Насловна / Архитектура / Стеван Смилевски: Кога ќе отпочне процесот на проектирање треба да сме сами пред белата хартија

Стеван Смилевски: Кога ќе отпочне процесот на проектирање треба да сме сами пред белата хартија

Стеван Смилевски е роден 1948 година во Скопје, каде завршил основно и средно образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Дипломирал на Архитектонско – градежниот факултет во Скопје, а по дипломирањето се вработува во „Пелагонијапроект“, каде наредните 15 години сам, со соработници и со тимови работи на проекти од кои добар дел се и реализирани. Во „Пелагонијапроект“ останува до 1993 година и со отпочнувањето на транзицијата во нашата земја и оформување на еден поинаков систем, работи во неколку приватни фирми сè до своето пензионирање. Во еден период, особено по дипломирањето учествува во основање на архитектонската група „Ајвар“.

Во 1996 година се вработува во фирмата „УПА Ентерпрајз“ каде работи наредните три години на повеќе проекти меѓу кои: реставрација на Палата Армаганјан, за што добил Диплома на 9. БИМАС 1997, станбено-деловен објект Пирин, студио за продукција на ТВ-програма на фирмата Кан од Скопје. По завршување со работата во оваа фирма Смилевски отворил сопствено биро и сам, со тимови и со надворешни соработници реализирал повеќе проекти за ентериери и индивидуални куќи. Во соработка со продукциската куќа К-15 ја реализирал нивната административна зграда и студио за продукција и постпродукција на играна програма.

Од 1998 година сè до пензионирањето работи во „Медиа Маркет“, каде реализирал неколку проекти за фирмата: ентериер за настап на Македонија на ЕКСПО 98 во Лисабон, Собраниска сала на Општина Чаир, индивидуални станбени објекти.

Да  станеш архитект и опстојуваш на архитектонската сцена полни 48 години, да имаш континуитет во работата, и покрај тоа да имаш квалитети кои другите ги вреднуваат навистина е импресивно. Повод за овој разговор со колегата Стеван Смилевски-Кокан е добивањето на наградата  за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2024 година. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија ААМ, како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството во Македонија.

Стеван овие летни денови ги поминува  во Маврово, така што разговоров го водевме малку во Скопје, малку преку телефон. Му поставив повеќе прашања за неговата работа, неговите размислувања за архитектурата.

На почеток на овој разговор сакам да Ви ја честитам наградата и да Ви посакам добро здравје и долг живот. Одамна сте во пензија – на кој се начин Вашата професионална оптика се промени со одењето во пензија?                                                                   

Мислам дека годините и статусот за еден архитект не се битни. Важно е делото што ќе го оставиш. Драго ми е што моите колеги ја препознаа мојата работа и што ми ја доделија оваа награда. Навистина сум почестен, особено кога ќе помислам кои од нашите архитекти се добитници на оваа награда. Мислам дека годините се бројка, можеш да работиш сè додека имаш желба и идеи. Не запирам така лесно, иако да, потребно е да најдеш инвеститор кој ќе ја цени и препознае твојата работа. Одењето во пензија од друга страна ми овозможува да работам интересни проекти, ми ја дозволува привилегијата да го работам она што го сакам. Иако мора да признам дека нови проекти се проретчија, но затоа кога ќе дојде нов проект имам повеќе време и целосно да му се посветувам.

станбена зграда, ул. „Пирин“,Скопје

Зад Вас стојат многу реализирани дела и проекти. На кои посебно со задоволство се сеќавате? Што е тоа што ги обединува сите процеси на проектирање во Вашите проекти?    

Во проектирањето тргнував од тезата за функционализам, вклопеност на објектот во средината, комуникација со околните објекти и теренот. Сите објекти што сум ги работел ми се драги и ја чувам комплетната документација од нив, уште од времето кога работевме на рака, на паус и со рапитографи. Имам многу скици и цртежи за моите објекти. Проектирањето е многу комплексна работа која поминува низ разни фази додека не се добие саканото решение. Некогаш добиватe проектна програма, некогаш не и поаѓајќи од претходно кажаните премиси пронаоѓаме решение според  желбите на инвеститорот.

антенски столб на АЕК, Водно, Скопје      

Како се одлучивте да станете архитект? Кој архитект за време на студирањето Ви остави најголем впечаток, како личност, потенцијален пример во архитектурата, или тоа беше некој правец, стил кој го работеа тогаш познати архитекти – наши или светски сеедно?     

Имаше предзнаци во претфакултетското образование за мојата идна професија. Ме интересираше сликарството, политехниката, макетарството. Во гимназиските денови почнав да се занимавам со  фотографија. Знаете во она постземјотресно Скопје, архитектурата и градежништвото доживеаја своевиден бум, познати југословенски и светски архитекти работеа на обновата на градот и тоа ме поттикна и јас да се запишам на архитектура. Пред наши очи настануваа промените кои беа спроведувани од најеминентните домашни и странски градители и архитекти.

Имавме и среќа што во тоа време на Архитектонскиот факултет предаваа плејада на големи архитекти и професори. Од нив многу научив, имавме идеали и идеалистички размислувавме за архитектурата. Сонувавме за големи дела и објекти.

Дали веднаш на почеток се фокусиравте на некои специјалности, или тоа беше процес на трагање?                                       

Работев во проектантско претпријатие на голема фирма, какви денес за жал веќе нема, и во тоа време како млад архитект на почетокот работев според правилата на службата. Подоцна, покрај другите, доаѓаа и интересни проекти.

Додека во време на транзицијата го работиш она што ќе успееш да го договориш со клиентот, сам си на пазарот, добивањето задача е голема работа, нема многу простор да се бира.

Би сакал да зборуваме за некои актуелни проблеми во архитектурата, да дознаеме за Вашата работа, да навлеземе во Вашите мисли при проектирањето, колку што тоа е можно во еден краток разговор. Што за Вас значи архитектурата?                                                 

Архитектурата е повеќеслоен медиум во кој најдов огромен простор за моето делување, изразување, постојано истражување и учење. Со моите дела се претставував себеси, моите размислувања за просторот и архитектурата, она што сум го научил. За мене архитектурата е мојот живот. Архитектонски да решиш некој простор, да го обликуваш, значи да им создадеш простор за живеење, работа, престој на луѓето за да се чувствуваат што подобро, да живеат подостојно и поквалитетно. Значи да ги решиш сите функционални проблеми, социјални проблеми со семејството, комшиите, со околината.

Кино „Бамби“, Скопје

Како би ги опишале Вашите досегашни естетски и архитектонско-функционални интереси? Кога сме веќе кај ова прашање на еден креативен импулс, би можеле ли да ни одговорите како го чувствувате и препознавате просторот во текот на Вашиот креативен процес? Можеби е тешко да се одговори и даде одреден одговор, пробајте сепак да ни опишете како и на кој начин созрева просторот во Вашата имагинација?

Би сакал да бидам препознаен како функционалист. Се обидував преку моите проекти да ги задоволам најпрвин функционалните параметри, а потоа ја „подигнував фасадата“, како што велеше еден голем архитект и теоретичар од овие простори. Просторот треба да го дефинира објектот, затоа основна работа на проектантот е да го открие неговиот дух, да го замисли животот на луѓето кои би живееле тука и да им го направи живеењето подобро, а животот поубав. Потоа, може да се „подигне фасадата“. Taa e манекенка, ќе  биде облечена и ќе ја претставува последната мода, ако авторот нема друг текст.

администрација К-15, Скопје

Со Вашето искуство, како би ја споредиле нашата архитектонска и градежна пракса со онаа светската, или барем со онаа во регионот? Каде сме ние, дали е тоа трка која со распаѓањето на поранешната држава ја изгубивме?

Што се однесува до инженерското и проектантското знаење, верувам дека спаѓавме во самиот врв по квалитетот на архитекти и инженери. За жал технолошки заостануваме. Знаете технологијата го презема приматот и секако земји кои се технолошки поразвиени и побогати, кои користат технологии и современи материјали и одат во чекор со најновите достигнувања се поконкурентни на пазарот, подобри се и побрзо и поквалитетно ги реализираат објектите.

Во еден период и ние бевме дел од таа трка. Ќе посочам само еден пример. Последните денови од мојот престој во Ирак го прашувам колегата кој подолго беше таму: „Како тоа наскоро ќе се предава објектов, а сè уште газиме по макадам?“ Набрзо по моето прашање се појави една колона од кипери, асфалтерки, валјаци и за два дена улиците беа направени, ете тоа е голема градежна оператива!

студио К-15, Скопје

Архитектурата е особено важна за разбирање на човековите вредности и култура. Какви вредности нуди современата македонска архитектура. Кажете ни  искуство и од Вашата долгогодишна пракса. Што се подразбира кај нас под „современа архитектура“?   

Секако дека нуди вредности кои се гледаат во играње со локална симболика, играње со историјата. Архитектурата треба да го истражува она на што реагираме како луѓе, како архитекти и според тоа да создаваме нови објекти, да пишуваме нови теории.

Суштествува ли македонска архитектура? Препорачувам обемен текст по ова прашање објавен во списанието за култура на просторот на СДАМ. Голема група на значајни имиња од нашата област – архитектите полемизираа по ова прашање на тркалезна маса. Но ова е поопширна тема на која треба да ѝ се посвети поголемо внимание, можеби во некој нареден број на Порта 3.

станбен блок, Гевгелија

Живеевме и работевме во едно аналогно време, а сега дојдоа дигитални времиња. Како сега, особено со појавата на вештачката интелегенција (ВИ) ќе изгледа иднината? И што е тоа иднина, дали треба да се навраќаме на некои стари вредности?                                                                                  

Сега е актуелно да се зборува за вештачка интелигенција, како и за нејзината примена во архитектурата. Мислам дека нема подобра интелигенција од искуството и стекнатото знаење, кои заедно со прецизна регулатива, се предуслов за творење на архитектура. Кога педесетина години работите една работа, веќе имате начин на кој размислувате, на кој ги решавате проблемите. Знете што е добро, што е лошо, и да ги разликувате. Знаете како да ги перципирате желбите на инвеститорот, знаете што би било добро за просторот кој го проектирате. Тоа е смислата на постоењето на архитектот и неговата архитектура.

Користењето на информациите кои ги дава ВИ може да се спроведе побрзо, може да го скрати времето потребно за совладување на одредена проектна програма, но толку! Кога ќе отпочне процесот на проектирање треба да сме сами пред белата хартија.

куќа Петрески, Скопје 

При проектирањето, кога ќе ја добиевте работата, дали имавте смислено однапред некоја приказна?                                                                              

Не. Убаво би било кога однапред би знаел да раскажам некоја приказна, но приказните доаѓаа откако ќе ја совладаме проектната програма, истражувајќи, цртајќи и работејќи на проектот. Кога ќе дојде инвеститорот разговараме, што сака, зборуваме за буџетот и на некој начин создаваме приказна, слика – замисла на објектот. Потоа таа приказна ја преточувам во технички цртеж – архитектура.

Не сме богато општество и не секогаш имаме пари за „добри проекти“. Можеме ли со малку пари да направиме добра архитектура?                                                                                                        

„Добри проекти“, веројатно овде се мисли на проекти за објекти на значајни локации или од значење за стопанството и економијата на земјата, проекти од областа на домувањето со можности за варирање низ времето на користење (што зависи и од пулсирањето на општеството), објекти од областа на здравството или индустријата. Ова не значи дека објекти со помала програма и помал инвестициски фонд не се во сферата на „добри проекти“. Важно е проектната програма да биде на потребно ниво, за кое се потребни експертски анализи, покрај другото, базирани на урбанистички параметри.

Големите проекти, „добри проекти“, бараат поради значајните инвестиции, да се изберат проектанти кои се во состојба да ја реализираат проектната програма во рамките на предвидените средства.

За вакво нешто постои алатка – „конкурс“, компетенција на анонимни проектанти при што од лепезата на различни видувања на исто барање ќе биде избрано најповолното решение.

Дојде такво време каде се бараат локации со што поголема квадратура, да се прават што помали станови, со повеќе соби, се гледа да се продаде, не се гледа функција и квалитет, тоа се денес условите за проектирање. Ги нема големите градежни претпријатија и големите проектантски бироа. Од искуство, сум работел многу проекти за луѓе кои немале многу пари. Се трудев, а и многу архитекти се трудат со малку пари да создадат добра архитектура. Ако ја совладаш функцијата, ако добро ја познаваш технологијата, ако знаеш што можат да изведат занаетчиите, ако добро ги познаваш материјалите – да може да се направи добар објект. Добро обучен архитект и со малку средства се труди да ја направи најдобрата куќа и најдобриот простор за живеење.

ноќен клуб „Коработ“, Велес       

И за крај на овој наш разговор со оглед на Вашето големо искуство, што посебно би сакале да им порачате на младите архитекти?                                                                                                                

Да бараат клиенти чии желби се во рамките на постојната регулатива и зададените урбанистички параметри, што е услов за успешна соработка и добивање на конкретен резултат. Да тежнеат како поединци, преку Асоцијацијата на архитекти, преку Комората, сите заедно, и младите и постарите да се избориме за местото кое архитектот го заслужува во општеството. Архитектите се најповиканите да зборуваат за изградбата и проектирањето на градовите, не се политичарите и некакви бизнис-елити. Како да ни е испуштена комплетната архитектонска улога на некој кој го решава она што е наша ингеренција – околината, објектите, домувањето, врскатa помеѓу архитектурата и урбанизмот. Не треба само да се гледа колку станови и колку квадрати правиме, без добар урбанизам нема добра архитектура.

Може да се зборува многу, но светот останува на младите. Верувам во нив, како што веруваа во мене кога бев млад.

Испрати коментар

Scroll To Top