Насловна / Градежништво / Велешани со обновена главна сообраќајна артерија

Велешани со обновена главна сообраќајна артерија

_MG_3260Во буџетот на Владата на РМ за 2014 година беше предвидена реконструкција и санација на мостот „Гемиџии“ на Вардар во центарот на Велес. Според изработената проектна задача од страна на инвеститорот, Јавното претпријатие за државни патишта, Основниот проект и техничката документација ја изработи Градежниот институт „Македонија“ АД – Скопје. Ревизија на проектот и консултанти за време на санацијата врши Градежниот факултет – катедра за бетонски конструкции при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје. Надзорен орган е фирмата ГЕИНГ  Кребс унд Кифер Интернешенел и др. ДОО, а изведувач на работите е СИНТЕК ДОО – Скопје.

1 Состојба на мостот пред санација 2 Припрема на подлогата на коловоз 3 кршење со чекичар на бет.надозид над столб 9 4 армирање на надозидидок над столб 9 Mостот претставува главна артерија во централното градско подрачје на градот Велес. Тој е граден во периодот 1958-1960 година од страна на ГП „Бетон“. Бидејќи немаше никаква техничка документација, не постои ниту податок за тоа дали, кога и какви евентуални интервенции се вршени на мостот, направен е увид на самото место од страна на стручна екипа од ГИМ, и согледана е фактичката состојба на мостот со сите деформации и оштетувања, по што е изготвена техничката документација.

Според архитектурата на мостот, првобитно тој е изграден преку реката Вардар заедно со пешачкиот премин под него, а подоцна е продолжен и преку Автобуската станица – Велес. Мостот во надолжен пресек има девет полиња со вкупна должина од 171,25 метри, и тоа пет распони преку автобуската станица, а три централни се преку реката Вардар. Приодната конструкција, деветтиот распон од мостовската конструкција комплетно е затворен со паралелни бетонски крилни ѕидови од десната страна на реката Вардар во должина од 40 метри, и се протега од крајниот крајбрежен столб до спојот на мостовската сообраќајница со железничката пруга (простории кои сега ги користи кајакарскиот клуб од Велес), а во продолжение на овие простории е и пешачкиот премин под мостовската  конструкција.

5 бетонирање на надзидок над столб 9 6 бетонирање на поравнителна плоча на коловоз 7 заварување на хидроизолација со битуменски траки 8 асфалтирање на коловозна плоча 9пуштен моторен и пешачки сообраќај на мостотШирочината на попречниот пресек изнесува 11,30 метри, во кои се влезени коловозот, пешачките патеки и парапетните греди. Конструктивниот систем на мостот во горниот строј се состои од главни подолжни носачи, систем континуирана греда, меѓусебно поврзани со попречни носачи над кои е поставена армирано-бетонска коловозна плоча. Статичкиот систем на централниот дел (трите распони преку Вардар) е Герберов носач, кој е составен од две греди со пропусти и една проста греда. Местата каде што се наоѓаат зглобовите од Герберот се заштитени со челични плочи. Статичкиот систем над автобуската станица претставува континуирана греда со главните носачи со лачна променлива висина (H=40-140 см), додека главните носачи над реката Вардар се со константна висина по целиот распон од H=140, поставени на растојание од 6,40 метри.

Тротоарите се бетонски и симетрично поставени од двете страни на коловозот. Карактеристично е тоа што тротоарот не завршува со класични рабни греди, туку на работ има челичен аголен профил. Пешачката ограда е челична, составена од кутиести столпчиња и гелендер, а исполнета е со  челични флахови. Дополнително се поставени челични канделабри, анкерисани на парапетните греди. Покрај левиот главен носач по целата должина на мостот се наоѓа главната водоводна цевка, како и главните електрични инсталации.

Долниот строј на мостовската конструкција, над автобуската станица, го сочинуваат двата крајни столбови, и трите средни столбови со архитектонски изглед во вид на полукружни лакови. На делот од мостовската конструкција над реката Вардар, долниот строј го сочинуваат два масивни крајбрежни столбови со променлив попречен пресек и висина помеѓу 440-480 см, односно два средни столбови во вид на армирано-бетонски платна со д=40 см, темелени на бетонски бунари поставени во речното корито. Налегнувањето на конструкцијата од горниот строј врз средните и крајни столбови е преку оловни ленти, а се гледа само на крајните столбови.

10 оштетување на подолжен носач и плоча 12 оштетувања во пешачки премин 13 припрема-отстранување на оштетени лабилни површини на носачот 14 инјектирање на прснатини со епоксидна смолаОд извршеното снимање на самото место, констатирани се следните поголеми видливи оштетувања:

Асфалтот на коловозот е со видливи деформации (колотраси), челичната  пешачка ограда е кородирана, парапетните греди со тротоарите се доста оштетени од механички удари и атмосферски влијанија, дилатационите фуги се пополнети со дополнително поставени слоеви асфалт, така што воопшто не ја вршат својата функција. Посебно дилатацијата над крајниот столб С-9 е со изразени длабоки пукнатини низ кои се слева водата во долниот строј. Сливниците не се во доволен број, немаат заштитна решетка и прифатен одвод.

Состојбата од долната страна на мостот само во трите распони преку реката се во релативно добра состојба, без некои позначајни оштетувања и нарушувања на конструктивниот систем. Крајните распони од страната на автобуската станица, и уште повеќе спрема центарот на Велес, е во навистина лоша состојба со видливи оштетувања во вид на ерозија на заштитниот слој на бетонот и кородирана арматура.

Најсимптоматични оштетувања на мостот се оштетувањата над крајниот крајбрежен столб С-9 и оштетувањата и деформациите на главните носачи во продолжение на крилните ѕидови од деветтиот распон, непосредно над пешачкиот премин на мостот. Горните пукнатини (дупки) на коловозот над дилатацијата, укажуваат на тоа дека самата дилатација и просторот помеѓу главниот носач и крајниот крајбрежен столб е исполнет со ѓубре, шут и сл., и условува дилатацијата да не е во функција, така што при температурно дилатирање на конструкцијата од горниот строј, главните носачи преку овој насобран материјал вршат дополнителен притисок врз надѕидокот од масивниот столб, и затоа тој е комплетно искршен со видливи вертикални пукнатини на главните носачи, како и хоризонтална пукнатина во ниво на долниот раб на главните носачи. Овој неармиран бетонски надзидок уште во фаза на изведба на мостот е дополнително бетониран, најверојатно од изведувачки аспект или пак грешка при изведбата. Дополнително, и со агресивното влијание на водата што тече од пукнатините на коловозот и го мокри столбот, имаме комплетно испукана, искршена бетонска конструкција, која е 5-10 см изместена од својата првобитна геометрија и заедно со тежината од коловозната плоча дополнително предизвикала голема пукнатина на телото на крајниот столб. Оштетувањата на главниот армирано-бетонски носач, кој служи за премостување на пешачкиот премин, е во многу лоша состојба и потребна е комплетна санација, односно враќање во првобитната состојба. И за ова оштетување најголем причинител е водата, која е неадекватно одводнувана. Поради овие деформации левиот главен носач пред четири години е делумно потпрен со помош на тешка цевна скела.

16 заштита на подолжен носач 17нанесување завршен антикорозивн слој 18 санирани носачи и плоча во 9-то поле и завршно антикорозивно заштитени 19 монтирано скеле на дел од мостотГлавни причини кои довеле до сите овие оштетувањата на мостот се настанати како резултат на повеќе фактори и тоа:

  • недостатоци во проектот (недефинирани детали);
  • недостатоци при изведбата – недоволен заштитен слој на бетонот;
  • ненавремено и неадекватно одржување;
  • нарушена носивост (главните носачи над пешачкиот премин) поради ненавремено изведена санација.

Како најголем фактор за состојбата во која се наоѓаше мостот е атмосферската вода и нејзиното ерозивно влијание, како на бетонскиот пресек така и на вградената арматура, несоодветното одржување и работа на постојните дилатациони спојници, коловозот  и тротоарите.

Во согласност со доставената Проектна документација и пресметка, и според важечките позитивни технички прописи, започнавме со работа на 28 февруари годинава. Најпрво го организиравме градилиштето, монтиравме  класично скеле, дел во суво а дел во речното корито на реката Вардар, а на средните распони поставивме висечко скеле со R носачи. Платформите целосно ги патосиравме, заради побезбедно работење.

Почнавме со санација од долниот строј на мостот, се до 28 април, кога ја   добивме согласноста за изменет времен режим на сообраќај со целосно затворање на мостот. Тогаш се створија услови за градежни активности и на горниот строј на мостот, и паралелно продолживме со активностите на целиот мост. По отстранување на асфалтот и деградираните бетонски површини од коловозната плоча, се изврши геодетско снимање на подлогата и се констатира дека дебелината на асфалтот на некои локалитети е преку 15 см. Појавените  нерамнини и сегрегации на плочата, покасно, во тек на експлоатација би  довеле до деградација на асфалтот. Затоа направивме увид на самото место, и во консултација со сите инволвирани фактори на проектот донесовме решение, коловозната плоча да се надгради со една поравнителна армирано-бетонска плоча, која ќе биде спрегната за старата и да се направат падови спрема сливниците. Се отстрани асфалтот и бетонските капаци со рабестиот челичен профил од тротоарите, ги извадивме старите сливници и ги отворивме дилатационите фуги.

Санационо решение

Спрема техничкото решение, предвидени и завршени се санационите работи, и тоа поделени на т.н. „конструктивна санација“, санација на главните носачи над пешачкиот премин под мостот, со оглед на тоа што нивната носивост и сигурност беше нарушена, и на „репаратурна  санација“, односно санација за продолжување на употребниот век на трајноста на мостот, при која е третирана целокупната површина на сите конструкции и елементи, и антикорозивна заштита на целиот мост.

–         Санацијата на главните и попречни носачи во деветтото поле од конструкцијата над пешачкиот премин на мостот почна со штемање на шлицеви на главниот носач и со потпирање на конструкцијата во деветтото поле. Подготовката и санацијата е изведена во целост според техничкото решение, како и за останатите бетонски површини.

–         Изведба на нов армирано-бетонски надѕидок над крајниот бетонски столб С9

–         Се изврши рушење на бетонскиот надѕид, а потоа се армира и бетонира нов надѕид.

–         Санација на пукнатините е изведена со инјектирање на материјал на епоксидна основа.

–         Санација на оштетувањата на бетонските површини (подоложни и попречни носачи, плоча, конзоли и парапетна греда, и крила) кои се со различна дебелина од 1-10 см. Методологијата за работа е дадена во техничкото решение, а се состои од подготовка на подлогата со отстранување на лабилни делови, пескарење со песок, заштита на арматурата и санација со репаратур малтер во еден или повеќе слоеви. Завршно нанесена е антикорозивна заштита на целата бетонска површина на мостот.

–         Поставивме бетонски рабници со димензии 18/24, и странични челични сливници, за четири повеќе од претходните, со прифатен одвод од ПВЦ цевки за брзо собирање  и одведување на водата надвор од мостот.

–         Во тротоарите поставивме ПВЦ цевки за додатни инсталации и избетониравме плоча.

–         Врз новата бетонска плоча над коловозот и тротоарите поставивме хидроизолација со битуменски траки, заварена за подлогата на која  претходно е нанесен прајмер.

–         Асфалтирањето  на коловозот го изведовме со асфалт АБ-11 со дебелина од 6,0 см, а на тротоарите со АБ-8 со дебелина од 3,0 см.

–         Изведовме монтажа на еластомерни дилатациони спојници над столбовите С6 и С9.

–         Интервенција на водоводната цевка се состоеше во отстранување на оштетениот лим, заедно со термоизолацијата и поставување нови.

Остануваат да се завршат санационите работи во долниот строј на мостот  под автобуската станица во првите пет полиња и заштита на челичната ограда.

Заради специфичноста на работата (пескарење, штемање ) – создавање бука и прашина, санацијата на мостот од долна страна во делот на автобуската станица ќе ја работиме ноќно време заради несметано одвивање на работата на автобуската кога фреквенцијата е намалена. Засега останува несредената инсталација под мостот, посебно во пешачкиот премин каде поминува шума од инсталација (кабли од Телеком, ЕВН, Железници и кабловски оператори), која треба да се среди и заштити.

На општо задоволство, и на граѓаните на Велес, на 5 август сообраќајот на мостот го пуштивме во сообраќај, за месец дена порано од дозволениот термин во Одобрението. Целосното предавање на мостот планираме да биде до 30 септември, а тоа значи пет месеци порано од предвидениот рок.
_MG_3359

Евгенија Христова, дипл.инж.арх. (СИНТЕК ДОО – Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top