Насловна / Архитектура / Вашингтон – типичен спој на класицизам и модернизам

Вашингтон – типичен спој на класицизам и модернизам

Вашингтон бил основан на 16-ти јули, 1790 година, кога со акт на Конгресот бил одобрен федерален округ меѓу сојузните држави Вирџинија и Мериленд. Идејата на првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон била главниот град на Америка да се подигне од нула, земјиштето да биде така локализирано, да не се фаворизира ниту една од државите во унијата, да се постави на централно место во рамки на територијалните граници во тоа време, и да биде до пловна морска површина. Вашингтон се наоѓа на сливот на реките Потомак и Анакостија и на притоката Рок Крик. Локацијата важи како потсетник дека богатството на елитата на оваа земја, особено на почетокот, зависело од навигацијата, од широки, достапни утоки, а подоцна и од пристаништа и канали.

George Washington (The Lansdowne Portrait) by Gilbert Stuart

Можеби денес, и особено со подемот на модернизмот во регионот од 1950-те, наваму, Вашингтон изгледа како совршено место да биде главен град на Америка. Но, во екот на борбата за превласт меѓу Северот и Југот, требало да се избере меѓу комерцијален центар од една, и земјоделски регион или противтежа на концентрација на финансиска и политичка моќ, од друга страна. Имало уште еден проблем – Вашингтон бил пустелија, агломерација на калливи патишта, мочуришта, со по неколку скромни куќи наоколу.

Претседателот сепак останал доследен на визијата, кога станува збор за дизајнот, новите цели и идеали да бидат соодветни за сегашноста, иако потсетуваат на некое далечно минато. Со осврт на симболите на грчката и римската историја и нивното реторичко значење, со препознавање на значењето на хероите, целта му била и да се постигне политичко и културно обединување, и да ѝ се даде идентитет на младата нација.

Slika 1._resize

Во 1791 година тој побарал помош од Французинот Пјер Чарлс Ленфант, тогаш веќе етаблиран архитект. Инспириран од природната топографија, Ленфант замислил град со широки авении, каде важните згради ќе заземаат стратешки места.

Вашингтон зборува два архитектонски јазици: класичен – на Националното шеталиште и еклектичен, во остатокот од градот.

Slika 3_resize

Главната реализација на проектот на Ленфант е токму шеталиштето – тревна површина којашто почнува од зградата на Конгресот. Вашингтон воедно сведочи за фактот дека убавината на еден главен град може да произлезе не само од величественоста на неговите јавни згради, туку пред сè од урбанизмот и големината на неговите простори. Зад лесната пристапност на шеталиштето, стои идејата сите посетители да се чувствуваат комотно и еднакво.

Slika 2_resize

Темелното познавање на барокната пејзажна архитектура од 18 век и блискоста со Париз и Версај, придонела Ленфант внимателно да ги избере локациите за зградите врз основа на редоследот на нивната важност, почнувајќи од Конгресот, поставен на висок гребен. Со конгресната зграда во средина на скицата, градот лесно можел да се подели на четири дела: северозапад (најголемиот квадрант), североисток, југоисток и југозапад. Оттука произлегле и дијагоналните авении именувани по секоја сојузна држава одделно. Вака уредениот уличен систем, надополнет со беспрекорните дрвореди, создал впечатлива глетка на импозантни фокусни точки и отворени јавни простори.

Slika 3._resize

Планот на Ленфант бил рафиниран во 1900 година, на одбележувањето на стогодишнината на градот. Сенатската Комисија за паркови предводена од сенаторот Џејмс Мекмилан за таа цел ги повикала најистакнатите архитекти, уметници и дизајнери во земјата, по што Националното шеталиште било проширено со уште околу два километра, до меморијалот на Линколн, а биле изградени и многу нови споменици, федерални згради, паркови и музеи.

Со проектот на Националната комисија за урбано планирање „Проширување на наследството“ во 1997 година, планот на Ленфант требало дополнително да се заштити. Во овој случај фокусот бил ставен на заживување на некои од занемарените населби во градот.

Архитектурата и минатото

„Архитектурата е моја радост“, рекол третиот американски претседател Томас Џеферсон, кој исто така имал голем удел во изградбата на Вашингтон. Токму Џеферсон ја дефинирал класичната ера на првите официјални згради. На посегнувањето кон минатото за да се изгради нешто ново, се гледало како на обид државата да биде еднаква со другите, но сепак поинаква. Со лежерната, но прагматична употреба на класичните форми – карактеристика на еклектицизмот што оттогаш наваму ја одбележал архитектурата на САД, Америка барала идеолошка и културолошка поврзаност со Стариот Свет, истовремено изразувајќи ја сопствената независност. Оттука, неокласицизмот бил вистинскиот јазик за на младата држава да ѝ се обезбеди достојно реноме.

Три фактори радикално влијаеле на стилот на архитектурата на Вашингтон: ограничувања на висината на градбите, класицизам и конзервативизам, и модернизмoт во средината на 20 век.

Slika 4_resize

Конгресот уште во 1899 година усвоил правила за ограничување на висината на зградите, поради загриженост од пожари и естетиката на висококатниците. Потоа, со Законот за висина од 1910 година се обезбедил хоризонталниот пејзаж на градот. Според овој акт, ниту една зграда во Вашингтон не смее да биде повисока од 40 метри, со исклучок на делови на авенијата Пенсилванија, каде одредени градби имале дозвола за продолжување на висината на дополнителни 9 метри. Како што се развивал, градот практично се ширел, наместо да се издигнува по височина.

Од 1800 година, архитектурата и дизајнот на многу згради во Вашингтон се инспирирани од класицизмот (стил познат по рационалност, убавина, ред и рамнотежа). Класичната архитектура еволуирала низ неколку фази, сукцесивно подлегнувајќи на влијанието на џорџијанските и паладијските стилови од 18 век, оние на грчката преродба и Втората Империја од 19 век; неокласичен стил под влијание на арт-деко од почетокот на 20 век, модернизам во средината на 20 век и постмодернизмот кон крајот на 20 и почетокот на 21 век.

Slika 5_resize

Зградата на Конгресот е една од најпознатите градби во Америка и еден од најимпозантните примери за неокласичен архитектонски стил во Вашингтон. Се наоѓа над реката Потомак, на источниот крај на Националното шеталиште, со поглед којшто се протега кон запад кон Споменикот-обелиск Вашингтон и Меморијалот Линколн. Како фокусна точка на американската политика, изминативе преку 200 години, Конгресот е дом на законодавната власт на државата. Проектот е на Вилијам Тортон, којшто претседателот Вашингтон го одобрил во 1793 година од голем број конкурси. Оттогаш зградата е проширувана, надградувана и  обновувана. Инспирацијата била употреба на антички, грчки и римски стил на важни јавни згради – препознатлив по високи столбови, симетрични форми, триаголни тимпанони и куполни покриви.

Оригиналната зграда била составена од три дела. Централниот, на кој требало да се надоврзе ниската купола, од каде, на северната и јужната страна произлегле двете правоаголни крила, едно за Сенатот, друго за Претставничкиот дом.

Slika 6_resize

Во 1850-те години оригиналната ниска купола била заменета со сегашната, изработена од бело леано железо, а инспирирана од базиликата Свети Петар во Рим. Зградата е висока 87 метри, со приближно 540 простории и 658 прозорци. Во центарот под куполата се наоѓа Ротондата, а лачните sидови се изработени од песочен камен – поделени со дорски пиластри. Во горниот фриз впечатливи се издлабените венци од маслинови гранки.

Во 2008 година Центарот за посетители на Конгресот, за јавноста беше отворен како Историски музеј, којшто сега привлекува неколку милиони туристи годишно.

Slika 7_resize

Железничката станица (Union Station) во непосредна близина на Конгресот е друг пример за класична градба во Вашингтон. Зградата била завршена во 1906 година, според проект на Даниел Бурхам. „Малите планови не би ги возбудиле умовите на луѓето“, рекол овој познат архитект.

Slika 8_resize

Белата куќа е уште еден пример за класицизам во вашингтонската архитектура. Проектот е на ирскиот архитект Џејмс Хобан во 1790-те години, избран на конкурс. Темелите сепак биле по теркот на оригиналната замисла на Пјер Ленфант, а претседателот Вашингтон имал увид во изготвувањето на проектот за изведба. За осум години, ангажман на ослободени и сè уште притворени робови, како и имигранти од Европа, и за цена од околу 230.000 долари, никнал објект во ирско-грегоријански стил, идентичен со куќа Леинстер, која се наоѓа во Даблин, Ирска.

Претседателот Вашингтон инсистирал објектот да биде изграден од камен и декорации од камен. Песочниот камен Акија Крик (Aquia Creek), којшто варира од кафеава до светлосива боја, значително се користел во градежништвото во Вашингтон кон крајот на 18-тиот и почетокот на 19-тиот век. Овој песочен материјал, кој се наоѓал во областа Стафорд во Вирџинија, имал особена вредност бидејќи можел лесно да се обликува, каменоломот бил достапен и преку реката Потомак и материјалот можел брзо да се пренесе до градилиштето. Каменот бил порозен и подложен на пукнување при ниски температури, но на крајот бил заштитен со материјал на база на вар, и оттука е добиен називот Бела куќа. По неколку големи реновирања и закани да биде преместена, Белата куќа сепак останала на актуелната локација. Денес има 142 соби на шест нивоа. Претседателскиот дом е единствената приватна резиденција на шефот на државата отворена бесплатно за јавноста. Белата куќа ја рефлектира историјата на една нација преку насобраните колекции на 46 претседатели досега и служи како светски симбол на американската република.

Slika 9_resize

Министерството за финансии од 19 век и зградите на Врховниот суд во 20 век, дополнително ја одразуваат традицијата на класицизмот. Врховниот суд, дизајниран од њујоршкиот архитект Кас Гилберт бил завршен во 1935 година, и е уште една форма на голем мермерен храм во римски стил, со впечатливи широки скали и трем со високи коринтски столбови.

Деловните згради во таканаречениот Федерален триаголник, изградени по Првата светска војна (1914 – 1818) како одговор на потребата на Владата за поголем канцелариски простор, се примери за помодерни и неокласични стилови под влијание на арт-деко. Меѓу нив се Министерството за трговија, Поштенската служба, Службата за даноци, Министерството за правда, Националниот архив и зградите на Федералната комисија за трговија.

Традицијата на конзервативизам е очигледна и при проектирање на многу приватни згради во Вашингтон. Неколку згради од почетокот на 19 век и натаму постојат во центарот на градот. Кон крајот на 20 век, движењата за зачувување на историското наследство успешно ги спасиле фасадите на бројни постари градби, вметнувајќи ги во рамките на новите деловни објекти.

Slika 10_resize

Резиденцијалните области од средината на 19 век се карактеристични со редици куќи, кои како да се прикачени една до друга и кои незначително се разликуваат по големина, висина, стил и градежен материјал. Подоцнежните населби нуделе поголеми дворни места и разновидни единични куќи наменети главно за средната и за високата класа. Во 1870-те, елегантните куќи-дворци биле градени од варовник или од декоративна тула и теракота, особено во населбите Дупонт и Калорама во северозападниот дел на градот. На почетокот на 1930-тите, многу од овие објекти биле претворени во амбасади, приватни клубови и деловни простори. За време и веднаш по Првата светска војна, и повторно по Втората светска војна (1939 – 1945), во Вашингтон бил забележан подем на изградба на станбени згради, поради порастот на бројот на државни службеници. До крајот на 20-тиот век, во некои од претходно запоставените населби во Вашингтон никнале нови градби за повеќенаменска употреба и луксузни хотели.

Архитектурата и сегашноста

„Архитектите успеваат, кога заземаат убав пристап, ја почитуваат урбанистичката рамка и соодветно ја приспособуваат архитектурата“, вели Томас Лубки (Thomas Luebke), секретар на Комисијата за ликовни уметности на САД.

Slika 11_resize

Употребата на класичните форми за дизајн на монументалниот дел на Вашингтон се одвивала околу 150 години, сè до 1941-та, со изградбата на западното крило на Националната уметничка галерија дизајнирано од Џон Расел Поуп. По дизајнот на Меѓународниот аеродром „Далс“ во 1962 на Еро Саринен, и триаголниот модул на источното крило на Националната уметничка галерија благодарение на И. М. Пеи, Вашингтон почна да се вбројува меѓу градовите со најдобра модерна архитектура.

Dulles_Airport_Terminal_resize

Уште еден од примерите за подем на модернизмот во овој град е и проширувањето на меморијалот и на концертната сала Џон Кенеди. Проектот е наречен „Рич“ (Reach) или „Достигнување“. Трите футуристички бели павилјони проектирани се од тим под водство на архитектот и теоретичар на архитектурата, Стивен Хол. „Рич“ е првото проширување на оваа локација, додаден е и нов ресторан и повеќе простори за изведби на модерен балет, опера, комични шоуа, џез, па дури и експериментални диџеј сесии.

12_resize

Се чини дека со години репутацијата на Вашингтон зависела од политиката, спомениците, и, се разбира, од скандалите. Но, од неодамна, главниот американски град се претвори во дестинација за љубителите на дизајнот и архитектурата. Со голем број нови хотели, ресторани и културни настани, градот никогаш не се чувствувал посвеж и поживописен.

Така, денес новите проекти во Вашингтон се проектирани да ја преиспитаат морфологијата на градот, притоа почитувајќи го неговиот идентитет. Денес, Вашингтон останува слоевит и културно разновиден. Денес, може да го имате најдоброто од двата света, истражувајќи во минатото со посета на Националното шеталиште и музеите или фокусирајќи се на авантуристичкиот дух на модерните соседства.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Испрати коментар

Scroll To Top