровот преку употребата на стакло и алуминиумски панели кои создаваат дијалог на транспарентност и цврстина. Рефлектирачките површини се огледуваат во партерните водени површини кои го симболизираат Атлантскиот Океан, а транспарентните елементи визуелно ги омекнуваат ригидните волумени и заговараат отвореност на објектот.

ФУНКЦИОНАЛНО РЕШЕНИЕ, ЕНТЕРИЕР, МАТЕРИЈАЛИ
Решението во основа е внимателно проектирано покрај ефикасност, да обезбеди и максимална безбедност за високите гости. Функционалното решение генерално ја сместува целата проектна програма на едно ниво – приземното, со исклучок на ВИП-делот кој се развива на две нивоа. Во комплексот може да се влезе од сите страни, при што сервисниот влез е сместен на северната страна. Церемонијалниот претседателски влез низ главното фоаје води директно кон главната конгресна сала сместена во центарот на објектот. Салата претставува висок правоаголен простор со аудиториум со капацитет од 1500 делегати и пространа сцена. Гледалиштето има скалеста поставеност на седиштата за непречен преглед и оптимална акустика. Зад конгресната сала, лево, односно десно, се наоѓаат простории наменети за подготовка на настаните и за лицата кои се стручна придружба на говорниците, како и простории за одмор на ВИП-личности.

Во комплексот може да се влезе и преку јавниот ресторан и преку зоната пред отворениот саемски простор, поставен веднаш до делот во кој се сместени просториите наменети за медиумскиот центар и администрацијата. Целиот овој дел со сегментите за ресторанот, медиумите и администрацијата се наоѓа на западната страна од комплексот. На другата страна, на источниот крај од долгиот коридор е ВИП-влезот кој е поставен помеѓу музејскиот простор и ВИП-блокот, кој претставува посебна целина поврзана со главната сала преку транспарентен мост.

Мостот ги поврзува просторијата на вториот кат наменета за состаноци на кружна маса на високи гости, директно со конгресната сала. Оваа просторија со кружно седење е со капацитет за 75 високи гости, и овозможува максимална приватност и високи стандарди за функционалност и безбедност. Од неа освен во главната сала, директно преку мостот, може да се пристапи и кон приватниот ресторан сместен на вториот кат над музејот.

Внатрешноста на целиот објект, со високите плафони, широките скали, атриумите и отворените скали, нуди чувство на пространост и создава широки комуникациски зони. Сепак, циркулацијата низ целиот објект е внимателно осмислена за да овозможи јасна, но ненаметлива поделба на јавни и обезбедени зони. Балансот помеѓу светлината и сенката, транспарентноста на заедничките простори, но и доверливоста и безбедноста на учесниците е внимателно воспоставена во физичката реализација на проектот. Вградената високотехнолошка опрема и софистицираните системи за врвна безбедност дополнително ја зајакнуваат функционалноста.

Во согласност со неговата функција како место за средби на државници, објектот е моќен и симболизира модерност; едноставен е, но функционален, а неговата експресивност лежи во неговата елеганција. Оригиналноста на конструкцијата која го користи јазикот на современата архитектура гради особена автентичност.

Естетиката на ентериерот ја отсликува мешавината на сенегалската традиција и современата естетика. Употребата на дрвото, локалниот камен и природниот малтер е во духот на локалната градителска традиција, а контраст на ова е екстензивната употреба на стаклото и алуминиумот. Оваа комбинација освен безвременска елеганција, нуди и издржливост која е неопходна за простории со голем проток на луѓе. Подеднакво се користи и природното, но и вештачкото светло кое е енергетски ефикасно и пријатно за корисниците. Перфорираните површини, кровното светло и рефлектирачките површини создаваат динамичен амбиент кој се менува низ денот. Мебелот е ергономски и модуларен, а со таквата флексибилност може да опслужи различни настани.

ОДРЖЛИВОСТ, ЕКОЛОГИЈА, ИНТЕГРАЦИЈА, ПЕЈСАЖ
Објектот е проектиран за да користи пасивни стратегии за ладење. Рефлектирачките базени околу комплексот освен што додаваат естетска вредност, ја ладат околната средина. Ориентацијата на објектот ја максимизира природната вентилација. Перфорациите на кровот овозможуваат дифузна дневна светлина, намалувајќи ја потрошувачката на електрична енергија. Објектот е одличен пример за кохерентен дизајн кој спојува архитектонска форма, културна симболика и одговорност кон животната средина.

Конгресниот центар е внимателно интегриран во урбаното ткиво на Дакар, сместен во зона која од неодамна почна да се урбанизира. Пристапите за пешаци и возила се јасно организирани со цел максимално ефикасно и безбедно движење кон и околу објектот. Водените површини околу објектот, но и уредувањето на партерот со автохтона вегетација, го зајакнуваат дијалогот на објектот со неговиот контекст. Пространите плоштади околу габаритот создаваат јавни собиралишта, го поврзуваат конгресниот центар со заедницата и го потврдуваат како нов граѓански симбол на градот. Во описот за својот проект, архитектите од Tabanlıoğlu Architects се служат со насловот „А roof for peace“ или „Покрив за мир“. Токму со дизајнот на кровот, внимателно проектираното решение и силната симболика, проектот е пример за архитектура која е практична, одржлива и репрезентативна.

* * * * *
Tabanlıoğlu Architects со седиште во Истанбул, основано е во 1956 година од д-р Хајати Табаниоглу, турски архитект. Денес компанијата е водена од Мурад Табанлиоглу, Мелкан Табанлиоглу и Оздем Гурсел. Во своето портфолио, Tabanlıoğlu Architects ги вбројуваат аеродромите „Ататурк“ во Истанбул и „Милас-Бордум“ во Бодрум, стадионот „Астана“ во Астана, Казахстан, културниот центар „Ататурк“ во Истанбул, Музејот на современата уметност во Истанбул итн.
Студиото е познато по својата способност да ги интегрира локалните културни елементи со современи архитектонски решенија, умешно создавајќи објекти кои се во чекор со времето, но во склад со традицијата.
Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија