Азиската метропола крие ентериер што ја брише границата помеѓу уметноста и шопингот, внесувајќи сосема нова димензија во искуството на купување.
Во време кога повеќето продавници играат на сигурно, еден бутик во Куала Лумпур одлучи да оди по сосема спротивниот пат.

Просторот е обликуван како еден вид „сонлив пејзаж“ во кој реалноста престанува да важи, а правилата на традиционалниот малопродажен дизајн бескомпромисно се уриваат.

Тука, индустриските елементи се судираат со фантазијата, а секојдневните предмети стануваат дел од надреално сценарио.

Излог како сцена
Уште при првата средба, излогот на бутикот Клуб 21 го открива тонот на целата приказна замислена од архитектонското биро DualSpace Studio: во самиот центар се наоѓа сјајна, зголемена сина „карпа“, која се открива како скриен постамент за производи.

Наместо рефлектор, хируршка ламба го осветлува просторот, фрлајќи ладен, речиси вонземјен сјај врз овој необичен артефакт.

Три зони на соништа
Внатрешноста е поделена на три целини, секоја со сопствена логика. Голем заоблен столб опкружен со подвижни ленти направени од не’рѓосувачки челик предизвикува асоцијации на фабрички хали, но трансформирани во модни писти. Над неа се наоѓа огледало кое ги рефлектира сцените и благо ја искривува перспективата.

Во близина е и маса направена од заштитни огради од автопат, бруталистички елемент што во овој контекст делува речиси апсурдно.
Продажниот пулт, пак, е изграден од слоеви перници од џинс, воведувајќи мекост и топлина во контраст со индустриската естетика.

Облека како инсталација
Начинот на кој е изложена облеката исто така не е типичен – таа виси на шини направени од челични пружини, додека кабините за пресоблекување изгледаат како винтиџ лифтови обложени со црвен плиш. Овие простори додаваат доза на театар и старински шарм на инаку надреалниот ентериер.

Уметноста на купувањето
Овој бутик не е само место каде се купува гардероба, туку простор што ја предизвикува перцепцијата и ги менува очекувањата.

Хируршките ламби стануваат галериски рефлектори, уличните елементи стануваат постаменти, а малопродажбата се трансформира во уметничка инсталација што е истовремено надреална и сосема неочекувана.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија