Насловна / Архитектура / „Вилата во поглед“ над Дубровник

„Вилата во поглед“ над Дубровник

Семејна куќа е најфлексибилниот архитектонски жанр каде се можни сите крајности на создавање простор. Оваа куќа претставува една од можните крајности. Волумен на повеќе нивоа, втиснат во карпа, својата појавност ја обликува со топографијата на крововите и преплетувањето на синкасти рефлексии на стаклените ленти на оградите и фасадите. Куќата не се состои од спални и дневни соби, туку мноштво места вмрежени во просторен чвор на ентериер и екстериер без видлива граница меѓу нив. Како вилите на Лос, така и оваа е создадена од сложени движења и вртења, спуштања и искачувања, а со тоа и силни доживувања на просторот. Додека Лос ја прегрнува приватноста на своите вили со цврста и неутрална кутија, овде морето во контакт со небото, островот Локрум и ѕидините на Дубровник стануваат нејзини вистински граници.

1

„Вилата во поглед“, проект на хрватското биро IVANIŠIN. KABASHI. ARHITEKTI е изградена на остатоци од стари маслинови насади, помеѓу древен каравански пат и неформалниот плоштад пред романската црква Свети Јаков. Затоа, нејзината форма е терасаста, стисната помеѓу маслинови дрвја и суви ѕидови. Сместена е на раб на природен амфитеатар, сегмент од елипса со вилата во едниот, а Дубровник во другиот фокус. Главниот влез е од највисоката точка на теренот, низ градина преку застаклен влезен павилјон со прекрасни погледи што се отвораат во сите правци. Центарот на композицијата е платформа зад базенот, издигната над околината, изложена на сонцето и призорот, но заштитена од погледи.

2

Волуменот на четири нивоа е организиран околу ова отворено средиште со кровни површини како систем на надворешни рампи кои се наклонуваат кон погледот и се оттргнуваат од него. Тие се надоврзуваат на формирањето на релјефот со природна логика на земјоделски, инфраструктурни или воени градби, не спротивставувајќи му се, туку растејќи од него и продирајќи во глетката како ѕидините на Дубровник.

15

6

Не постои ниту јасна граница, ниту единствена хиерархија помеѓу внатрешните и надворешните простори, таа е посредно одредена со местото на кое вилата е проектирана. Во зависност од времето на денот и годината и временските услови, можно е истовремено користење на вилата околу различни средишта. Зимската бура на море изгледа возвишено зад големите стаклени прегради, а боите на самракот се менуваат со годишните времиња од портокалова во август до виолетова, речиси сина во студените зимски месеци. Фактот што голем дел од објектот е вкопан во карпата искористен е за проветрување и природно одржување на удобна температура. Градината е засадена со медитерански и егзотични растенија кои брзо растат во влажната дубровачка клима и ја поврзуваат вилата со непосредната околина и целиот култивиран пејзаж на Дубровник.

Вилата е добитник на наградата на Здружението на архитекти на Хрватска, „Драго Галиќ“ за најуспешна реализација во областа на станбената архитектура во 2020 година.

13 5 14 11 12 16 7 8 9 10 4

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top