Насловна / Арт и дизајн / Во Чифте амам изложба „СОБЛЕЧЕНИ, женскиот акт како контекст“

Во Чифте амам изложба „СОБЛЕЧЕНИ, женскиот акт како контекст“

Во четврток, 5. март во Чифте амам со почеток во 19:30 часот ќе се отвори ликовната изложба „СОБЛЕЧЕНИ, женскиот акт како контекст“.

Изложбата е дел од колекцијата на Националната галерија на Р.С. Македонија и воедно се придружува на одбележување на меѓународниот ден на жената, 8-ми Март.

Изложбата ќе вклучи женски актови изработени од автори од поранешниот југословенски простор – од колекцијата од поранешните југословенски републики, како и дела од македонската колекција. Ќе бидат претставени, актови или полуактови од авторите: Влахо Буковац, Петар Палавичини, Фрањо Кршиниќ, Тома Росандиќ и други, како и македонските Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Борка Аврамовска, Спасе Куноски, Боро Митриќески, Иван Велков итн., сè до дела со концептуален дискурс од помлади автори, како Ирена Паскали и Атанас Ботев.

Личеноски Лазар, Акт, 1928, масло на шпер, 80,5 x 54 Liçenoski Llazar, Akt, 1928, vaj në kompensatë, 80,5 x 54 Lichenoski Lazar, Act, 1928, oil on plywood, 80,5 x 5_resize

Личеноски Лазар, Акт (1928), масло на шпер 

„Како институција од областа на музејско – галериската дејност, први а можеби и единствени, пласиравме концепт во насока на одбележување на овој меѓународен ден. Оваа година ја вклучивме колекцијата на Националната галерија со што нудиме видливост и афирмација, како на делата така и на авторите до пошироката публика“, порачува д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, која воедно и ќе ја отвори изложбата.

Актот, а пред сè женскиот акт, отсекогаш бил една од доминантните теми во уметноста, како инспирација, како форма, како концепт и уметничка мистика. И во XX, а и во првите две декади на XXI, оваа тема е сè уште непресушна инспирација за уметниците. Секако дека со развојот на новите технологии, со усложнувањето на критичката мисла, во процесот на „губење“ на границите на дисциплините, се следат разновидни стилови, уметнички пристапи, дискурзивни разгледувања, проблемски групирања, родови интерсекции, нови дисциплини, мултимедијалност итн., но тематот АКТ не изумира.

Претстави на актови се презентираат на ѕидовите од сите светски музеи. Тие се дел и од нашата културна историја, почнувајќи од Големата божица, Вилендорфската Венера и голем број други артефакти кои ја слават плодноста, преку класичната уметност на Античка Грција, Рим, потоа ренесансата, уметноста на подоцнежниот академизам од XVII век, понатаму, сè до најрецентните рефлексии на оваа проблематика. Од Венера од Урбино, преку Енгровите актови, сè до современите актови во акциите на Gerila Girls, актот инспирирал, возбудувал и разгневувал.

dav

Шумановиќ Сава, Бања (1926), масло на платно

Сепак, сè уште, обичниот набљудувач појавува резигнираност во комуницирањето со ваквите дела, со срам, со презир, со неодобрување. Во новиов век, во кој сè е на дофат на раката и окото со дигиталните технологии и сè чини дека повеќе ништо не може да нè шокира, сè уште постојат пречки и бариери, се повредуваат туѓи религиозни чувства, родови чувства итн. Дури и едукативните програми за најмладите се исклучуваат, бидејќи делата обработуваат „табу“ тема. Да, за некого, голотијата е сè уште проблем, а тоа е најприродното сведоштво на нашата егзистенција. Впрочем, човекот голем дел од својот живот го поминува без облека.

Целта на оваа прикладна изложба е да се стави акцент на жената и на женската убавина, но не само од естетски аспект, туку одново да се преиспита нејзината позиција во современото општество, нејзината злоупотреба во капиталистичкиот консумеризам, нејзината слобода на движење и однесување, како и на одбирање да биде тоа што е, било домаќинка, мајка, кариеристка, феминистка, заводничка, придружничка, припадничка на LGBT-заедницата итн. Да ја испитаме одново свесноста за слободата на изразот, за предрасудите кои ги имаме или сме ги наследиле, за табуизирањето на одредени нешта и за спремноста да ги приближиме значенските јадра на одредена тема до публиката, дури и до најмладата. Изложбата не теоретизира, не кластира, не сондира, туку едноставно ги прави достапни овие дела за тие самите да го едуцираат, наоструваат и софистицираат вкусот на реципиентот. Чувствувајте, уживајте, размислувајте, концептуализирајте!

unnamed_resize

 

Испрати коментар

Scroll To Top