Насловна / Вести / Еконастани за еколошки посвесни и активни скопјани

Еконастани за еколошки посвесни и активни скопјани

На ист начин на кој нам – луѓето ни се потребни јавните простори, потребни ни се и настаните кои му вдахнуваат живот на градот и имаат потенцијал да го раздвижуваат секое мало и заборавено ќоше во истиот.  Но, не само концертите, забавите, изложбите или претставите се тие кои му се потребни на градот, туку и најразличните тематски настани што ги организираат граѓани, активисти, организации, а за кои можете да дознаете од социјалните мрежи и од медиумите.

Тоа што овие настани нудат е учење нешто интересно и корисно, запознавање на нови луѓе и иницијативи, споделување мислења, идеи, искуства и можности да се инспирирате за следните чекори во вашиот живот, кариера и секојдневие.

Бостание 

Токму вакви настани, речиси секојдневно се организираат во градот. Од работилници и дискусии за животната средина, до маратони во трчање, акции за собирање отпад, настани за подигање на свеста за одредени болести, особено за ретките болести и сл. Во редицата настани периодов, беа и серијата од пет едукативни ГЕА-посети што граѓанската организација Еко Логик (Eco Logic) ги организираше за скопјани.

 

Настаните започнаа во април со посета на млад, локален производител на храна во селото Раштак – Скопска Црна Гора и продолжија во текот на мај, кога и завршија со посета на Пирустија Неданоски во село Рамне – Охрид. Измеѓу посетите на двете села, во рамки на кои скопјани можеа да уживаат во свеж воздух, вкусна храна и зеленило, Еко Логик организираше и посета на урбаната општествена градина Бостание, Ретвитни оброк и Отворената градска лабараторија.

фарма за кози во Раштак

Сите пет настани имаа за цел да ги запознаат скопјани со различните начини преку кои можат да делуваат како промотори и заштитници на природата, било самостојно или во соработка со организациите и со активистите. Па така, посетата на фарма за кози во Раштак, не само што им покажа уште една живописна локација за бегство од летните горештини, смогот, метежот и загадениот воздух, туку им ја претстави приказната на Давид и вкусните сирења и други млечни производи што тој и неговото семејство ги подготвуваат.

фарма за кози во Раштак

Посетата на фармата во Раштак, не само што побуди интерес кај возрасните, меѓу кои и пензионерите, туку поттикна и многу млади, а и родители со деца да ни се придружат. Во Раштак, можеше да се вкуси тазе крем сир, да се галат јариња и кози, да се запознаат најпалавите од козите и кучињата чувари, да се чуе што сè е потребно за да се заштити природата при одгледувањето кози, како и да се произведе и дистрибуира квалитетно козјо сирење.

Бостание 

Во Бостание пак, кое е сместено во локален парк во населбата Ново Лисиче, повторно, скопјани од најмали до повозрасни, односно пензионери, имаа можност да ги видат и да се запознаат со иницијаторите на градината, како и со градинарите кои таму одгледуваат зеленчук и овошки. За учество на настанот, скопјани беа поканети да донесат семе или расад од сезонски зеленчук, да понесат ракавици и со помош на младиот агроном Филип и активистот Димитар да посадат дел од истите. Посетата на Бостание беше одлична можност за сите оние кои сакаат да градинарат, кои веќе имаат свои мали градини или кои се интересираат да стартуваат своја своја мала урбана градина да дознаат нешто повеќе за правилно и успешно градинарство.

биотехнолошка лабораторија во Средното хемиско училиште

Во првата отворена биотехнолошка лабораторија, инаку сместена во Средното хемиско училиште, скопјани можеа да продискутираат за биотпадот во градот и потенцијалот за негова трансформација во корисни производи. Дополнително, скопјани се запознаа со  серија интересни експерименти што учениците ги прават со органскиот отпад, како и со можностите што лабораторијата им ги нуди на фирмите за тестирање на нивните идеи за обработка на биоотпад. Посетата на лабораторија имаше за цел да ги инспирира скопјани да го селектираат и искористат органскиот отпад.

Ретвитни оброк

На претпоследниот настан организиран во мај, скопјани беа поканети на заедничко хуманитарно готвење со активистите од Ретвитни оброк. Целта на настанот беше преку директно учество во редовното петочно готвење во Ретвитни, да се запознаат со иницијативата која готви топли оброци за бездомниците во градот, сè со цел да се поттикнат скопјани да се вклучат во иднина, или да организираат слични иницијативи во нивните соседства, повторно, користејќи локални производи, сезонски зеленчуци итн.

Ретвитни оброк

Крајот од серијата настани беше резервиран за посета на прекрасното село Рамне, каде професорката Весна раскажа и покажа што Пирустија Неданоски прави за да поттикне рурален туризам и да ја промовира локалната храна и традиција. Во Рамне можеше да се научи како да се подготви традиционална пита или зелник, како и да се ужива во вкусни локални јадења.

Во периодот што следува, скопјани ќе можат да се приклучат на други слични и поразлични ГЕА-настани кои ќе ги организираат Eco Logic со цел да се поттикне дискусија за локални еколошки предизвици, политики и иницијативи, како и да се запознаат со бенефитите од нивното учество во еколошки и климатски акции и истражувања.

Автор: Стојне ТОДОРОВСКА

Испрати коментар

Scroll To Top