Насловна / Архитектура / Трансформација на индустриски простори

Трансформација на индустриски простори

Со развојот на индустријата и со оформување зони за индустрија, особено во втората половина на минатиот век, во различен степен се врши раскинување на компактното ткиво на градовите. Просторите за индустрија се лоцираат до урбаното ткиво и надвор од него, на различни растојанија од станбените населби. Битен фактор е темпото на развој, а помалку применет е факторот на заштитата на околината. Процес на развој, потоа заштита. 1 Industrija vo  Ludvigshafen Germany

 Индустрија во Лудвигсхафен – Германија

Визуелната слика на градовите е силуета со вертикали на фабрички оџаци, како симбол на развојот. Се внимава на висината на оџаците и големината на санитарно-заштитните зони со вегетација, наместо акцентот да се насочи директно на непосредниот извор на загадување. Но, загадувањето на воздухот, водата и почвата е присутно и на дистанца. Предвидените растојанија меѓу индустријата и станбените неселби се релативни.

Ситуацијата е уште понеповолна со натамошното растење на градовите, со игнорантскиот однос кон процесот на бесправна изградба на објекти и цели населби кои се оформуваат на периферијата на градовите и околу индустријата, со што предвидените растојанија се намалуваат и постепено се спојуваат градовите и зоните со индустрија. Пристапот со дистанцирање на индустријата, високи оџаци и зони со вегетација за санитарна заштита се покажа неефикасен. Проблемите се решаваат непосредно во сегментот каде настанува загадувањето, непосредно на изворот.

Се промовираат технологии кои имаат поволен степен на влијание врз околината. Во третманот на просторите за индустрија се применуваат принципите на одржлив развој, со соодветна заштита на компонентите на средината, преку промовирање на незагадувачка индустрија. Во однос на просторот, потребно е санирање и ревитализација на постојните индустриски објекти, со примена на нови технологии, со процес на трансформација на индустријата и со поефикасно уредување на просторот на индустриските зони. Еволуција на просторите со индустрија, од напуштени погони од  транзицијата, до нови урбани жаришта. Поврзување на реалноста и визиите, како предизвик за архитектите.4 Jugohrom Jegunovce

Југохром – Јегуновце

Во развојот на индустријата се согледуваат три периоди кои се одвиваат со различен интензитет и во различни простори:

Период 1 – Концентрација. Период на оптимизам, изградба на нови индустриски погони, потреба од работници, процес на миграции, развој на индустријата. Периодот од 50-тите до 80-тите години на минатиот век се карактеризира со концентрирано просторно разместување на производствените дејности во градот Скопје како најголем индустриски центар во Македонија, со околу една третина oд вкупните индустриски капацитети. Основна карактеристика на просторната структура на индустријата е регионална нерамномерност во разместување на индустриските капацитети, со концентрации на индустријата во поголемите урбани центри, што е поврзаио со концентрација на населението и другите урбани содржини.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Топилница – Велес

Период 2 – Трансформација. Сопственичка, просторна, од големи индустрии се оформуваат мали претпријатија и индустрии, процес на транзиција во 90-тите години. Во индустриските капацитети после 1992 година настанаа битни промени во сопственоста, обемот на капацитетите, преструктуирење на производството, а тоа имаше влијание врз просторното организирање на индустриските капацитети. Во тој постприватизационен период на реструктуирање на стопанството, присутен беше проблемот на недоволни инвестиции за модернизација на опремата и унапредување на технологијата на производствениот процес.

Период 3 –  Дисперзија. Оформување на зони за технолошки развој, со дисперзија на индустриски кацацитети, особено во последната декада. Со лоцирање на индустриски објекти во помалите урбани подрачја се подобрува нивото на просторна разместеност на индустриските капацитети, со акцент на индустриските развојни зони, со внесување на еколошки стандарди за квалитет на средината.

Урбани подрачја и индустрија. Во урбанистичките планови на градовите, покрај другите урбани содржини, се утврдуваат и подрачја за индустрија. Големината на просторите за индустрија, во однос на вкупните урбани подрачја, се движи од 10 до 15%, во зависност од просторните потреби утврдени со урбанстичкиот план, а процентот на реализација на делот со индустрија се движи од 20 до 70%, во зависност од условите за реализација на планските поставки и решенија.

Во европските градови, идустријата зафаќа 4 до 10% ( Лондон 4,7%, Париз  5,2% од вкупна изградената површина – според Bertaud A., 2006),  додека во источно-европските градови индустриското замјиште зафаќа 10 до 30% од урбаните подрачја (Прага 13,4%, Варшава 15,1%, Белград 18%, Љубљана 27,4%).

Насоки за трансформација на простори за  индустрија

1. Нова технологија во постојни простори

Постојат индустриски објекти кои ја изгубиле својата намена и оставени се на забот на времето, како и објекти кои не се одржуваат. Таквите запуштени простори и индустриски објекти се негативни појави во градовите, бидејќи придонесуваат за неповолната околина, со загадување на земјиштето и подземните води. Тоа се случува во голем број градови, особено тоа е актуелно во земјите во транзиција, каде се развиваат голем број на проекти за ревитализација, базирани на одржливиот развој.

Најчесто применуван тип на трансформација на индустријата е со внесување нови технологии во постојните капацитети, со што се овозможува повисока финализација на производството и пазарно конкурентни производи. Со тоа се врши модернизација на индустриските капацитети, со воведување на информатички технологии, флексибилни технологии на нови материјали, био технологии, енергетски и еколошки ефикасни технолошки процеси. Во однос на просторните структури се насочува организирање на мали, флексибилни капацитети со примена на соодветни штедливи и еколошки технологии, според принципите на одржлив развој, според кои индустрискиот развој и заштитата на животната средина сочинуваат единствен систем, со примена на сооодветна архитектура за флексибилна индустрија.6  Fleksibilna idustrija vo Svajcarija 8 Fleksibilna industrija vo Singapur

Флексибилни индустрии во Швајцарија и Сингапур

2. Нови намени во постојни индустриски објекти

Покрај внесување нови технологии во постојните капацитети, при трансформација на индустриски објекти може да се предвидат и нови намени во постојните објекти. Новите намени можат да бидат од различни урбани функции (една или повеќе функции), особено за потребите на културата или домување (како доминантна содржина на урбаните ткива). Притоа се користат постојните просторни структури, со одредени внатрешни промени, доградби и (или) надградби, според потребите на новата урбана функција, усогласена со урбанистичките услови.10 Kompleks na prenameneti objekti vo Viena

Комплекс на цилиндрични пренамени на објекти во Виена

Интересен пример за таква трансформација на идустриските објекти е комплексот Гасометер во Виена, кој се пренаменува како мултифункционален комплекс, со задржување на фасадите од тули на четири индустриски објекти. Ново во старо. Пренамена на стар индустриски комплекс од крајот на 19 век (1896). Четирите објекти првично биле наменети за чување на гас за снабдување на Виена. Во 70-тите години Виена се снабдува со природен гас, а објектите не се користат и се предмет на пренамена.

9 Kompleks prenameneti objekti vo Viena

По затворањето, сите четири големи цилиндрични објекти беа демонтирани, освен фасадите од тули кои се зачувани. Во 1981 година објектите се под старателство на ликовните уметности во Австрија (се користат како културни центри), во 1986 година се заштитени, во 1995 година се одржува натпревар за проект за пренамена на објектите и секој од архитектите  разработува по еден објект.

Автори на пренамената се: Jean Nouvel, Coop Himmelb(l)au, Manfred Wedhorn и Wilhelm Holzbauer, и секој од нив проектира по еден објект, со задржување на основните фасади на кружните индустриски објекти, заради зачувување на духот на времето, што се обратни трендови од тековната ситуацијата кај нас. Зградите се предвидени како повеќефункционални, долните катови се со јавни содржини, а горните катови се домување, а се применети различни решенија на средишниот дел. Се одвиваат активности во периодот 1985 – 2001 година.14 Lisabon Expo 98

Комплекс „Експо 98“ во Лисабон

13 Lisabon Expo 98

3. Нови намени на локалитет со индустриски објекти

При трансформација на индустријата, може да се примени и внесување нови намени на локалитет со индустриски објекти, со предвидување нови урбани содржини и нови просторни структури на локација на некогашни индустриски објекти и комплекси. Таков е примерот  на локалитетот „Експо 98“ во Лисабон, сместен во крајбрежниот појас на реката Тагус, во должина од пет километри, со површина од 50 хектари.  На тоа место претходно се наоѓала запуштена индустриска зона (оддалечена осум километри од центарот на градот).

Идејата на градските власти не била само да се промовира лисабонската и португалската култура, како и развојот на науката и техниката, туку да се формира еден сосема нов кварт од градот, кој ќе продолжи да егзистира и после „Експо 98“.  Тоа е пример како една неатрактивна индустриска зона може да заживее и да функционира како витален градски простор, со пренамена од индустриски во атрактивен станбен, деловен и забавен кварт.

Принципот ново наместо старо е применет во повеќенаменската нова населба Биотоп, на место на некогашна индустриска зона во Амстердам, со вградување на ефикасни еколошки принципи.15 Nova naselba Biotop vo Amsterdam

Нова населба Биотоп во Амстердам

4. Нови намени над постојни објекти. Слоеви.

При трансформација на просторите на индустрија, може да се примени и внесување нови намени над постојните индустриски објекти, со принцип ново над старо, како на примерот на проектот Фабрика 798 (2004) во Пекинг, Кина, проект на архитект Bernard Tschumi. Притоа се почитуваат постојните структури и се предвидуваат и нови структури над постојните, со систем на слоевито градење, со тоа што егзистира пренаменета индустрија во центар за култура и се додава нов дел за домување над постојните пренаменети објекти. Фабриката што била за производство на оружје за време на ладната војна, е лоцирана во североисточниот дел на Пекинг. На површина од еден милион метри квадратни се предвидува друга намена – домување. Архитектот го задржува постојното ткиво на старите објекти, со модифицирана намена за простори за уметност, а новата мрежа на станбени згради се поставува 20 метри над постојната структура и создава еден вид нов хоризонтален град третиран во слоеви, со  додавање нова структура над постојната.

17 Fabrika 798 vo Peking 16 Proekt Fabrika 798   vo Peking 18 Proekt Fabrika 798 vo Peking 19 Proekt Ffabrika 798 vo Peking

Проект Фабрика 798, Пекинг, Кина

Активности за  зголемување на квалитетот на просторите за индустрија:

–          перманентен процес на одржување, обновување и модернизирање на индустриските објекти, со примена на нови технологии и ревитализација на постојните погони и изградба на нови флексибилни објекти и уредување на просторот;

–          примена на пренамена на одделни напуштени индустриски објекти или комплекси со нови урбани содржини, со вклучување во актуелната урбана содржина на градовите;

–          примена на суштински процес на урбана обнова на индустриските зони;

–          перманентен процес на трансформација на просторите за индустрија (со примена на еден или повеќе типови), со вградување на еколошки принципи, во функција на постојано зголемување на квалитетот на просторите за индустрија.

Испрати коментар

Scroll To Top