Насловна / Арт и дизајн / „Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ во МСУ

„Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ во МСУ

Денес (10 јули), во 20:30 часот, во Музејот на современа уметност во Скопје, ќе се отвори изложбата „Ти си мобилна архитектура“ на авторката Ирена Пејовиќ.

„Ти си мобилна архитектура“ е мултисензорен настан кој кореографира движења преку комбинирање облека, модуларни форми, предлози, како што се фотографскиот објект и звукот како место, материјалноста како настан, техниките на организација во природата и организација на луѓето, и она што се појавува. unnamed

Пејовиќ создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациони односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно. Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна. Делата, просторот и гледачот земаат рамноправен дел во изработката на настаните. За нејзините дела, Бен Дејвис, национален критичар за Артнет Њуз, вели: „Нејзиниот интерес за танцот и импровизираните движења се дестилира во средини кои на видик се ултраделикатни и робусни. Пејовиќ ја развива идејата за скулптура, не како фиксен збир од објекти, туку како релации кои секогаш се одвиваат – кои влијаат и се под влијание на начинот на кој гледачите се движат низ нивните параметри. Транспарентните материјали прикриваат суптилни движења и случајности кои доаѓаат во фокусот, за потоа да се распаднат во истрагата; На суптилен начин, од оваа средина се појавуваат тактилни и аудитивни компоненти кога таа е истражена, нагласувајќи ја концепцијата на уметноста како производ на холистичко искуство поголемо од кој било од неговите делови.“

„Ти си мобилна архитектура„ започна како резултат на пронаоѓањето на ветрот како нова агенција во градењето. Фотографиите, видеодокументацијата, звучните снимки, движечкосензорните настани и движечкосоздаваните настани од агенциите: телото, ветрот и ткаенината – кои градат низ средините на движење, беа дел од почетокот на ова истражување. Подоцна беа организирани кратки експериментални вечери во театарски и домашен амбиент, на кои се користеше движењето-во-перцепција и следењето-на-настаните-во-формирање, како начин за донесување одлуки преку кореографскиот објект, перцепцијата во материјалот, фотографијата како средство да се помести локацијата (локацијата е ориентација – ориентацијата е локација).

„Ти си мобилна архитектура“ e тековно истражување низ средините на движење. Ти си мобилна архитектура – нема фиксно значење и нема фиксна форма. Делото е мобилно, затоа, значењето треба да биде во мобилноста. Тоа е хаптичен простор, мазен простор каде што ветрот свири, дрвото пука и бара сите да учествуваат во неговото создавање. Се бара отворен процес на создавање, за да се овозможи дело што е живо, форма која е во формирање.

Ирена Пејовиќ (1981) родена е во Гевгелија, а живее и работи во САД. Дипломирала и магистрирала ликовна уметност на Државниот универзитет „Монтклер“.

Во 2016 година, Пејовиќ била дел од перформансот SWIM на американскиот уметник Роберт Витман, презентиран во Галеријата „Фридман“ во Њујорк, а реализиран во соработка со Фондацијата „Диа“ и со Џули Мартин, директор на „Експерименти во уметноста и технологијата“. Истиот перформанс, на кој Пејовиќ, исто така, учествувала, за првпат бил изведен година дена претходно, во театарот „Александар Касер“ во Монтклер. Меѓу останатите, со свои самостојни изложби се има претставено во галеријата „Ненси Дрифос“ на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси; во галеријата „Карас“, Загреб, во галеријата „Аферо“, Неварк, Њу Џерси; во галеријата „МЦ“ во Њујорк.

Пејовиќ е добитник на неколку значајни награди за својата уметност – 2018 година: Државната награда за индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси; во 2014 година Награда од Обединетата македонска дијаспора: Џон Битов Македонско културно наследство; а во 2013 година со Step Beyond Travel Grant од Европската културна фондација. Таа е вонреден професор е на Државниот универзитет „Монтклер“ и на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси, САД.

Испрати коментар

Scroll To Top