Познатиот дизајнер на ентериери Pierre Yovanovitch, креирал дом кој комбинира архитектонска смелост, современост и силен уметнички израз, сè во ритамот на водата и светлината.

Кога првпат пристигнал на локацијата, Pierre Yovanovitch допловил со чамец – и тоа сè определило. Куќата што буквално „лежи“ на Босфор, со погледи што се разлеваат низ широките прозорци, го потсетила на Венеција – не по архитектурата, туку по чувството. Во овој простор, светлината се однесува како елемент на дизајнот: се менува, се прекршува, создава атмосфера.

Куќа подготвена за иднината
Зад проектот стои млад клиент, чии родители живеат во традиционална дрвена куќа во близина, пишува Architectural Digest. Yovanovitch добил задача да осмисли простор прилагоден на сегашниот животен ритам, како место за дружење, забави и собири, но кој со времето ќе може да прерасне во функционален семеен дом. Се тргнало од постојна бетонска рамка (на местото на поранешна зграда од 1960-тите), а потоа уследило фино дотерување на идентитетот на просторот.

Топлина во минимализмот
За да биде истанбулскиот дом повеќе од ладен современ ентериер, Yovanovitch вовел текстури, заоблени форми и скулпторски елементи. Таванот на дневната соба е покриен со брановидни дрвени облоги, кои „се совпаѓаат“ со брановите надвор. Спиралните скали, осветлени од светлина што доаѓа одозгора, стануваат визуелен и функционален ‘рбет на куќата, впечатлив елемент што ги поврзува сите четири ката.

Ентериер со уметнички потпис
Како дизајнер на мебел, Yovanovitch го опремил домот со авторски парчиња и уникати. Двете заоблени софи во дневната соба се поставени за да формираат пријатен, заокружен амбиент, како мека прегратка во просторот. Спалната соба внесува текстурна мекост, а мозаиците во бањите тивко оддаваат почит на турската традиција на керамика.

Иако просторот е проткаен со софистицирани материјали и детали, вистинската палета доаѓа од уметничките дела, а во секој агол има уметнички гест, но без пренагласување. Клиентот го нарекува „галерија во која навистина се живее“.

Дом во дијалог со водата
Без конкуренција со Босфорот, туку во склад со него – така Yovanovitch ја гледа оваа куќа. Водата е секогаш присутна, од секоја соба, зад секој кадар. И затоа ентериерот не се обидува да доминира, туку да дише – смело, елегантно и со чувство што трае.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија