Насловна / Архитектура / Зграда во Португалија што се затвора како школка

Зграда во Португалија што се затвора како школка

Во самото срце на градот Леирија, Португалија, каде што се среќаваат контрастите на урбаната експанзија и историското ткиво, изградена е зграда која не се обидува да се вклопи – туку да одговори. Проектирана од Bureau des Mésarchitectures, новата станбена зграда буквално преговара помеѓу двете страни на улицата, користејќи ја фасадата како алатка за контрола на светлината, погледите и приватноста.

Оваа зграда е „заглавена“ помеѓу широка модерна авенија со нови згради и тесна стара улица што води до историскиот центар на градот. Архитектите имале задача да реновираат мала куќа изградена на почетокот на 20 век, која потоа била надградена, па затоа проектирале нова зграда што вклучува седум станови, како и заеднички приватен паркинг простор.

Зградата како врска помеѓу урбаната реалност

Оваа сега четирикатна зграда функционира како врска помеѓу урбаната реалност, односно областа со високи згради што постојано се развива и, од друга страна, тесната улица со ниски куќи.

Bureau des Mésarchitectures ја решиле оваа урбана тензија со фасада обложена со панели со прецизна геометрија, материјалност и ритам. Закривената основа на зградата и преклопувачките бетонски панели ги одразуваат контрастните страни на локацијата.

Постоечката зграда, односно куќата од почетокот на 20 век со препознатлив кров од ќерамида и жолта фасада, трансформирана е во два стана. Така, двособниот стан е сместен на приземје, а еднособниот стан е на првиот кат.

Жива структура во постојана промена

Доградбата пак содржи пет станови, од кои два се со четири спални соби, два со две спални соби и еден со три спални соби. Стариот и новиот дел од зградата се поврзани со заеднички скали, објаснуваат од бирото со канцеларии во Париз и Лисабон.

Фасадата на доградениот дел е формирана преку строга мрежа што комбинира лесни и мобилни елементи – златни прозорци и алуминиумски капаци – и потешки, фиксни елементи во форма на префабрикувани панели од бетон.

Зградата некогаш е отворена, некогаш затворена, функционирајќи како жива структура во постојана промена – како школка. Ова станува особено забележливо додека сончевата светлина се лизга по закривената фасада, осветлувајќи ја со променливи тонови и рефлексии.

Внатре во зградата, секој стан има свој идентитет, кој дополнително е нагласен со интересни погледи или архитектонски детали од оригиналната куќа.

Некои станови се проектирани да бидат топли и интимни, со мали прозорци со поглед на внатрешен двор, додека други се поотворени кон надвор, со големи прозорци и кровни тераси. Становите се проектирани преку нежна палета на бои и светло сиви ѕидови, во комбинација со епоксидни подови.

Бетонски површини сможе да се видат во значителна мера, додека вратите и мебелот се изработени од брезово дрво во комбинација со камен, создавајќи пријатна и смирувачка атмосфера.

Претстава во градски пејзаж

Овој објект зборува за некои од клучните тензии на урбаниот живот, како што се балансот помеѓу заштитата и интроспекцијата од една страна, и отвореноста од друга страна.

 

Може да се каже дека структурата јасно му припаѓа на градот и со својата истакната фасада може да асоцира на јавна зграда, како што е училиште или галерија. Сепак, проектот истовремено ги штити своите станари, обезбедувајќи им приватност, што неминовно е основна карактеристика на секоја станбена архитектура.

„Во оваа смисла, проектот се стреми да го преиспита начинот на кој телата го населуваат градот преку нашите домашни структури. Во извесна смисла, големите прозорци и смелата фасада го ставаат чинот на живеење на сцена, како една од многуте претстави што истовремено се одвиваат во градскиот пејзаж“, велат од Bureau des Mésarchitectures.

Испрати коментар

Scroll To Top