Насловна / Архитектура / Визијата и стратегијата кон која треба да целат азиските градови на иднината

Визијата и стратегијата кон која треба да целат азиските градови на иднината

 Is it the resurrection of the past metabolic dreams, the right direction of creating Asian cities of tomorrow?

Or is just another microcosm of social injustice.

Град. Најсовршено безвременски наслојувана човекова креација или ентрописки експеримент кој во неможност да ја одржи сопствената хомеостаза го уништува креаторот? Во време кога на светот му се случува континуирана масовна урбанизација, редно е да се постави прашањето дали градската форма ќе го издржи притисокот кој ѝ се наметнува или ќе ја жртвува сопствената сликовитост и идентитет, во трката да ја задоволи побарувачката иницирана од индустријализацијата и од нерамномерниот економски развој.

Неизвесна е неговата иднина, ако се земе предвид трендот на бескомпромисно експлоатирање на неговиот создавач, човекот. Егоцентричен креатор, кој за да ја оправда брилијантноста на сопствената природа, ги видоизменува природните ресурси на земјиштето, со кои всушност треба да одржува баланс. Можеби вината за ваквата состојба лежи и во парадигмата за градот како тип на отворен систем, чија способност е да тежнее кон својата најнеорганизирана форма (хаосот). Па оттука, ваквиот дисекилибриум, ќе се рефлектира и на макрониво врз неговата генеза, форма и типологија идентично на ентитет кој страда од автоимуна болест, најчесто преку мултипликација на простори кои предизвикуваат немир, незадоволство, несигурност, летаргичност, и несомнено влијаат во голема мера врз здравјето на корисниците.

И додека со децении се обидуваме да ја откриеме вистинската формула за генерирање на градските ткива, Азија се соочува со низа појави кои полека, но сигурно доведуваат до декаденција на постојната урбана форма:

1. Континуирана и рапидна урбанизација

2. Тенденции на униформност на градовите во развој, проследени со губење на поединечниот визуелен идентитет и силуета, како и следење на западноевропските градски модели (на пример Petronas Twin Towers in Kuala Lumpur or the Maha Nakhon tower in Bangkok).

3. Хомогенизирање и унифицирање на градската форма во периметрални суперблокови и облакодери поради приоретизирање од страна на глобалниот пазар на недвижности, пред квалитетот на неговите јавни простори (Jaipur, Hanoi or Bangkok).

4. Недостаток на природни екосистеми и континуирани зелени коридори по глава на жител во густо изградените урбани јадра (Songdo in South Korea, Gurgaon in India, Beijing in China, or Kuala Lumpur in Malaysia).

5. Губење на вредноста на градежниот фонд и на земјиштето преку непочитување на локалниот контекст и воедно деградирање на животниот стандард.

6. Сè поголем јаз во изградените средини меѓу корисниците и појава на маргинализирани предградија како упоришта на социјална неправда.

7. Намалена отпорност на градовите, поплави, топлотни бранови, суши и недостиг на ресурси, поради отсуство на природни екосистеми во изградените средини (поплавите во Bangalore and Chennai).

Оттука директно се поставува прашањето, која би била адекватната визија и стратегија кон која треба да целат азиските градови на иднината? Можеби, сепак таа лежи во идеите на прогресивните метаболисти како Фумихико Маки, Кишо Курокава и Кијонори Кикутаке, како постмодерно архитектонско движење кое ги гаеше утописките идеи за органско урбани мегаструктури.

Отфрлајќи ја егоцентричната концепција на архитектурата која продуцира индивидуални, слободностоечки структури, метаболистите имаа за цел да ги  истражат меѓусебните соодноси на објектите, нивната поврзаност, програмска и структурална еволуција. Поттикнати од низа деструктивни настани, повоената реконструкција на јапонските градови ќе ги инспирира да ги перципираат изградените јадра како динамични урбани атрактори кои се развиваат налик на биолошки организми, при што секој од поединечните елементи е заменлив, но со доза на кохерентност и читливост со текот на времето.

Идејата за „групирање на градската форма“, каде се промовира здружување на архитектонски елементи во флексибилни ансамбли, преку физички „врски“ ќе претставува обид за „хуманизирање“ на рапидната урбанизација на азиски градови. Некои од „врските“ требаше да се остават „отворени“, за да се поврзат со сè уште незамислени идни структури, за да се инкорпорира одреден степен на флексибилност за да се овозможи идна урбана експанзија.

Маки, исто така, предложи употреба на мегаструктури за да се обезбеди севкупна кохерентност на градот. Наместо да нацрта фиксен, „мастер план“ за градот/населбата, Маки предложи неодреден пристап кон урбаниот дизајн преку употреба на нодални точки, при што архитектот би дизајнирал мегаструктури или јавни агори на стратешки „фокусни точки“, а околу нив би се развиле нови урбани области преку „врски“.

Во понатамошниот период метаболистите добија можност да тестираат некои од своите идеи на приватно земјиште, во старото централно јадро на градот и да ги истражат урбанистички теориите, но во значително помал размер. Со овој потег се стави акцент на недостаток на кохезија помеѓу новите структури, генералните урбанистички планови и урбаната експанзија, при што значително се поткопа нивната способност да дејствуваат како јадра за обликување на околниот простор.

Овој труд ќе се осврне на испитување на метаболистичките тенденции во три различни просторни конфигурации (градови), истакнувајќи ги предностите и мааните кои произлегуваат од ваквата органска урбана морфологија и дали истите ќе успеат да одговорат на современите текови на живеење кои ги налагаат азиските градови денес.

СИНГАПУР

Во постколонијалниот период, во Сингапур како град од третиот свет, мнозинството од населението главно егзистирало во сиромашни квартови во центарот на стариот град, додека пак поголемиот дел од територијата на градот држава главно бил џунгла и имал обработливо земјиште. Па така во потрага по вистинската формула за  „азискиот град на иднината“, властите во Сингапур ја прошируваат урбанизираната област низ целиот главен остров, преселувајќи  висок процент на корисници од маргинализираните населби во високи станбени блокови.

Како реакција на ваквиот инванзивен потег, група архитекти загрижени за иднината на урбаните ткива и сериозните социјални импликации по општеството и губењето на локалниот градски идентитет, како и за недемократскиот начин на кој властите ги враќаа луѓето без нивен придонес или учество предложија алтернативни предлози за урбана експанзија на Сингапур. Нивниот „азиски град на иднината“ се обиде да даде отпор на густината на азиските градови кои брзо се развиваа, со цел да ја зачуваат нивната визуелна уникатност.

КОМПЛЕКС ЗЛАТНА МИЛЈА (Golden Mile)

01. Covered city corridor - a linear megastructure that facilitates the natural axiality

наткриен градски коридор, линеарна мегаструктура што ја олеснува природната аксијалност

Комплексот Златна милја, изграден од Лим и Ган Енг, требаше директно да ја илустрира идејата за „градскиот коридор“, линеарна мегаструктура што ја олеснува природната аксијала на урбаната експанзија.

Но, ограничената површина на земјиштето каде се планирал комплексот, всушност ќе значи откажување од  половина од капацитетот на објектот, оставајќи ѝ единствено скалеста тераса. На долните катови се сместени комерцијалните и административните дејности околу централно поставен атриум  кој се протега долж зафатот. Горните катови се резервирани за домувањето, распоредени скалесто, при што секоја единица ужива свое парче непречена светлина.

Меѓутоа, мегаструктурата никогаш не прерасна во „градски коридор“, поради инфраструктурното заобиколување од автопати и метро линии кое се реализира околу Beach Road, оставајќи ја урбаната четврт во инфраструктурно слепило, налик на запоставена периферија на стариот центар на градот. Комплексот Златна милја и покрај тоа што го изгуби статусот на транспортна артерија на урбано ниво, зградата иронично стана транспортен и трговски центар на транснационално ниво, кој им служи на маргинализираните  заедници кои мигрираат во Сингапур.

02. Section of fragmented Golden mile complex in Singapur

Пресек; Golden Mile

Во однос на местоположбата комплексот се чини слабо интегриран во околниот контекст, особено со подоцнежните административни облакодери инспирирани од метаболизмот долж крајбрежјето. Наместо да формираат меѓусебно поврзан ансамбл со јавни простори околу Златна милја, различните урбани силуети долж крајбрежјето се чини дека имаат зонирани намени, типични за периферниот карактер на околниот градски сегмент.

И покрај тоа што е дом на социјално ранливи категории, комплексот Златна милја не го реализира целосно својот потенцијал за создавање нов мегаструктурен „азиски“ урбанизам. Наместо да бидат инкорпорирани во шемата за урбана експанзија на државата од 1960-тите до 1990-тите, овие мегаструктури мораа да се задоволат со фрагментирани, приватни парцели, каде што нивните урбанистички потенцијали беа уништени од сегментираното користење на земјиштето од капиталистичките тенденции и од постмодерната промена во планирањето.

ЏОРЏТАУН МАЛЕЗИЈА

03. Model of Komtar complex in 1972

комплексот Комтар во Џорџ Таун, Малезија

Како дел од проект за урбана обнова, комплексот Комтар во Џорџ Таун, требаше да се именува во нов урбан центар кој ќе го промени ликот на градот, отфрлајќи ја сликата на колонијалното наследство во корист на онаа што го одразува идентитетот на Малезија и нејзината мултиетничка култура. Со административна кула, низа станбени катови и купола инспирирана од Бакминстер Фулер, Комтар требаше да биде пионер за модернистичко планирање. Наместо тоа, објектот прерасна во неуспешен споменик на една утописка идеја. Како модернистички примерок, Комтар е до ден денес, значајно вертикално обележје на Џорџ Таун, каде со децении, гордо го носеше епитетот на единствениот облакодер на островот.

04. Komtar commercial tower from walking perspective

комплексот Комтар од пешачка перспектива

Целиот комплекс зафаќа површина од единаесет хектари сместена помеѓу четири главни патишта. Издигнувајќи се од комерцијалниот подиум на четири ката, три станбени блокови од 17 ката беа планирани да го заменат квартот од 19 век што беше расчистен за проектот. Во централната кула од 65 ката сместени се државни институции и канцеларии. Јавниот превоз и катниот паркинг ќе го направат овој дел центар на Џорџ Таун. Комтар беше цела граѓанска и деловна област кондензирана во единствен комплекс.

Сепак, денес, само две од петте фази на комплексот се завршени, а милиони се потрошени при обидите да се ревитализира комплексот. Со завршувањето на куполата и на 65-катната кула, се напушти иницијалната замисла. На местото на три станбени кули, сега стои луксузен хотел. Наместо да обезбеди нови, модерни домови за жителите кои беа раселени за проектот, Комтар на крајот исфрли околу 3.175 жители, бизниси и трговци.

Денес, трговскиот центар на приземје е во напредна фаза на распаѓање. Можеби делумна вина во тоа има и функционалното решение. Ексцентричниот план на основата со внатрешни вкрстувања ја отежнува навигацијата. Многумина ги гледаат овие темни, празни места како опасни. Новите трговски центри во близина, вклучително и Пенанг Тајмс Сквер и Првата авенија, исто така, придонесоа Комптар да изгледа како уште една незавршена утопија.

05. Georgetown city skyline- Malaysia

Црно-бела силуета на хоризонтот на Џорџтаун Сити

Сепак, трговскиот центар на Комтар не е целосно празен. Продавниците што остануваат да го одржуваат проектот во голема мера, се на мигрантите во градот. И покрај нивната несигурна, позиција во општеството, овие работници создадоа свој простор во срцето на Џорџ Таун. За разлика од општиот комерцијален неуспех на Комтар, поединечните продавници добро напредуваат. Обновата на оваа мегаструктура има за цел да привлече туристи, како и деловни инвестиции и да го спаси болниот трговски центар, кој станува сè понеатрактивно место за битисување.

Колку и да е болно да се признае, Комптар е огледало на Џорџ Таун. Неговата трансформација ќе биде репер за насоката во која ќе се движи современиот одржлив град.

ТОКИО

Со задоцнето пристигнување, кулата Накагин ја претставува последната можност за реализација на идеите на метаболизмот како движење во Јапонија. Така, архитектот Курокава, мудро ќе ја искористи можноста да го изгради прототипот во помал размер од првичниот.

И додека беше претставена како куќа на иднината, дизајнот на капсулата всушност се засноваше на толкување на неколку референци и традиции од јапонската култура. Пресметката на површината беше изведена од големината на традиционалната просторија за церемонија на чај, пропорцијата на прозорецот и др.

Во 1972 година, кулата на капсулата Накагин беше прикажана во медиумите како знак на „ерата на капсулите“. Со својата авангардна естетика, тој предложи мутантен квалитет, нудејќи можност за адаптација со текот на времето. Теоретски, ја зголеми способноста да се конфигурира зградата во свет кој забрзува кон постиндустриско општество; иконата брзо беше означена како „иднината на домувањето“. Тоа беше највисоката зграда во блокот. Видлива оддалеку, со својот научно-фантастичен изглед, кулата стоеше во близина на автопатот како машина од иднината.

Nakagin1

кулата Накагин, Курокава

Сепак, дури и пред да биде завршена, кулата Накагин беше безнадежно застарена. Таа е во несреќна позиција да биде првата и последна архитектура од ваков вид што некогаш е завршена. Стара и во распаѓање, во сенката на новите облакодери, Накагин беше само жив потсетник на една идеја, на една скулптурална ода на нереализирана урбана иднина.

Решението се состои од две вертикални јадра со 68 и 64 капсули.  Јадрата се направени од бетон; поединечните единици се прекинати со систем од метални греди и кабли. Во приземјето се наоѓа  голем атриум и продавници; вториот кат е традиционален канцелариски комплекс. Од тој момент, спиралните скали водат до влезовите на 132-те станбени единици.

Однадвор може да се забележат алтернативните решенија кои жителите ги користат за да се борат со прекумерната светлина в зори, па дури и да создадат одредена приватност, при што оставаат свој личен печат во фасадното обликување. Надворешниот поглед ги покажува и начините на кои корисниците вметнуваат секундарни прозорци: некои со желба да создадат природно осветлување во бањите, други да ја добијат најдобрата сончева светлина.

соба

Сепак, повеќето од преостанатите жители навистина сакаат да бидат таму, привлечени од изобилството на ексцентричност. Сите тие имаат љубопитна историја и емотивна врска со зградата.

За жителите идејата за замена на постојните модуларни единици наиде на незадоволство. Потребните инвестиции и време, како и јасната претстава дека ова повторно би било привремено решение ја намалува подготвеноста на жителите да инвестираат во кулата, каде спротивно од метаболистичката идеја за жива структура, капсулите никогаш не беа заменети, ниту надградени.

Краток осврт и споредување на претходните примери

И покрај тоа што егзистирала во различна просторна заднина, идејата за метаболизмот продира длабоко во желбата на азиските градови да се биде доволно поврзан со локалните градителски практики, и дотолку современ за да му се вдахне живот на јавниот простор кој покрај густата изграденост и рапидната урбанизација сè помалку го има.

И како и секоја урбанистичка визија, неможно е да не се остане пристрасен. Бидејќи градот е несомнено една голема лабораторија на биомегаструктури, според метаболистите тогаш е неможно, а да не се запрашаме, што ако експериментот заземе сосема друга форма од онаа првично замислената. Па така, по примерот на Сингапур и Малезија, од затворени урбани агори, ваквите интервенции прераснуваат во упоришта на маргинализираност и социјална неправда каде егзистираат заедници со понизок стандард?

Свесни сме дека поради неможноста навремено да се одржуваат од страна на властите и покрај лимитираноста на нивниот габарит од градското земјиште на кое се наоѓаат, наместо да бидат центар на идна урбана експанзија ваквите мегаструктури прераснуваат во невидлив просторен затвор, па затоа се случува континуирана детериторизација на значајно централно урбано парче од градот, а во исто време ги прави ваквите објекти сосема непривлечни за посета, како од туристи така и од постојни корисници.

Фактот дека при ваквиот утопистички начин на планирање, се остава простор на слободниот дизајн на градот, елиминирајќи ја униформноста на однапред утврдените статични градски јадра според Џејн Џејкобс, можеби наместо да се гледа на ваквите утопистички форми како на споменични одеци на една замрзната идна идеја од минатото која неславно го троши градскиот простор, можеби е единствено потребно истите да се реактивираат. Стратегиите за реактивација на ваквите урбани интервенции  вклучуваат:

– Да се овозможи континуирано инфраструктурно поврзување на метаболитичките плански зафати со останатие урбани парчиња, во поглед на алтернативниот сообраќај (континуирани пешачки и велосипедски патеки).

– Бидејќи во голема мера, метаболитичните згради се градени во различен градителски стил тие отскокнуваат од современата униформност на облакодерите во околниот контекст, со што придонесуваат за одржување на визуелниот идентитет на градот.

– Наместо да ги ревитализира единствено утврдените стари наративи, и да им се вдахнува ним живот со нова утврдена намена, градската политика на азиските градови треба да се темели кон денцентрализиран и рамномерен развој, на урбаните затворени џебови, со што ќе прераснат од централизирани упоришта на одредена група на граѓани, на мултифункционални простори кои поттикнуваат физичка активност кај целата популација.

– Да се внесат во програмата за зачувување на културно наследство, како урбани споменици, не само од почит кон зародишот на идејата која настанала во ЦИАМ, туку и како смел и креативен урбан израз кој заради лошото менаџирање од страна на актерите во креирање на урбаните политики и бескомпромисната потреба на рапидната урбанизација, сè помалку го гледаме денес.

– Доколку се утврди дека ваквите градби не се безбедни за користење односно има потреба од нивно рушење, (како што беше случај со Накагин), наместо да се продаде земјиштето по висока цена за да стане предмет на сквернавење преку реализација на уште една од многуте вертикални поенти.

– Да се утврди потребата од континуирани зелени коридори во урбаните ткива каде почиваат ваквите мегаструктури и истиот процент да се надомести при органска експанзија, во и кон околниот контекст, со што не само што тие би ја задржале својата градителска идеологија, туку и би се овозможил континуитет на современите урбани градски стратегии и визии кон кои денес чекорат азиските градови.

06. Nakagin Capsule Tower Green Metamorphoses Project by Yuka Yashida

Nakagin Capsule Tower Green Metamorphoses Project by Yuka Yashida

Просторниот град на Јона Фридман и постулатите на јапонските метаболисти – формулата на новиот азиски град на иднината

Оттука неможно е, а да не ја забележиме сличноста на урбаните теории на метаболистите со онаа на Јона Фридман за просторниот град. Ако се земе превид дека императивот на просторниот град е мобилноста и флексибилноста, која оди рамо до рамо со органската утописка експанзија и со слободата на планирање на просторот според актуелните урбани практики.

07. Extracting modular units of Nakagin Tower and multiplicated as part of Yona Friedman city conception- the future of asians cities of tomorrow

Извлекување на модуларни единици на кулата Накагин и умножени како дел од концепцијата на градот  на Јона Фридман,

иднината на азиските градови

Просторниот град исто така овозможува еден вид на спојување меѓу руралните и градските средини, истовремено намалувајќи ги мигративните процеси преку вмрежување на изградените подрачја со променливи густини и тоа на: недостапни локации, области каде што градбата е оневозможена, области кои се веќе изградени и над обработливо земјиште (да ја задоволи потребата од изградба на нови објекти без да го девастира квалитетот на почвата).

08. Linear presentacion of Yona Friedmans spacial city (3)

Линеарна презентација на просторниот град ,Јона Фридман, концепција

Ваквата просторна концепција вклучува модуларни единици како атоми во она што значи конфигурација на градската молекула. Градот се развива на неколку независни нивоа, што го одредуваат „просторното градско планирање“ и од функционален, но и од естетски аспект. Приземните нивоа може да ги опслужуваат јавните и комерцијални намени за заедницата како и во катализатор на пешачки зони. Суперпозицијата на нивоата треба да овозможи да се изградат нови капацитети за урбана експанзија со широк спектар на намени. На овој начин, градската форма добива „вештачка топографија“ преку континуирана хомогена мрежа која ќе го овозможи неограничениот раст на градот и ќе понуди соодветно решение на сериозниот недостаток од урбан простор и регулирање на цената на недвижностите.

09. Graphic presentation of Yona Friedmans spacial city conception

Графичка презентација на просторниот град, Јона Фридман, концепција

Просторните единици  се всушност вмрежени индивидуални „празнини“, со просечна површина од 25 до 35 квадратни метри. Спротивно на тоа, формата на волумените вклучени во мрежата зависи исклучиво од корисникот (налик на модуларните единици на кулата Накагин на Курокава), „Полното урбано јадро“ кое одговара на живеалиштата всушност зафаќа само 50 % од тридимензионалната решетка, дозволувајќи ѝ на светлината слободно да се шири во просторниот град и подеднакво. Вака распоредените елементи на тродимензионалната урбана мрежа со неколку нивоа овозможува варијабилна и слободна експанзија на просторот преку лесна трансформација на формите и нивна адаптација со текот на времето.

Според зборовите на Фридман, „Градот, како механизам, не е ништо освен конфигурација на појдовни и крајни точки, разделени со пречки“, што претставува утописко надополнување на претензиите на Фумихико Маки за урбано планирање преку употреба на нодални точки (полно и празно), при што архитектот би дизајнирал органски мегаструктури и јавни агори на стратешки „фокусни точки“, а околу нив слободно би се развиле нови урбани области преку  поврзувања. Тука всушност бдее и идејата за развојот на идните азиски градови на иднината.

10. Extracting modular units of metabolist structures and multiplicating them as part of Yona Friedman city conception- the future of asians cities of tomorrow

Извлекување модуларни единици на метаболистички структури и нивно умножувањ како дел од концепцијата на градот, Јона Фридман 

ЗАКЛУЧОК                                                                                                                                                

Постои неодложна потреба од нови модели на урбанизам и вмрежување на урбани концепти каде основната цел на планирањето на градот ќе гравитира околу подобрување на животот на целокупните општества и нивните екосистеми.

Градовите на иднината треба да развијат и да вградат локален јазик, кој ќе ги користи предностите на локалните материјали и традиционалните елементи, без да ги занемарат предностите на енергетски ефикасните механизми, одржливоста и новите технологии, истовремено грижејќи се за намалување на последиците од климатските промени и јаглеродниот отпечаток на изградените средени. Тие треба да обезбедат квалитетна инфраструктура која ќе ја поттикнува физичката активност, преку елиминирање на урбаните стресори,  трансформирајќи ги градските средини во упоришта на благосостојбата.

 

Испрати коментар

Scroll To Top