Британското архитектонско биро Foster + Partners неодамна го претстави проектот на „елегантен“ облакодер во Асунсион, главниот град на Парагвај, кој ќе биде новото седиште на банката Sudameris, најголемата банка според вкупната актива во оваа јужноамериканска земја.
Наречен Sudameris Plaza, објектот од 39 ката ќе биде висок 188 метри, што го прави највисоката планирана зграда во Парагвај, надминувајќи ја постојната кула Icono Tower од 142 метри. Кулата ќе ги содржи канцелариите на банката на првите шест ката и на двете највисоки нивоа, додека во средниот дел ќе има комерцијални деловни простори.

Рендерите прикажуваат серија правоаголни бетонски рамки што го обвиткуваат застаклениот средишен дел на зградата. Во основа, овие рамки благо се закривени навнатре, додека се шират на врвот. Предвидено е да се организираат малопродажни простори на приземјето, сместени веднаш до стаклениот блок, градината и пејзажно уредениот плоштад.

„Елегантната кула се издига од зелените, засенчени градини во подножјето, создавајќи возбудлива нова дестинација со кафулиња, продавници и социјални простори целосно нурнати во природата“, изјави за Dezeen Дејвид Самерфилд, раководител на студиото во Foster + Partners.

Како што истакнува архитектот, зеленилото се протега по должината на зградата преку висечки градини, подобрувајќи ја благосостојбата и нудејќи разновидни простори за одмор и нови врски со природата.
Планирано е посетителите да влегуваат во објектот преку двокатно лоби, кое ќе биде малку повлечено од линијата на улицата, и зад пејзажно уредениот плоштад.

Нов зелен симбол на градот
Внатре, отворени работни простори ќе бидат сместени на северната страна од зградата, додека просторите за соработка ќе бидат на југ, со поглед на новата јавна градина.

Канцелариските нивоа на два и три ката ќе бидат поврзани со надворешни тераси, а на самиот врв од зградата ќе има приватни канцеларии, сала за состаноци и галериски простор.
„Воодушевени сме што соработуваме со банката Sudameris за да создадеме нов зелен симбол за градот“, заклучи Самерфилд, виш извршен партнер и раководител на студиото во Foster + Partners.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија