Насловна / Архитектура / Во Лион прогласени победниците на студентскиот архитектонски конкурс за 2025 година

Во Лион прогласени победниците на студентскиот архитектонски конкурс за 2025 година

Во Лион се одржа јубилејниот 20-ти меѓународен конкурс Saint-Gobain Architecture Student Contest, на кој учествуваа студенти од 33 земји од светот и од повеќе од 200 универзитети. Но за жал од Македонија не учествуваше ниту еден архитектонски факултет, за разлика од универзитетите од регионот чии студенти се натпреваруваа.

Овогодинешната задача подразбираше изработка на проект за станбен објект за гостувачки студенти и професори во населбата Villefontaine, во близина на „Les Grands Ateliers“ во Франција, како и реновирање на старо училиште во Chimilin, со негово пренаменување во повеќенаменски простор за локални здруженија и организации.

Целта на задачата беше да се поттикне развојот на периферните градски и селски среини во регионот кој се наоѓа на раскрсница на Европа, со применување на принципите на одржливост, како што се намалување на јаглеродот и енергетска ефикасност, за да се обезбеди минимално влијание врз животната средина.

Пет награди од жирито

На овогодинешниот Saint-Gobain Architecture Student Contest натпревар наградени се пет труда. Првото место го освои Франција со проектот „Од знаење до создавање“ (From Knowledge to Making), второто место ѝ припадна на Естонија за проектот „Чувство за заедница“ (Sense of Community), додека третото место им припадна на студентите од Кина за „Енергетско сидро“ (Energy Anchor).

Колумбија со проектот ,,Emboîté Nomad” ја освои наградата на наставниците, а Романија ја доби наградата од студентите за проектот ,,Yellow”. Меѓу десетте најдобро пласирани тимови се студентите од Латвија, Литванија, Малезија, Полска и Словачка.

Самото искуство од презентирање на проектот во строго дефинирани услови и пред публика од идни колеги од целиот свет е непроценливо за студентите по архитектура. Согледувањето на решенијата на другите колеги, како и на наградените трудови, дава можност за критички осврт на сопствената работа и размислување за задачата, и уште една можност за учење и усовршување.

20 години во промоција на одржливоста

Овој јубилеј потсетува на важноста на натпреварот и неговото започнување во 2004 година, кога за прв пат се одржа во Белград, а чија цел беше да им овозможи на студентите по архитектура, инженерство и дизајн да стекнат знаење и искуство преку решавање проекти базирани на реалните потреби на локалните заедници.

Една од главните идеи на овој натпревар е и зачувувањето на планетата и одговорното проектирање, како и создавањето простор што придонесува за поздрава и поодржлива средина за сите. Иновативните и инспиративни проекти на младите генерации креираат поинаква архитектура на иднината во служба на создавање средина што е корисна и одржлива.

Испрати коментар

Scroll To Top