Нова Горица (Словенија) и Горица (Италија) сочинуваат ретка урбана ситуација, каде што двата града се одделени само со речиси невидлива линија на државната граница. Новата железничка станица во Нова Горица и подвозникот Вртача им служат не само на патниците и велосипедистите, туку стануваат и заеднички јавен простор и симбол на поврзување.

Со намалување на бројот на колосеци, отворен е простор за пешачка врска под железничката пруга, со што за прв пат е обезбеден директен и безбеден премин помеѓу центрите на двата града. Проектот покажува како железницата, од симбол на поделба, може да прерасне во платформа за соработка и урбана кохезија.

Историската железничка станица Трансалпина, отворена во 1906 година, долго време стоела како симбол на политичка и просторна поделба, сместена само на неколку метри од границата на плоштадот Трансалпина.

Оваа интервенција потпишана од SADAR + VUGA подразбирала редукција на постојниот систем од 14 колосеци на шест и изградба на нова централен островски перон.

Со ова се отворил простор за нова пешачка врска под железницата, односно подвозникот Вртача, просторна и симболична врска што ја подобрува мобилноста, пристапноста и урбаната кохезија, обезбедувајќи за прв пат безбеден и директен премин помеѓу центрите на два града.

Подвозникот под пругата внимателно е обликуван за да ја надмине својата утилитарна функција и да стане светол, гостопримлив јавен простор.
Од подвозникот, посетителите се искачуваат на плато преку широки скали или спирални рампи за велосипедисти кои се обвиткуваат околу обемот на плоштадот.

Материјалите играат клучна улога во обликувањето на карактерот на просторот. Така, сјајните бели керамички плочки ја рефлектираат дневната светлина што влегува од двата краја и низ централниот светларник над островскиот перон, создавајќи добро осветлена и пријатна атмосфера.

Подот е поплочен со керамички плочки во две нијанси на црвено-кафеава, со што се разликуваат пешачки и велосипедски патеки.
Оваа вибрантна подлога продолжува и во областа на плоштадите, каде што влезните црвено-кафеави површини се во контраст со зелените падини кои визуелно ја омекнуваат интервенцијата и воведуваат елемент на природата.

Дополнителни природни карактеристики се дождовните градини во центарот на секој плоштад, кои собираат вода и помагаат во регулирањето на нејзиното ниво околу подвозникот за време на периоди на обилни дождови.

Важен дел од проектот бил и реновирањето и реставрацијата на зградата на станицата Трансалпина. Ентериерот е редизајнирана за да служи за современи функции, со акцент на влезното лоби, кблагајните и новата чекална.

Клучните елементи на наследството, вклучувајќи ги оригиналните поплочувања, дрвените ѕидни облоги, новооткриените мурали и настрешницата на бочниот перон, реставрирани се во тесна соработка со Заводот за заштита на културното наследство (ZVKDS).

Подвозникот Вртача веќе станал витална урбана инфраструктура и секојдневна рута за велосипедисти, патници и жители. Тој го редефинира не само начинот на преминување на пругата, туку и значењето на границата и тоа не како место на поделба, туку како заеднички простор.
Со проектот Нова Горица и Горица ја претвораат границата во место на културни средби, поставувајќи инспиративен модел на европска прекугранична соработка.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија