Насловна / Арт и дизајн / Работилница за екодизајн

Работилница за екодизајн

eko dizajn
На 30 април, 7, 8 и 9 мај на Факултетот за архитектура, кој функционира при МИТ Универзитет во Скопје, ќе се одржи четиридневна работилница за пренамена и „up-cycling“ на градежен отпад во современи парчиња мебел и предмети за декорација. На оваа работилница ќе можат да земат учество сите заинтересирани студенти, дизјанери, архитекти, но и оние што ги интересира темата и сакаат да научат и да направат нешто ново.

Сите учесници ќе имаат можност да добијат корисни теоретски информации во врска со рециклирањето и up-cycling во дизајнот и архитектурата, како и можност да изработат парче мебел од градежен отпад. Главен носител на работилницата UP-CYCLING WORKSHOP 2014 е архитектот Нада Тозија Узал, која веќе неколку години успешно живее и работи во Барселона (Transfodesign, Барселона).

„Она што веќе подолго време е светски тренд во областа на дизајнот конечно успеавме да го донесеме и дома кај нас, со цел да им го доближиме што повеќе на нашите студенти. Преку работилницата тематски ќе го разработиме најкреативниот стадиум на рециклирањето во архитектурата и дизајнот наречен Up-cycling. Апциклирањето (Up-cycling) концептуално се разликува од рециклирањето. Оваа дизајнерска реинкарнација на стар мебел, електронски уреди, бела техника, градежен и индустриски отпад позната под името апциклирање, се искачува едно скалило повисоко од рециклирањето во светот на екодизајнот. Апциклирањето им подарува нов живот на искористените предмети“, изјави Радмила Томовска, главен организатор на работилницата и асистент на Факултетот за архитектура при МИТ Универзитет, Скопје.

Пријавувањето за оваа несејкодневна работилница трае до први мај, а партиципацијата чини 900 денари, во која цена е вклучен потрошниот материјал и алатот што ќе го искористи секој учесник за време на работилницата, а изработениот предмет ќе имаат можност да си го задржат за себе. Настанот ќе се одржи во просториите на МИТ Универзитетит (бул. Трета македонска бригада бб, Скопје). Последниот, односно четвртиот ден е планирана завршна изложба на која учесниците ќе имаат можност да ги покажат предметите што ги изработиле на оваа работилница.

Испрати коментар

Scroll To Top