Насловна / Архитектура / Комора ОАИ во четиригодишниот мандатен период 2021 – 2025: Фокус ставен на инженерот

Комора ОАИ во четиригодишниот мандатен период 2021 – 2025: Фокус ставен на инженерот

На крајот на секој период, со кој се заокружува постоењето и работата на една институција, логично е да се направи ретроспектива на сработеното, сумирање на резултатите, премерување на постигнатото наспроти планираното. Тоа е вистинскиот начин за да се согледа дали активностите и работењето биле на вистинската патека и да се направи план за дејствување во периодот што следува. На 22 февруари оваа година, Собранието на Комората, на својата редовна годишна седница, донесе Одлука за распишување на избори за следниот четиригодишен мандатен период од 2025 до 2029 година.

ПОВЕЌЕ ОД 4.300 АКТИВНИ ЧЛЕНОВИ

Почетокот на мандатниот период 2021 – 2025 година беше одбележан со бројка од 2.943 на активни членови на Комората, состојба од која беше направен пресекот на членови распределени во 12-те професионални одделенија во Комората, распоредени по сите градови во 5-те региони на државата.

До крајот на 2021 година, бројот на активни членови, со заложба на новото раководство на Комората, порасна на 3.497. Бројот на активно членство на Комората е во нагорна линија сѐ до крајот на 2024 година, кога го достигна својот максимум од 4.063 членови, а денес таа бројка е поголема од 4.300 активни од вкупно 9.600 досега запишани во регистарот членови на Комората.

Периодот на работа во втората половина од 2021 година, покрај редовните активности на Комората и отпочнување со работа на новото раководство, го одбележаа неколку големи активности:

  • Во месец јуни беше откочен процесот за донесување на Ценовникот за минимална вредност на инженерските услуги. Ресорното Министерство за транспорт и врски конечно излезе со став кон Комората и со насоки за дополнување на овој значаен документ, на кој се работеше уште од почетокот на формирање на Комората во 2007 година;
  • Во месец септември во организација на Комората беше одржана јавна стручна трибина на тема Законот за градење, на која покрај ресорниот министер и претставници на Министерството, активно учество зедоа членови на Комората, инвеститори, стопанските комори, академската заедница и сите останатите клучни чинители;
  • За прв пат Управниот одбор на Комората одржа своја седница надвор од Скопје, во Битола. Оваа прилика беше искористена да се одржи првата регионална средба со членовите на Комората надвор од просториите на Комората, на која членовите на УО разговараа со колегите од регионот на актуелни теми. Во таа прилика беше донесена Одлука за отпочнување со изработка на Правилник за заштита од пожар и од експлозивни материјали;
  • На крајот од годината, во декември месец повторно во Битола и со поддршка на делегатите на Собранието од овој регион, Комората организираше голема конференција на тема усогласување на законската легислатива поврзана со регулирање на градбите заштитени како културно наследство, во коорганизација со ИКОМОС Македонија. Во оваа прилика беше склучен меморандум за соработка меѓу двете институции, со цел подобрување на состојбите во нашето градителско наследство.

Стручна дебата за Закон за градење

На овој начин беше одбележан почетокот на еден нов начин на работа на Комората, отворен кон своите членови, со инклузивност на сите клучни чинители, ставајќи ги на маса сите значајни теми, зафаќајќи се со решавање на бројни прашања и проблеми, прифаќајки нови предизвици во насока на подобрување на состојбите во професијата.

Кандидатурата за позицијата претседател на Комората подразбира подготовка на програма со ветувања и заложби кои треба да се реални и остварливи, но пред сѐ тие се јавни и обврзуваат на посветеност и на доследност. Така, програмата за работа во четиригодишниот мандат, беше подготвена не само на основа на лични видувања за состојбите и потребите на претседателот, туку ги сублимираше ставовите на инженерите од сите струки, каде фокусот беше ставен на инженерот. Особено на него како индивидуалец, интелектуалец, творец и клучен учесник во процесот на градење.

Прва регионална средба одржана во Битола

ИМПЕРАТИВ ЗА СИТЕ ИНЖЕНЕРИ – ЦЕНОВНИКОТ ЗА ИНЖЕНЕРСКИТЕ УСЛУГИ

Затоа програмските цели беа групирани пред сѐ на кратки, средни и на долги рокови. Од највисок приоритет, а императив за сите инженери беше донесување на Ценовникот за инженерските услуги, како основна законска рамка што ќе овозможи регулирање на цените на инженерите на пазарот и обезбедување на достоинствена валоризација на инженерскиот труд. Нелојалната конкуренција која се случува на пазарот под притисок на Законот за јавни набавки е разбирлива во услови на пазарно стопанство, но воедно тоа создава нерегулирани односи во струката и води кон квантитет, а не кон квалитет на инженерските услуги.

Дополнување на веќе изготвениот текст на овој документ беше направено по насоки дадени од ресорното Министерство и истиот беше усвоен од страна на Собранието на Комората во декември 2022 година и допрецизиран со Анекс во март 2023 година.

Паралелно на донесувањето на овој клучен документ од суштинска важност за струката, Комората изработи и Ценовник за вредноста на минималните иженерски услуги за нискоградба и линиска инфраструктура, како и Ценовник за вредноста на минималните иженерски услуги за геотехника во високоградбата. Овие два документи, со кои ќе се дорегулираат минималните вредности на инженерските услуги за сите останати видови на објекти, сѐ уште се на преглед во Министерството за транспорт, од каде се очекува согласност за нивно прогресирање, до конечно објавување во Службен весник и нивно ставање во задолжителна законска рамка.

БРОЈНИ РЕГИОНАЛНИ СРЕДБИ

Свесни за сликата за Комората во очите на нејзиното членство, вториот столб на програмата за работа беше базиран на воведување на еден нов начин на функционирање на сите тела, преку активно вклучување на членството од сите региони, преку активирање на целокупното членство и враќање на довербата во Комората. Колку е побројно и поактивно членството, толку е поголема критичната маса што ќе притиска за остварување на своите права и позиции пред надлежните институции. Беше одлучено дисперзијата и децентрализацијата на активностите да биде насоката во која ќе се придвижат процесите во Комората, а не во насока на концентрација на сите активности на институцијата на едно место.

                Средба во Гостивар                                                   Средба во Штип

Така, во текот на четиригодишниот период Комората, во насока на своите заложби да се доближи до членството и проширување на своето делување надвор од канцелариите во Скопје, реализираше бројни регионални средби низ целата наша држава.

На тие средби освен во Скопје, се реализираа во Штип, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Струмица, Кичево, и покрај тоа што беа одржани обуки за начинот на користење и примена на Ценовникот за високоградба и на Тарифникот за урбанистичко планирање, беше разговарано за состојбите во струката, секојдневните проблеми во работењето, предизвиците кои се исправаат пред инженерите, идеите за нови и напредни решенија за надминување на сите негативни и неповолни трендови. На тие средби активно учество зедоа повеќе од осумстотини учесници, со свои дискусии, предлози и коментари.

Средба во Струмица

УСОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ

Подобрување на законската регулатива и усогласување на целокупната легислатива што ја регулира работата на сите инженерски професии, беше следниот клучен столб во програмата за работа на Комората.

Не постои одржлив систем доколку не функционира неговото „свето тројство: регулатива, контрола и санкција“. Како кај триножецот, потребни се најмалку 3 точки на потпирање за одржување на стабилноста. Тргнувајќи од премисата дека инженерот најдобор ги чувствува проблемите на своето работење, тој мора активно да партиципира во процесите за дополнување, усогласување и измени на легислативата што ја регулира инженерската работа, со уште поголем акцент на спроведувањето на истата. За таа цел Комората направи напор за вклучување на сите колеги коишто работат во сите сектори: приватен или јавен сектор, без разлика дали се тоа инженери проектанти, ревиденти, надзори, инженери вклучени на градилиштата, колеги вклучени со советодавни позиции или во областа на законодавството. Преку принципот на инклузивност, транспарентност и проактивност, низ широки анкети, беа повикани сите членови на Комората да дадат свој придонес во напорите да се подобри законската рамка на дејствување.

Средба во Прилеп   

ПРЕЗЕНТАЦИИ И ПРЕДАВАЊА

Постоечката пракса за организација на настани во насока на континуирано образование и професионален развој во Комората, во мандатниот период 2021 – 2025 година, продолжи со уште поинтензивно темпо.

Таа активност како една од основните дејности, со цел да ги придвижат процесите кон воспоставување и практикување на системот за континуиран професионален развој (CPD), беше особено зајакната по периодот на КОВИД-пандемијата, кога настаните од овој вид беа минимизирани или во целост откажани.

Дополнително, организирањето на комерцијални настани со презентации на производи поврзани со работата во сите професии, како практика беше особено поддржано од Комората, но и засилено.

Во овој четиригодишен период, на годишно ниво беа организирани презентации и предавања за сите професии во просек по трисетина, а вкупниот број на посетители изнесува повеќе од 6.300, имајќи го предвид КОВИД-периодот и фактот што во 2021 година не се одржа ни еден настан од ваков вид.

ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ НА BIM

Воведување на новитети е во основата на инженерскиот дух и истото мора да биде неизоставен дел од работењето на Комората, преку воведување на иновации во работата, вклучувајќи ги сите современи технологии и алатки за работа на денешницата. Воспоставување платформи за брза и лесна комуникација, проток на информации, полесна реализација на нашите проекти, воведување повисоки стандарди и норми, воведување на BIM-методологиите (Building Information Modeling), што ќе го направи нашето членство конкурентно на меѓународниот пазар. Затоа посебно внимание и акцент беше даден на BIM-от, иднината за раст и развој на градежната индустрија.

Беа преземени неколку стратешки чекори во оваа насока, почнувајќи од воспоставување соработка со сертифицирани едукатори и договор за субвенционирање на активните членови за обуки за BIM-алатки на начин што обезбеди 20 % попуст за набавка на софтверските решенија на активните членови на Комората, акција која во континуитет тече од почеток на 2023 година. Во текот на овој мандат беа организирани преку педесетина информативни и стручни предавања за користење на BIM-алатките. Комората продолжи да ја продлабочува соработката со релевантни здруженија на оваа тема, во насока на конституирање на BIM-комитет во рамки на Комората, кој ќе има задача за подготовка на стратегија и на акциски план за активности на кратки и на подолги рокови за: изработка на законска регулатива за оваа тема, воведување на BIM-мандат, подготовка на библиотеки и бази на податоци за вклопување во софтверските решенија, изнаоѓање можности за самостојно организирани обуки од страна на Комората за апликативните BIM-програми. Дополнително, Комората номинираше свој претставник во техничкиот комитет ТК 45 за BIM, во рамки на работата на Институтот за стандардизација на РСМ – ИСРСМ.

КОМОРСКИ ДИГИТАЛЕН СЕРТИФИКАТ – КДС

Паралелно на овие активности поврзани со воведувањето на BIM-мандат, Комората отпочна голема активност за воведување на Коморски дигитален сертификат – КДС. Воведувањето на Коморски дигитален сертификат претставува значаен чекор кон модернизација на деловната пракса и зголемување на безбедноста во размената на информации и документи на членовите на Комората. Сѐ тоа е директно поврзано со сите надлежни институции и со нивните дигитални платформи кои е неопходно да функционираат синхронизирано, во согласност со Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање, сите нивни придружни акти, како и со целокупната релевантна легислатива што ја регулира областа градежништво. Воведувањето на КДС не само што ќе го олесни работењето на архитектите и на инженерите, туку ќе ја зголеми нивната конкурентност на пазарот, овозможувајќи брза и безбедна размена на информации во реално време, намалување на нелојалната конкуренција (овластени архитекти и овластени инженери) кои имаат овластување, а немаат статус на овластен член поради неподмирена членарина и сл. Електронската платформа и базата генерирана од податоците при употреба на КДС, дава можност директно да се интегрира со системите на МТ, ЗЕЛС, КОАИ, ЦРМ, АВРМ, АКН и на сите релевантни институции, особено во смисла на контрола и издавање на лиценците од страна на МТ, како и водење во реално време на евиденција за нив и нивно валидирање.

АПЛИЦИРАЊЕ НА ЕВРОПСКИ ПРОЕКТИ

Европските фондови за развој преку вклучување во европски проекти, претставуваат место каде има одлични можности за зголемување на ангажманот на инженерите, фрлајќи акцент на тоа дека треба да се тежнее кон нивно што поголемо искористување, а со тоа добивање широки можности за сите. Покрај новите искуства и сознанија за начинот на кој работат инженерите во европските земји и преку учество во нивните проекти, повеќекратно ќе се зголемат придобивките на секој учесник во секој поглед. На тој начин ќе се овозможи Комората проактивно да учествува во националниот процес за интеграција на општеството во европско. Комората мора постојано да ги проширува своите дејности. Во таа насока, Комората се отвори во целост кон процесите поврзани со аплицирање на европски проекти, давајќи поддршка на осум апликации, од кои шест завршија успешно.

УО во цел состав

Во партнерство со Комората на Црна Гора и со Комората на Србија, Комората на овластени архитекти и овластени инженери аплицираше со проектот: „Регионална платформа за континуирано образование за архитекти и инженери“ во рамки на програмата „Енергетска ефикасност во градежништвото и реновирањето во Западен Балкан – RECONOMY“ поддржана од HELVETAS и CEPROSARD. Комората како носител на оваа проектна активност веќе ги отпочна работите на проектот, во чии рамки ќе биде изработена заедничка online платформа за реализација на обуки, најнапред на темата енергетска ефикасност, а потоа и за сите теми поврзани со професијата. Оваа платформа ќе биде место за размена на искуства на инженерите од сите три комори, со можност за нејзино проширување и вклучување на други комори од регионот и пошироко.

СЕДНИЦИ ВО ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ

Во мандатниот период 2021-2025 година, Управниот одбор на Комората одржа дваесет состаноци. Покрај седницата одржана во Битола во 2021 година, која беше прва седница одржана надвор од Скопје, во 2022 година Управниот одбор одржа седница во Берово, а во 2024 година, на покана на своите членови и сопственици на ПИКА Студио, УО се состана во Тетово. Во текот на овој период, Собранието на Комората одржа 15 седници.

Комисиски и други состаноци на сите стручни тела на Комората во овој период се одржувани редовно и по потреба. Во овој мандатен период, со поддршка на стручната служба на Комората, која денес брои седум лица и претседателот на Комората, одржани се повеќе од 400 состаноци на комисиите за издавања овластувања од сите професионални одделенија и повеќе од 500 состаноци на сите работни тела на Комората.

Средба во Битола

ЕВРОКОДОВИ

Како најголема активност по однос на стручни обуки, секако дека е пакетот на обуки за Еврокодови. Периодот за паралелна примена на постоечките прописи за проектирање градежни конструкции со Еврокодовите е пролонгиран до септември 2025 година. Со тоа, потребата од организација на обука на членството од одделенијата градежно инженерство и геотехника, со цел навремена подготвеност за започнување со примена на правилниците за проектирање согласно со европските прописи за проектирање на градежни конструкции продолжи и во текот на 2024 година. Беа одржани вкупно три циклуси на обуки во три градови, а ги посетија повеќе од 200 инженери, притоа Комората субвенционирајќи околу 65 % од вредноста на обуките и потребната прирачна литература од седум прирачници.

Комората не само што ја продолжи својата активност во меѓународните здруженија, туку го прошири полето на своето делување.

Со потпишување на меморандум за соработка во декември 2021 година, Комората станува членка на националниот Комитет за заштита на културно наследство ICOMOS.

Меѓународна соработка

Соработката со други комори и со професионални здруженија во земјата и во регионот, не само што продолжува, туку е продлабочена со нови пријателства и со заеднички активности.

Во јули 2022 година на 74 Собрание, Комората станува членка на ЕССЕ (Europe Council of Civil Engineers).

Во април 2023 година, Комората се вклучува како членка набљудувач во работата на АСЕ (Architects’ Council of Europe), најпрестижната архитектонска организација, која ги претставува интересите на повеќе од половина милион архитекти од 36 земји.

Со посветена работа и иницијативи за унапредување на струката на европско ниво, во декември 2024 година, Комората доби уште една престижна позиција во рамките на ЕСЕС (European Council of Engineers Chambers).

Претседателката на Комората Кристинка Чулак е избрана за еден од трите потпретседатели на ЕСЕС (European Council of Engineers Chambers) организација која вмрежува повеќе од 300.000 инженери што работат на европско тло.

Во континуитет продолжи соработката со коморите во регионот, во рамки на ИИРС, Иницијативата за инженерска регионална соработка. Во мај 2022 година, македонската Комора беше домаќин на средбата, чија тема беа Еврокодовите, новите европски прописи за проектирање на градежни конструкции.

Конгрес на Електроинженери на Хрватска

Издавачката дејност на Комората во овој период продолжува со несмалена динамика. Комората е издавач на уште три авторски дела на д-р Петар Николовски на темата градежна физика и енергетска ефикасност. Таа преку своите професионални одделенија, ја поддржа издавачката дејност на повеќе сручни изданија.

Пресинг – стручното списание на Комората во овој четиригодишен период доживеа 17 нови изданија.

Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот меѓу 1850 и 1950

Стручниот испит Урбанизам го презеде Комората како своја активност во 2022 година. Во период од 2022 до 2025 година, одржани се 8 испитни сесии за полагање стручен испит Урбанизам, во кои од вкупно 64 пријавени, положиле 56 кандидати.

Подршката на Комората за општините се одвива во континуитет, поддржувајќи ги нивните потреби и активности.

 Конкурс Кисела Вода                                                Општина Битола

ГОДИШНИ НАГРАДИ

Освен на крај на 2021 година, кога поради КОВИД-пандемијата церемонијата беше одржана виртуелно, во наредниот период Комората продолжи со доделување на годишните награди на Комората и прослава на извонредноста во инженерството во сопствените простории, каде во 2022 година церемонијата се одржа во присуство на министерот за транспорт и врски, а во 2023 година – во присуство на Претседателот на државата.

Ден на Комората 2023 година

Во насока на вмрежување на Комората со сродни и со други професионални организации и здруженија, продолжи праксата на склучување на меморандуми за соработка. Во мандатниот период беа склучени седум меморандуми.

Соработката со останати здруженија, Стопанска комора и со Академска заедница продолжува на различни нивоа, преку работа на заеднички активности, стручни конференции и сл.

Инженерскиот прстен, наградата за најдобрите дипломци од инженерските факултети под патронат на Претседателот на државата, го продолжи својот континуитет, доделувајќи ги наградите до 2023 година во Скопје, заради КОВИД-периодот. А во 2024 година, настанот беше вратен на локацијата на Плаошник во Охрид, кон своите корени и почетоците на неговото одржување.

Инженерски прстен

Комората, покрај своите редовни активности и одржување на стручни настани од областа на сите професии, поддржа и бројни стручни настани во организација на сродни организации. Стана институционален партнер на SHARE Architects и на BIG SEE за Македонија, редовен коорганизатор на конгресите на Друштвото за патишта, Друштвото за геотехника, Друштвото на градежни конструктори на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Здружението Нацинален комитет на големи брани на Македонија и други.

      Меморандум со Комора на Архитекти Словенија

Во 2022 година Комората започна со организација на сопствени стручни конференции. Во 2022 година беше организирана првата средба на архитекти и урбанисти во Битола. Вкупната посета на трите досега одржани настани, беше повеќе од 400 стручни лица, а стручните теми и предавања беа одржани од претставници не само од земјава, соседните земји, туку и пошироко од регионот.

УНОПС Србија   

Во 2023 година, се започна со организација на денови од областа на електротехника. На двата настани присуствуваа повеќе од 200 инженери, а гости предавачи имаше од сите соседни земји во регионот.

Проактивното дејствување на Комората за подобрување на законската регулативата е означено со изработка на Правилник за заштита од пожар и од експлозивни материјали од страна на Комисија на Комората, составена од претставници на сите професионални одделенија. Овој документ, кој е во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, е проследен на постапување на овластенета институција, а Комората самоиницијативно си ја презеде обврската за обуки.

Втора средба на Архитекти и Урбанисти во Битола 2023

Комората како институционална членка на ИСРСМ, активно учествува во работата на техничките комитети во кои има делегирано свои членови. Како долгогодишни соработници, овие две институции, ја продолжија заедничката работа на полето на стандардизација во областа на градежништвото и борбата за подигање на свеста кај инженерството за потребата од доследна примена на пропишаните норми и стандарди, како услов за квалитет.

Комората, во овој четиригодишен период, срамежливо, пополека но сигурно почна да чекори во медиумите станувајќи поприсутна на социјалните мрежи.

Испрати коментар

Scroll To Top