Пешаците денес одат 15% побрзо и застануваат на јавни површини 14% помалку отколку порано, според студија спроведена од Senseable City Lab на MIT, истражувачка лабораторија предводена од архитектот Карл Рати.
Користејќи компјутерски вид и вештачка интелигенција за анализа на видео-снимки од четири јавни простори во три американски градови, студијата открила дека брзината на одење значително се зголемила помеѓу 1980 и 2010 година, додека бројот на луѓе што застануваат или комуницираат се намалил.

Според наводите на истражувачите, студијата сугерира дека урбанистите ќе мора повеќе да работат отколку во претходните децении за да ги охрабрат луѓето да забават и да имаат позитивни социјални искуства.
„Овој тренд сугерира дека луѓето ги перцепираат градските улици сè повеќе како коридори за движење, а сè помалку како места за социјална интеракција. Резултатите укажуваат на промена во динамиката на градот, каде што ефикасноста сè повеќе го одредува начинот на кој се користи јавниот простор, што може да влијае на социјалните врски и улогата на овие простори во градењето заедница“, се наведува во трудот објавен на крајот на јули во списанието PNAS.

Истражувачите споредиле видео-снимки од неколку градови во Америка од 1980-тите, направени од урбаниот планер Вилијам Х. Вајт, со видеа од 2010-тите, собрани од социологот Кит Хемптон. Со користење на ВИ модел, издвоени се луѓе од снимките, измерени се брзините на одење, насоките на движење, и дали луѓето се групираат заедно или меѓусебе се дружат.

Историски и современи снимки од четири јавни простори: (A) Кадри извлечени од видеа од 2010-тите (B) Кадри извлечени од видеа од 1980-тите (C) Локација на проучувани места и нивните соодветни граници. Границите се дефинирани со користење на заедничко видно поле и во архивските и во современите снимки на секоја локација | Извор: MIT
Какви се резултатите?
Истражувањето двело до податоци дека брзината на одење се зголемила од 1,25 на 1,41 метри во секунда, што е зголемување од 15%. Од друга страна, уделот на луѓе кои застануваат на улица за да се одморат или да разговараат се намалил од 43% на 26%.
За време на студијата, истражувачите забележале дека во снимките од осумдесетите, една од дваесет особи остварила интеракција со некого во околината, додека во текот на втората деценија од 21 век, тоа го правела само една особа од педесет.
Зошто се случува ова?
Истражувачите наведуваат неколку фактори: гентрификација и зголемување на нивото на приходи; мобилни телефони, т.е. повеќе нема чекање пријатели на плоштад; култура на кафулиња, т.е. луѓето претпочитаат да седат во затворено отколку надвор; променет стил на живот што довел до забрзување на секојдневието.

Брзина на јавни простори. (А) брзина на одење на пешаци за сите локации во 1980-тите и 2010-тите (В) варирање на брзината меѓу луѓето за сите локации во 1980-тите и 2010-тите. (С) варирање во брзината на одење кај луѓето по локација | Извор: МИТ
Што значи ова за градовите?
Авторите истакнуваат дека квалитетно обликување на просторот сè уште може да ги поттикне луѓето да се собираат и да се задржуваат, како што се на пример скалите на Метрополитен музејот, кои сè уште ги привлекува луѓето да седат и да се дружат, иако помалку од порано.
Тимот на MIT вели дека нивниот следен чекор во истражувањето е анализирање на 40 јавни плоштади во Европа, со цел да ја споредат ситуацијата во Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Карло Рати, директор на Senseable City Lab и куратор на овогодинешното Венециско архитектонско биенале, вели: „Јавниот простор е поважен денес од кога било. Во дигиталното доба, тој е едно од последните места каде што сè уште постојат демократија и заеднички живот.“
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија