Германската функционалност и розовата естетика на Барби се споиле во неочекувана соработка – резултатот е колекција на санитарија што ја претвора бањата во простор на оптимизам и шарм.
Брендот HEWI, познат по архитектонска опрема и санитарија уште од 1929 година, се здружил со најпознатата кукла во светот. Резултатот е колекцијата Barbie x HEWI, која вклучува речиси 40 производи – од држачи за пешкири и дозери за сапун до склопливи потпорни држачи.

Идеја? Да се спојат функционалноста, инклузивноста и добриот дизајн – без компромис. Колекцијата е подеднакво погодна за „boutique“ хотели, здравствени установи или семејни бањи, всушност, насекаде каде што дизајнот може да понуди повеќе од само естетика.
Од Баухаус до светот на Барби
На едната страна е HEWI, како синоним за универзален дизајн, Баухаус јасност и функционалност. На другата – брендот Барби, глобален културен феномен што со децении промовира индивидуалност, разновидност и оптимизам преку повеќе од 175 различни верзии на куклата.

Здружени пронашле заеднички јазик во идејата за инклузивност и „дизајн без граници“. HEWI обезбедил техничка прецизност и јасни линии, додека Барби донела смела розова естетика и дух на самодоверба, пишува порталот Designboom.
Розова како нова архитектонска боја
За Барби, розовата отсекогаш била заштитен знак, но тука бојата добива и нова улога. Во архитектурата, розовата се повеќе се гледа како тон што буди емоции – во некои контексти ја поттикнува креативноста, во други смирува и внесува хармонија.
Во оваа колекција, различни нијанси на розова се комбинирани со легендарната HEWI серија 477/801. Резултатот се елементи кои се подеднакво функционални и весели и, пред сè, внесуваат топлина и оптимизам во секојдневната рутина.

Колекција која ја слави различноста
Како што е Барби најразновидната кукла во светот, оваа колекција ја одразува идејата дека во дизајнот има место за секого. Филозофијата на HEWI „Design for All“ и Барби пораката за инклузија совршено се вклопуваат во 40-те нови производи.
Дизајнерите и корисниците сега можат да изберат – минималистички црно-бел ентериер со суптилни акценти или, од друга страна, смела верзија на бања во Барби розова боја.
На купувачите е да одлучат дали пинк бојата ќе се појавува само преку деталите или дали ќе го зафаќа целиот простор.

Бања со став
Колекцијата Barbie x HEWI покажува дека бањата не мора да биде стерилно место – може да биде исто толку инклузивно, функционално и забавно. Бидејќи ако веќе поминуваме толку многу време во овој простор, зошто да не го обоиме со оптимизам?
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија