Поради екстремно високите температури во Европа во последните денови, некои нуклеарни електрани во Швајцарија и Франција биле принудени целосно да се затворат, бидејќи високите температури го ограничуваат расположивото количество на вода за ладење од локалните реки. Имено, за потребите на ладењето на постројките, електраните пумпаат вода од локалните реки или мориња, која потоа со повисока температура ја вражаат назад во водените површини. Но, топлотниот бран креира состојба во која водата која се пумпа кон електраните за ладење, веќе е со повисока температура, па доколку дополнително се загрее во процесот на ладење на електраните, ќе биде закана за биодиверзитетот, односно водата која ќе се врати назад во реките ќе биде претопла.

Затоа, компанијата Axpo, која управува со нуклеарната електрана Beznau во Швајцарија, соопштила дека затворила еден од своите реактори, додавајќи дека вториот реактор работи со ограничен капацитет. Во меѓувреме, француската електроенергетска компанија EDF, ја затвори нуклеарката Golfech, која се наоѓа покрај Тарн и Гарона, поради предупредувањата за екстремни жештини во регионот, и загриженоста дека локалната река би можела да се загрее до 28 степени. Франција има вкупно 57 активни нуклеарни реактори во 18 електрани.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија