Насловна / Вести / Студенти ќе изработуваат бизнис планови за енергетска ефикасност

Студенти ќе изработуваат бизнис планови за енергетска ефикасност

platforma za energetska efikasnost
Студентите на економските и техничките факултети од денеска до крајот на месецов може да се пријавуваат на конкурсот за изработка на најдобар бизнис план за енергетска ефикасност што е објавен на веб-странцата www.energetskaazbuka.mk.

Пријавувањето за учество на натпреварот, кој е дел од активностите во рамките на Програмата за енергетска ефикасност, организирана од Министерството за економија и ЕВН Македонија, е во форма на тимови од минимум две и максимум шест лица.

Пристигнатите трудови ќе ги разгледува стручна комисија, а најдобрите три проекти ќе добијат парични награди во износ од 30.000, 18.000 и 9.000 денари. За пријавените студенти ќе се организира и кратка обука од стручни лица за критериумите за изработка на бизнис планот.

За реализација на натпреварот за најдобар бизнис план, се вклучија тимот на Енергетска азбука и студентските организации IASTE и AIESEC, кои ќе дадат техничка и логистичка поддршка за реализација на овој проект.

– Целта ни е да добиеме нови идеи од страна на студентите, како подобро да се искористат мерките за енергетска ефикаснoст, – рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Вернер Хенгст, посочи дека ЕВН Македонија досега спровела многу програми за вработување, особено за младите луѓе, но дека  се уште постои јаз меѓу она што го нуди образованието и потребите на реалниот сектор.

– Како енергетска компанија ние работиме интензивно на примената на енергетската ефикасност, особено во реалниот сектор. Но, за да имаме поголема практична примена неопходна е едукација, особено кај најмладите што во иднина ќе бидат носители на развојот во економијата. Затоа овој натпревар е важен, бидејќи ќе отвори една нова димензија на размислување која треба да стане редовна практика во следниот период, –  рече Хенгст.

Испрати коментар

Scroll To Top