Градовите се посебно ранливи на климатските промени, а дрвјата се многу ефикасно средство за борба против урбаното прегревање. Градот Виена тоа многу добро го знае и вложува исклучителни напори со цел ги заштити и негува 500.000 дрвја колку што ги има ширум градот. Имено, за нив се задолжени над 70 работници на градската служба, кои во текот на целата година редовно ги прегледуваат и негуваат. Во лето, грижата дополнително се зајакнува со 150 вработени. Грижата е особено интензивна за младите стебла. Тие се залеваат рачно еднаш до два пати седмично, во зависност од временските прилики. Таму каде што не е можно автоматско наводнување, се користат 25.000 посебни вреќи за залевање, кои се полнат со 75 литри вода и полека отпуштаат влага до коренот. Дополнителни 100 литри вода се додаваат директно во почвата околу стеблото. Во моментот има повеќе од 1.000 автоматски системи за наводнување. Нивниот број постојано расте.

Една од најиновативните методи кои Виена ги применува е техниката која го проширува коренскиот простор на стеблото, со што се овозможува задржување и користење на дождовницата директно во тлото. На тој начин стеблата подобро ја поднесуваат сушата и високите температури, а воедно се подобрува градската микроклима и придонесува за биоразновидноста. Но, освен на методите на заштита и негување, големо внимание се посветува и на изборот на видовите на стебла. Имено, се почесто се избираат стебла кои се поотпорни на суша, како што се јапонската софора, американскиот брест, полскиот јавор, амурскиот јавор и сл. Благодарение на внимателната и стручна нега, Виена бележи исклучително низок процент на изумирање на младите стебла, односно само 0,5% годишно. Загубите главно се последица на механички оштетувања, вандализам или екстремни временски непогоди.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија