Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Втора студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“

Втора студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“

vtora studentska konferencija
Енергетската ефикасност и одржливиот развој се светски актуелни прашања за кои, секојдневно, се развиваат нови и иновативни начини за нивно решавање. На оваа тема, од денеска до сабота, се одржува Втората студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“, под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје (ФЕИТ), со поддршка на МАКО СИГРЕ и Македонска секција на ИЕЕЕ.

Професорот д-р Миле Станковски, декан на ФЕИТ, објаснува дека Факултетот секогаш ќе ги поддржува студентите и сите други институции, заеднички да пронаоѓаат решенија за проблемите во сферата на енергетската ефикасност и одржливиот развој.

Целта на оваа конференција, според организаторите, е на едно место да ги обединат студентите, претставниците од академската средина и компаниите што се занимаваат со проблематиката на енергетската ефикасност и одржливиот развој за да се претстави нивната активност и да се овозможи научно-истражувачка работа.

„Имено, во последните децении, сведоци сме на прекумерното користење на ресурсите на планетата Земја, кои доведоа до многубројни проблеми како глобалното затоплување, прекумерното загадување и недостатокот на ресурси кои ќе овозможат нормален тек на животот. Областите што се обработуваат на конференцијата опфаќаат нови технолошки решенија за овие проблеми“, велат од Организациониот одбор.

Конференцијата, првенствено, е наменета за студентите, со цел да бидат активно вклучени во размената на знаења и истражувањата на современите технологии.

„Преку конференцијата ќе се овозможи развој на научни вештини и компетенции за истражување на студентите, кои ќе придонесат за оформување на поквалитетни академски кадри во областите на енергетска ефикасност и одржливиот развој. Како студенти и идни инженери, сметаме дека е наша одговорност да преземеме соодветни мерки и постапки за да овозможиме одржлив развој во поблиска, но и подалечна иднина. За да ги оствариме овие планови, потребни се знаења од овие области. Затоа, потребно е подлабоко и посуштински да навлеземе во областите што се обработуваат на конференцијата преку извршување на научно истражувачка работа уште за време на нашите студии“, потенцираат организаторите.

На конференцијата со свои трудови и презентации учествуваат студенти, додипломци и постдипломци, претставници од академската средина, како и компании кои во текот на своето секојдневно работење имплементираат методи поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој.

„Преку оваа конференција, сакаме да ги промовираме новите технологии и методи за енергетска ефикасност и одржлив развој, со активно вклучување на студентите од ФЕИТ и другите факултети, во истражувањата и примената на обновливите извори на енергија, енергетски ефикасните уреди и материјали, како и нивна примена во градежништвото, архитектурата, земјоделството и други сектори кои се во функција на одржливиот развој“, објаснува редовниот професор на ФЕИТ д-р Маргарита Гиновска.

Испрати коментар

Scroll To Top