Насловна / Вести / Тhink-tank за корпоративни околини: Синергија на новиот глобален архитектонски наратив

Тhink-tank за корпоративни околини: Синергија на новиот глобален архитектонски наратив

Светот радикално се промени, ги трансформираше концептите и етаблираните норми на функционирање од корен. Токму во еден таков нов храбар свет, најверојатно ние архитектите сме позитивната колатерала бидејќи сме сведоци на ново обмислување на сето она кое сме го изучувале и/или апликативно сме го осетиле.

Orgatec2022 (18)

ORGATEC 2022

Orgatec2022 (1)

Оваа есен во Келн бевме сведоци на таа голема трансформација. Саемот Orgatec 2022 ги отвори своите врати на 25 октомври во склоп на Koelnmesse комплексот кој е лидер во полето на организација на настани поврзани со дизајн, корпоративни и приватни ентериерни решенија, градини, животен стил и современи работни простори. Водечкиот IMM Cologne стои зад најпознатите саеми како LivingKitchen, Spoga+Gafa како и Orgatec кои ги покажуваат светските трендови, производи и иновации и служат како интернационална сцена на глобалната индустрија. Инаугурацијата на новиот спиноф настан на Orgatec, Orgatec Tokyo – The Rise of Hybrid Work, посочува на таа голема експанзија и на влијателноста на овој светски настан врз глобалните трендови.

Orgatec2022 (20)

За да можеме накратко низ информации да ја пренесеме суштината на овој голем настан, треба да се спомене интернационалноста и посетеноста. 686 компании од светот, од 43 земји го поставија во Келн најголемиот playground на корпоративните ентериерни решенија, а го посетија преку 45.000 посетители од 130 држави.

Orgatec2022 (16)

Навистина, темата која овој саем ја поставува е глобална тенденција, моментум кој ги реконфигурира светските компании, нивното место во интернационалнот борбен ринг, како и редефинирањето на работната средина во контекст на грижата кон човечкиот капитал. Индустријата секако е свесна за порастот на социополитичкото значење на темата „работна средина“ (office envirnoment) во годините кои доаѓаат.

Orgatec2022 (12)

На повидок на хоризонтот се комплексни времиња кои со себе носат несигурност и навестуваат, односно сугерираат до компаниите да бидат спремни за изненадувањата кои следуваат. Поради сериозноста на она што овој саем го пренесува, оваа година за прв пат беа организирани тематски тури водени и курирани од познати архитектонски студија кои беа организирани од архитекти за архитекти. Популарноста на овие тури беше фантастична, сите беа веднаш исполнети и со тоа покажаа колку се важни аспектите кои Orgatec ги опфаќа во спектарот на корпоративниот пејзаж.

Orgatec2022 (17)

Дополнувајќи го сето ова, овој настан ги зема предвид скорашните развојни решенија кои започнаа да нудат хибридни и флексибилни работни стратегии како и паметни технологии. Во фокус на овогодишниот настан беше темата одржливост која го амплифицираше токму она што темите погоре го опфатија. Организацијата на саемот освен тоа што ги претстави производителите преку нивните иновативни штандови, организираше и голем број конференции, дискусии и форуми, како и предавања од експерти кои го доведоа овој настан до сфера на глобална конференција за корпоративни работни околини и нови стратегии во новите времиња. Заднината на овие новитети беше социополитичкото значење за модерните работни светови, како и развојот во областа на однесувањето на корисниците во склоп на новата работна атмосфера.

Orgatec2022 (10)

Хелмут Линк, претседателот на IBA (Interior Business Association), го искажа своето задоволство во контекст на квалитетот на овогодишното издание на Orgatec. „Токму на овој начин треба ваков саем да биде организиран. Orgatec 2022 ги надмина нашите очекувања, од аспект на посетеност, но и од интензитетот на дискусиите. Имавме неверојатно голем број врвни дискусии, како никогаш досега“, изјави Линк за печатот. Очекуван беше успехот на 2022- изданието, по двете комплексни години на пандемија, индустријата насобра огромна кинетичка енергија која очекуваше токму ваков полигон каков што Келн во вистинско време понуди!

Orgatec2022 (25)

Архитектурата како јазик започна еден сосема нов наратив во областа на корпоративните ентериери. Големите корпорации започнаа да талкаат во различни правци, да се губат во преводот на големата количина информации кои нè затекнаа неспремни на постпандемискиот хоризонт. На оваа нова територија, архитектонски започнавме да го замислуваме новиот работен простор. Каrе Германија го промени клишето home office во office home и со тоа германскиот производител на мебел, светло и додатоци направи радикални трансформации во она што претходно за нас претставуваше канцеларија. Домашниот концепт на ентериер, теписите и промената на бојата на белиот спектар на светлината (од 4.000 К во 3.000 К), создаде нов работен пејзаж кој има тенденција да ја смирува атмосферата, дури и да ја компромитира работната спремност на вработените од една страна, кое пак за чудо не се покажа погубно туку напротив, ја зголеми позитивната енергија на работното место.

Orgatec2022 (9)

Нашето студио за архитектура „Суперблок“, кое беше ексклузивен претставник на Orgatec 2022 во својство на известувач за Порта 3, веќе две години го трансформира пристапот кон ентериерот особено оној корпоративниот, преку земање предвид нови потреби, не само на компаниите туку и на самите вработени. Се сменија очекувањата на вработените и идните вработени, HR-отсеците на компаниите се престроија во советувалишта и започнаа да изнаоѓаат нови решенија за ловење на нова работна сила. Потребен беше радикален исчекор во однос на новиот ентериер, но во вистинска насока!

ORGATEC-LOGO

CRAZY LABS СОВРЕМЕН ФОРУМ НА ДИГИТАЛНОТО ДОБА

Crazy Labs еден од нашите најголеми клиенти, компанија за изработка на светски познати игри за мобилен телефон од Тел Авив, во склоп на своето позиционирање во Македонија имаше потреба од изработка и дефинирање на нов работен простор. Таа задача беше голема тема која ги преиспита нормативите за создавање работен простор, особено со очекувањата на израелскиот гигант кој во исто време ја правеше својата флегшип канцеларија во Тел Авив со архитектoнското студио „Ширли Замир“ кои проектираат ентериери за Facebook, Booking.com, Fiverr и Lenovo. Битката беше јасна, „Суперблок“ од Скопје против „Ширли Замир“ од Тел Авив, за клиент гигант со цел да му ги покажеме на светот нашите способности како интернационално студио кое функционира во Скопје.

Crazy Labs (3)

Идеите не престанаа да течат, низ неколку онлајн сесии помеѓу Скопје и Тел Авив креативната енергија растеше и го насочуваше ентериерот во правец кој покажуваше нешто сосема ново, настрана од етаблираните клишеа кои компаниите ги вградуваа во своите ентериери. „Суперблок“ требаше да изнајде нов концепт, за да се фасцинира клиентот. Поставивме јавен простор, кој требаше да биде современиот форум на дигиталното доба. Место кое ги сплотува енергиите и нуди чувство на урбаност и топлина.

Crazy Labs (6)

Кафетеријата поставена на мал простор беше заобиколена од функции како пиљарница за зеленчук, киоск за сладолед, аголен бар и доминантна отворена кујна, која насреде просторот зрачеше со домашна и непретенциозна енергија. За прв пат во Македонија, бетонскиот под во јавниот простор беше изведен без импровизации. „Смарт Ливинг“ од производителот Ardex го употреби производот PandomoStudio за кое доби австриска лиценца.

NYSK HOLDING – ТЕМИ КОИ ПО ПАНДЕМИЈАТА ИЗЛЕГОА НА ВИДЕЛИНА

NYSK Holding (1)

Знаењето и искуството во оваа област е нешто кое созрева и се пренесува од проект до проект. Нашиот клиент NYSK Holding за кој пред пандемијата изведовме успешен корпоративен проект ги допре сите теми кои по пандемијата излегоа на виделина. Темата одржливост, природни материјали, смирени тонови, добра акустика, како и софистициран скандинавски дизајн, беа теми кои со интернационалната компанија од Варшава и Скопје ги дискутиравме и директно ги применивме во нивниот главен деловен објект во индустриската зона Чојлија во близина на Скопје.

TASKFORCE ПРОСТОР ОД ФЛЕКСИБИЛНИ И МОБИЛНИ ЕЛЕМЕНТИ

TaskForce

Изведбата на корпоративни ентериери е многу сложена задача, исполнета со предизвици и прашања од сферата на естетиката и функционалноста, но и за создавање на нешто ново, неочекувано, тие ентериери се алатка за привлекување на нова работна сила. Создавањето на ентериерната синергија длабоко во себе ги втемелува основните (core) принципи на големите компании, но и вредностите кои им ги пренесува на своите вработени. Американската компанија TaskForce која на наша територија е активна од 2016 година се престори во епитом за успешна млада компанија која во моментов има преку 1.800 вработени во Македонија со раст од 100 вработени месечно. „Суперблок“ е официјалниот проектант и изведувач на нивните корпоративни јадра, во Скопје и низ Македонија. Од работата на таа компанија произлезе know-how на едно поинакво ниво.

Superblock Studio (1)

По работата за CrayzLabs „Суперблок“ се претвори во think-tank за корпоративни околини и започна да создава синергија која раскажува еден глобален архитектонски наратив. TaskForce има потреба од океански типови на позиционирање на работна сила со диверзитет од работни задачи. Акустиката тука е примарна и нејзиното утилизирање, но и распознавање како проблематика е есенцијално. Позиционирањето на мобилни кабини за состаноци е тренд кој Orgatec 2022 го пренесе во целиот свој замав. Ни покажа како може работното зонирање да биде флексибилно, да се отргнеме од фиксните концепти на преградување и да создадеме простор од флексибилни и мобилни елементи кои во даден момент дозволуваат да бидат пренесени на друга локација.

Superblock Studio (3)

Патот пред нас е исполнет со предизвици, архитектонската фела е сатурирана со информации за новото доба кое следува. Најверојатно сме во период на транзиција кој трасира една нова состојба и покажува правец на движење кој навидум е комплексен, но пред сè е полн со изненадувања. Настани како Orgatec во Келн и Salone во Милано се суштински двигатели на тој процес на надградба во процесите кои ние треба да сме во состојба да ги примениме и адаптираме на нашите локални состојби.

Ексклузивно за Порта 3 од Келн
Иван и Бојана Мирковски
Студио Суперблок

www.superblock.mk

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top