Насловна / Архитектура / Архитектонскиот факултет учествуваше на Летната школа во Реџо Калабрија

Архитектонскиот факултет учествуваше на Летната школа во Реџо Калабрија

На почетокот на месец јули 2025 година, Архитектонскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје учествуваше на првата сесија на Mediterranean Advanced School of Architecture (Med_ASA) и на Интернационалната летна школа организирана од Факултетот за архитектура при Универзитетот Медитеранеа во Реџо Калабрија во соработка со Универзитетот Федерико II во Неапол, Италија. Овој настан го означи и почетокот на новата транснационална програма SULIEIA (Supporting Universities in Digital Transition, Educational Innovation & Environment Protection, Fostering the Launch of Italian Educational Institutions Abroad), поддржана преку Националниот план за обнова на Италија (PNRR), во рамките на мисијата за интернационализација и унапредување на високото образование.

Архитектонскиот факултет – Скопје е вклучен како академски партнер во оваа програма, заедно со четири високопозиционирани европски институции од областа на архитектурата: (Università degli Studi “Mediterranea” di Reggio Calabria – UNIRC; Università degli Studi di Napoli “Federico II” – UNINA; Polis University, Tirana, Albania – POLIS; University of Montenegro, Podgorica, Montenegro – UCG). Програмата Med_ASA е насочена кон унапредување на знаењата и проектантските вештини на група студенти, преку методолошка рамка што ги комбинира архитектонскиот проектантски процес со истражувачки активности.

Се работи за програма која преку експериментален процес на работа, концептуално тестира сложени архитектонски интервенции во современи урбани контексти, со особен акцент на териториите што се наоѓаат на периферијата или надвор од утврдените урбани јадра.

Летната школа во Реџо Калабрија претставуваше воведен модул, каде учесниците беа вклучени во предавања, тематска работилница, теренски истражувања и интернационални дискусии. Оваа интензивна академска платформа овозможи соработка меѓу професори, студенти и истражувачи од различни земји, со што се овозможува проширување на знаењата, критичко преиспитување на методологиите и развивање на нови проектантски стратегии применливи во различни урбани контексти.

Учеството на претставниците од Архитектонскиот факултет – Скопје на Летната школа во Реџо Калабрија, вклучуваше исто така презентација на локални урбани и архитектонски предизвици и размена на знаења со претставници од Италија, Албанија, Египет и Црна Гора. Оваа соработка претставува значаен чекор кон понатамошна интернационализација на македонската архитектонска едукација и нејзино активно вклучување во европските истражувачки и едукативни мрежи.

Соработката на Архитектонскиот факултет – Скопје со програмата Med_ASA се развива во текот на една година, а конкретно ќе се реализира преку студиото РАСТ 2.0 со студенти од петтата година на студии на Архитектонскиот факултет. Ова студио континуирано работи и се развива веќе единаесет години под менторство на проф. д-р Слободан Велевски и проф. д-р Марија Мано Велевска, со учество на доц. д-р Благоја Бајковски во последните пет години, и е посветено на истражување на трансформативните аспекти на урбаноста во услови на постојани квантитативни промени. Клучниот концепт е растот, третиран како инхерентна и витална карактеристика на секој урбан систем. Притоа, растот се разгледува не само преку изграденото, туку и преку неизграденото градско ткиво, што води кон концептуално разбирање на нерастот како составен дел на урбаниот развој.

Секоја проектантска сесија во рамки на студиото го испитува потенцијалот на колективниот домен, како посреднички простор помеѓу јавниот и приватниот интерес, а архитектурата ја третира како алатка за препознавање и создавање на нови социо-просторни релации. Работата опфаќа различни програмски теми – од домувањето и митот за домашниот простор, до јавниот простор и архитектурата на колективниот хедонизам. Проектите се движат низ повеќе размери (од територијален, преку урбанистички, до архитектонски размер, но не исклучиво последователно) и секогаш промовираат критичка архитектонска мисла, контекстуални интервенции и развој на урбани стратегии со силна концептуална основа.

Програмата Med_ASA е замислена како надградба на формалното образование – т.н. add-on training – наменета за студенти од завршната година од студиите по архитектура, со аналитичко размислување и склоност кон иновативност. Преку мултидисциплинарни и интегрирани курсеви, практична работа и семинари, студентите се подготвуваат за самостојно и тимско решавање на проблематики поврзани со јавниот простор, инфраструктурата, екологијата и социокултурната димензија на архитектурата.

Учесници:

Наставен кадар: проф. д-р Слободан Велевски, проф. д-р Марија Мано Велевска, доц. д-р Благоја Бајковски

Студенти: Марија Јакимовска, Еранда Хамити, Деа Бектеши и Теона Трајковска

Автор: доц. д-р Благоја БАЈКОВСКИ, Архитектонски факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

 

Испрати коментар

Scroll To Top