Од 1 до 3 октомври 2025 година, во конференцискиот „Сава центар“ во Белград, Србија, се одржа значајната регионална и меѓународна конференција „Southeastern Europe Tunnelling Conference 2025“ (SETC 2025). Настанот се организираше од страна на Меѓународната асоцијација за тунели и подземни простори (ITA-AITES) и Српската асоцијација за тунели и подземни објекти (ITA Serbia).

Project Showcase – презентација на проекти од тунелоградбата во Македонија
Конференцијата беше насочена кон размена на искуства, најдобри практики и најнови достигнувања во тунелската и подземната инфраструктура. Програмата опфати пленарни сесии, стручни предавања, изложбен дел со презентации на проекти и техничка тура на тунел во фаза на изградба. Настанот привлече бројни експерти од регионот и пошироко, вклучувајќи инженери, проектанти, истражувачи и претставници на компании. Свеченоста на отворањето се одржа пред речиси 400 посетители од околу 40 држави.

отварање на конференцијата
Андреа Пигорини, претседател на Меѓународната асоцијација за тунели и подземни простори (ITA-AITES), нагласи дека собирот кој се одржа во Белград е исклучително важен за глобалната градежна индустрија.

Balkan Forum – состанок поврзан со соработка на земјите од регионот
„На овој собир ги афирмираме најдобрите проекти, нивните творци и материјалите што допрва ќе бидат применети во нашата професија. Ова е местото каде што се среќаваме, разменуваме знаење и искуство во корист на глобалната градежна заедница. Тунелите под планините, реките и морињата на кои работиме ќе ги поврзат идните генерации. Горди сме што истакнуваме проекти за иднината што ќе бидат од корист за целата планета“, рече Пигорини.

Панел дискусија -„Можности за развој на тунели и подземен простор во Југоисточна Европа – перспектива на управување со ризици“
На овој значаен настан учествуваше и македонска делегација која го претставуваше инженерскиот и градежниот сектор од земјава. Претставниците имаа можност да присуствуваат на повеќе технички сесии, да воспостават контакти со колеги од регионот и да се запознаат со современите пристапи и технологии во тунелското инженерство. Посебен акцент беше ставен на дигитализацијата, безбедноста и одржливоста при реализација на подземни проекти. Учество земаа проф. Златко Зафировски, асистент Васко Гацевски и доц. Филип Касаповски од Градежниот факултет при УКИМ, како и Стефани Ѓорѓевска и Мартин Бошковски од стопанството – сите членови на ИТА Македонија.

Презентација на научно-истражувачки турд – асист. м-р Васко Гацевски
Меѓу најзабележителните теми беа:
- Проектирање и изградба на тунели за брз железнички сообраќај;
- Интегрирање на нови технологии и автоматизација во тунелското градење;
- Заштита на животната средина и енергетска ефикасност при подземни работи;
- Размена на искуства во одржување и управување со постојни тунели.
Настанот SETC 2025 претставуваше извонредна можност за размена на знаења и искуства меѓу експертите од светот. Македонската делегација успешно ја искористи оваа можност за проширување на своите професионални врски и за следење на современите трендови во областа на тунелската и подземната инфраструктура. Со вакви учества, земјата ја зацврстува својата улога во регионалната инженерска заедница.

Презентација на научно-истражувачки турд – м-р Стефани Ѓорѓевска
ITA TUNNELLING AWARDS 2025
Во рамките на конференцијата се одржа и свечената церемонија ITA Tunnelling Awards 2025, каде беа претставени најиновативните проекти во светот на подземната инфраструктура.
Доделувањето на глобално најважните признанија во оваа област ITA Tunnelling Awards во Белград ги собра водечките светски експерти и претставници на инфраструктурни компании од целиот свет, меќу кои Кина, Велика Британија, САД, Јапонија, Франција, Италија, Шведка, Сингапур, Грција. Повеќе од 100 проекти се натпреваруваа за награди, а од 25-те финалисти, стручното жири ги избра најдобрите во седум категории. Проектите, кои поставуваат нови стандарди во градењето тунели, се натпреваруваа во повеќе категории – од големи и средни инфраструктурни потфати, преку технички и одржливи иновации, до безбедност и категорија „Млад тунелџија на годината“.
Златни добитници на наградите ITA Tunneling Awards 2025
- Главен проект на годината (над 500 милиони евра): Потопен тунел за поврзување Shenzhen-Zhongshan, Кина

- Проект на годината (помеѓу 100 и 500 милиони евра): Тунел Yangzong во Куенминг (надвозник Fude) – автопат Јилианг во покраината Јунан, Кина

- Проект на годината (до 100 милиони евра): Станица Hongyancun на железничката транзитна линија 9 Chongqing, Кина

- Техничка иновација на годината: Прв пат во светот на линијата Б на метрото Тулуз: Бетонски сегменти со многу ниска содржина на јаглерод со Metakaolin, Франција
- Иновација производ/опрема на годината: Систем на бесколски транспорт за тунели со голем дијаметар и супер долги тунели TBM- бушење, Кина
- Напредно размислување под земја: Обликување на иднината: Станица на метрото Венизелоу Солун, Грција
- Млад тунелџија на годината: (копобедници) Андреа Маркиони, Италија и Аида Сантос Сантамариа, Шпанија
Србија, како домаќин, вон конкуренција, оваа година доби специјално признание за тунелот „Иришки венец“ за придонес во изградбата на тунели.

Посета на тунел во изградба – Иришки венац
Тунелските цевки на „Иришки венец“, идниот најдолг тунел во земјата, ќе бидат пробиени до крајот на годинава. Кога ќе биде готов тунелот ќе ги поврзе Нови Сад и Рума. Десната цевка на тунелот беше пробиена пред неколку дена. Работите ги изведува кинеската компанија CRBC. Тунелот долг 3,5 километри се гради според највисоките меѓународни стандарди. Моментално на автопатите во Србија има 19 тунели, со вкупна должина од 33 километри.
Автор: Проф. Златко ЗАФИРОВСКИ, дипл. град. инж., Градежен факултет Скопје
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија