Членовите на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), како и нивните гости од земјава и од странство, на Меѓународниот семинар кој почна вчера во хотелот “Дрим“ во Струга, расправаат за една од најактуелните теми кај нас “Еврокодот 7 и геотехничките аспекти на Еврокод 8“. Меѓународниот семинар на ДГМ се организира со цел членовите на Друштвото, но и на пошироката научна и стручна јавност во земјата и регионот да бидат информирани за основите, достигнувањата и примената на европските стандарди во областа на геотехниката. За овие мошне значајни теми во Струга до 1 ноември присуствуваат меѓународни експерти. Семинарот би послужил и како можност за зближување на локалните и регионалните стручни лица, а од трудовите презентирани на овој собир ќе се издаде печатен материјал и ЦД со предавањата за ЕС 7 и геотехничките аспекти на ЕС 8.
Друштвото за геотехника на Македонија е формирано во 1999., а во 2001 година е примено во Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство (ИССМГЕ). Покрај многубројните активности на ДГМ, во 2002 година Друштвото го одржа и својот Прв симпозиум, а охрабрени од заинтересираноста на стручната и научната јавност за областа на геотехниката, во 2006 година го организираа Вториот симпозиум. Годинава, на иницијатива на ДГМ, а во соработка со ИССМГЕ, се организира Меѓународен семинар за Еврокодот 7 и за геотехничките аспекти на Еврокодот 8, на кој предавачите меѓу кои професор Педро Секо Пинто (Португалија), професор Роџер Франк (Франција), Васил Витанов, претседател на ДГМ (Македонија), Бернд Шапенер (Германија), Тревор Ор (Ирска), Брајан Симпсон (Велика Британија) Влатко Шешов (Македонија), ќе бидат главните носители на развојот на овие стандарди.
М.З.
Објавено во борј 93.