Еден од овогодинешните лауреати на наградата „Владимир Назор“, најважното државно признание од областа на култура и уметност во Хрватска, е проектот на зградата Horizontal HQ, објект од 1.850 квадратни метри, позади кој стои загрепското архитектонско студио MVA/Mikelić Vreš Arhitekti.

Оваа модерна деловна зграда се наоѓа во Дубровчан, населба во Крапинско-загорската жупанија, на околу педесет километри од Загреб. Карактеристиките на руралниот и природниот пејзаж се хармонично интегрирани во проектот на објектот, кој е распределен според околниот пејзаж.

Деловната зграда Horizontal HQ се наоѓа во опкружување кое забрзано се трансформира во мал деловно-индустриски комплекс, а парцелата со благ природен пад од запад кон исток во затечената состојба се користела како депонија за градежен отпад. Со санирање на затекнатата градежна депонија, парцелата повторно оживува и на неа се формира нова топографија, нова природа.

Следејќи го природниот пад на теренот, на локацијата се формираат три насипи кои го дефинираат централниот простот и пристапните патишта за пешаци. Техничките, производствените и заедничките простори се наоѓаат во рамките на насипите ориентирани кон пешачката патека што меѓусебно ги поврзува, пишува порталот Vizkultura.

Хоризонтален диск е закотвен во нестабилен контекст. Едноставна приземна куќа со квадратна основа, организирана околу централен кружен атриум, е поставена на три зелени насипи.

Во основа симетрична, речиси самодоволна, во исто време неутрална и специфична, зградата го вовлекува природниот пејзаж во себе, создавајќи неочекувани просторни секвенци.
Во динамичен однос со променливата околина, нејзините четири „исти“ фасади се доживуваат различно, во зависност од ориентацијата, сончевата светлина, околната изградба или природната средина.

Внатрешноста на дискот е организирана како динамичен, хоризонтален работен амбиент, составен од канцелариски простори од различни типови и карактери.
Со усогласување на плановите и транспарентните површини, се потенцираат меѓусебните контакти на корисниците и интензивниот однос со надворешниот простор.

Затворени канцеларии со аголни простории за состаноци и ниши за групна работа, на кои средишниот простор се отвора кон пејзажот, се протегаат по периметарот на надворешната фасада.
Обвиткан околу атриумот, овој главен комуникациски простор содржи влез, рецепција, работни места, кружна конференциска сала и мал аудиториум кој се проширува до повеќенаменскиот заеднички простор и надворешната тераса во сутеренот.

Спирални скали го поврзуваат со мал павилјон на кровот, тераса и патека за трчање.
Конструктивниот систем на објектот се состои од две плочи од пренапрегнат бетон кој се поврзани со низа периферни V-столбови, четири армирано-бетонски јадра и слободно поставени групи на коси столбови. Големите конструктивни распони овозможуваат флексибилна организација на просторот со лесни, неносечки и демонтажни прегради.

Зградата Horizontal HQ создава свој контекст, истовремено влегувајќи во дијалог со околната природа и со новоизградената соседна средина. Со континуиран пејзаж што се протега под зградата, атриумот станува фокусна точка на внатрешните и надворешните простори, замаглувајќи ги границите помеѓу нив.


Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија