Насловна / Вести / Белградскиот бар KISSA10 носи комбинација од јапонска естетика и балкански сензибилитет

Белградскиот бар KISSA10 носи комбинација од јапонска естетика и балкански сензибилитет

Во нов простор во центарот на Белград, студиото Yasno комбинира инспирацијата од јапонските барови и боите на Балканот, создавајќи уникатно место за музика, дружење и пијалок.

Во самото срце на Белград се отвори KISSA10 – бар кој ги поместува границите во начинот на кој го доживуваме просторот, звукот и светлината. Зад неговиот ентериер стои Димитриј Рјабак, основач и дизајнер на студиото Yasno, кој открива како настанала оваа необична комбинација од јапонски и балкански влијанија.

Концептот, вели тој, е инспириран од јапонските „izakaya“ барови од средината на 20 век, аудиофилски соби за слушање и богатата палета на локални бои. „Сето тоа го споивме во атмосфера што сакаме да ја наречеме ‘белградски коктел стил’“, објаснува Рјабак.

Од стан до бар

Затечената состојбата била предизвикувачка: четири одделни простории распоредени околу ходник и дотраени материјали изискувале темелна интервенција. По отстранувањето на преградите, три простории се поврзани во главниот дел на барот, додека четвртата е претворена во „chill” зона со тапациран мебел. Ходникот е преобликуван во техничка зона со лабораторија, тоалети и излез кон терасата на покривот.

„Немаше поголеми проблеми во проектирањето, но изборот на материјали и опрема беше комплексен. Србија е нов пазар за нас и штотуку воспоставивме многу соработки“, вели авторот, кој е од Русија.

Детали што прават разлика

Внатрешноста се карактеризира со едноставни површини во комбинација со топли материјали. Ѕидовите и таваните се малтерисани и обоени, додека декоративните елементи се изработени од иверица и затемнето стакло. Кујната е целосно обложена со плочки, а подот е направен од цементна маса со епоксиден завршен слој.

Акустиката на просторот е внимателно решена во соработка со изведувач специјализиран за звучни системи. „Целата звучна опрема ја интегриравме во DJ пулт, со скриени кабли во подот и прецизно позиционирање на звучниците“, вели Рјабак.

Осветлувањето е уште еден важен аспект, внимателно планиран. „Светлината е клучна. Уверен сум дека секој извор треба да биде пригушен. Користиме ротациони затемнувачи како едноставно, но неверојатно ефикасно решение.“

Дизајн што ги собира луѓето

KISSA10 е создаден во тесна соработка со клиентот. Од првите скици до конечниот распоред, сè било разработено заедно. Клиентот во почетокот имал јасна визија за функционирањето на барот, а таа идеја дополнително е развиена преку создавање на голема заедничка маса со интегриран шанк. „Тоа го поставува тонот на целата вечер. Веднаш ги зближува луѓето и создава добра енергија“, објаснува дизајнерот.

Еден од омилени детали му е обликот на отворите во просторот. „Старата влезна врата, иако не можеше да биде зачувана, имаше заоблени агли. Го пренесовме тој облик на внатрешните отвори, како почит кон оригиналниот простор“, заклучува.

Ново поглавје на белградската сцена

Со внимателно обликувана атмосфера, одличен звук и осветлување кое може да се прилагоди според расположението, KISSA10 носи свежина на локалната сцена. Овој бар не е само уште едно место за пијалок, туку простор каде што дизајнот се чувствува, се гледа и слуша.

Испрати коментар

Scroll To Top