И покрај исклучително силниот земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди рускиот полуостров Камчатка, нема човечки жртви, додека неколку лица се полесно повредени, а материјалната штета е минимална.
Еден од најсилните земјотреси на сите времиња
Камчатка и рускиот Далечен Исток се наоѓаат на Тихоокеанскиот огнен прстен – геолошки активно подрачје познато по силни земјотреси и вулкански ерупции, бидејќи тука се среќаваат и судираат неколку големи тектонски плочи. Затоа, Камчатка е една од сеизмички најактивните области во светот и често доживува силни земјотреси.

Според податоците на Руската академија на науките, ова е најсилниот земјотрес во регионот од 1952 година. Со магнитуда од 8,8 степени се рангира меѓу десетте најсилни земјотреси во регистрираната историја. Според разорноста, се рангира веднаш до земјотресот што ја погоди Јапонија во 2011 година и предизвика цунами и нуклеарна катастрофа во Фукушима.
Земјотресот на камчатка предизвика цунами во висина до четири метри, а градот Северо-Курилск беше делумно потопен. Земјотресот предизвика штети на зградите и доведе до предупредувања и евакуации во неколку земји од Пацификот. Но најважно е дека нема човечки жртви. Инаку Камчатка е ретко населена област – целиот полуостров брои 342.000 жители.
Во Петропавловск кој е сместен на брегот на заливот Авача и е главниот град на регионот со 165.000 жители, клучната инфраструктура остана недопрена. Меѓународниот аеродром работи без прекин, а една од ретките пријавени штети е на фасада на градинка која во моментот се реновира и во време на земјотресот немало деца и персонал.

Население навикнато на земјотреси
Градоначалникот на округот, Александар Овсјаников, изјави дека евакуацијата е извршена брзо и ефикасно: „Сите луѓе се во безбедни зони“. Гувернерот Валериј Лимаренко нагласи за руските медиуми: „Најважно е што нема жртви. Нашите жители на Северните Курилските Острови се искусни, не се прв пат во ваква ситуација. Дури 2.400 луѓе навремено преминаа на повисоки места“.

Експертите истакнуваат дека високото ниво на подготвеност на населението – кое вклучува голема спремност на локалното население, редовна едукација, вежби за евакуација и брза реакција на надлежните служби, но и градба прилагодена на стандардите што им овозможуваат на објектите да издржат значителни сеизмички влијанија – било клучно за избегнување на големи последици.
За разлика од катастрофата во 1952 година, кога над 2.000 луѓе загинале во Северен Курилск, сегашната ситуација покажува колку подготвеноста и брзата реакција можат да значат во борбата против природните катастрофи.

Хирурзите и покрај земјотресот, не се помрднуваат и ја продолжуваат операцијата
Вирално видео од операционата сала на Камчатка, во моментот кога разорен земјотрес тресе сè наоколу, го обиколи светот. Додека хирурзите, и покрај земјотресот, не се помрднуваат ни милиметар и ја продолжуваат операцијата, многумина го поставија истото прашање: како зградата остана стабилна за време на земјотресот со јачина од 8,8 степени? Одговорот лежи во инженерството – поточно, земјотресното инженерство.
Додека земјата се тресе со сила што го менува пејзажот и луѓето во паника трчаат на улиците, видео од операциона сала на рускиот полуостров Камчатка го прикажува хируршкиот тим како мирно ја продолжува операцијата, иако просторијата се тресе неколку минути – додека надвор се случува земјотрес со јачина од 8,8 степени.
Што е клучно болница да остане не само недопрена, туку и целосно функционална

Експертите објаснуваат што е клучно една болница да остане не само недопрена, туку и целосно функционална во моменти кога тлото се тресе со огромна сила. За да може болница како онаа на Камчатка да издржи толку разорен земјотрес и да не претрпи никаква штета што би ја загрозила нејзината функција, мора да бидат исполнети неколку клучни предуслови:
- Избор на локација и анализа на ризик
Се спроведува преку соодветни геофизички истражувања и геодинамички пресметки на сеизмичкиот хазард на одредена микролокација.
- Систем на темелење
Ова е многу важен фактор, бидејќи земјотресот не доаѓа од „воздух“, туку сеизмичките сили токму преку темелите, се пренесуваат на остатокот од конструкцијата
- Избор на конструктивен систем и конструктивни детали
Овој сегмент претставува најмала непознаница за сите конструктивци вклучени во земјотресното инженерство
Секој конструктивен елемент, од столбови до споеви, мора да биде проектиран да ги издржи екстремните хоризонтални сили генерирани од земјотрес. А во идеални услови, се користи и динамичка анализа на интеракцијата помеѓу почвата и конструкцијата, што овозможува прецизно предвидување на однесувањето на зградата во случај на земјотрес.
Во контекст на растечкиот сеизмички ризик и климатските предизвици, примерот од Камчатка нè потсетува: конструктивната отпорност не е луксуз, туку предуслов за безбеден и функционален град.
Камчатка нè учи и една едноставна, но важна работа: подготвеноста спасува животи.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија