Насловна / Архитектура / Објавени победниците на наградата „Ага Кан“ за архитектура за 2025 година

Објавени победниците на наградата „Ага Кан“ за архитектура за 2025 година

Независното жири на 16-тиот циклус на награди (2023–2025) избра седум победници врз основа на проценки на лице место на проектите во потесниот избор, а кои беа објавени во јуни.

Проектите истражуваат како архитектурата може да промовира општествени промени, плурализам, отпорност на заедницата, меѓукултурна комуникација и дизајн што е одговорен за климатските промени. Наградата од еден милион долари, една од најголемите во архитектурата, ќе биде поделена меѓу победниците.

Покрај тоа што оддава признание на извонредната архитектура, наградата „Ага Кан“ е позната по тоа што нагласува проекти што ја подобруваат изградената средина и го подобруваат квалитетот на животот, често во недоволно опслужени подрачја.

Jahad Metro Plaza, Иран, KA Architecture Studio

На 15 септември, Киргистанската национална филхармонија „Toktogul Satylganov“ во Бишкек, Киргистан, беше домаќин на церемонијата на доделување на наградите. Покрај на архитектите, награди им се доделени на клиенти, градители, градови, мајстори-занаетчии и инженери кои значително придонеле за проектите.

СЕДУМТЕ ПОБЕДНИЧКИ ПРОЕКТИ

Khudi Bari, Бангладеш, автори Marina Tabassum Architects

Khudi Bari, солуција која може да се реплицира за раселените заедници погодени од климатските и географските промени, изграден е од челик и бамбус на повеќе локации. Жирито го препознало длабокиот еколошки контекст на проектот, што помогнало бамбусот како материјал да напредува глобално.

„Проектот Khudi Bari ја доби наградата за развој на флексибилен систем кој се справува со глобалните предизвици со локални решенија, преформулирани низ современа перспектива за да се развива и да се зголемува со цел да се обезбеди пошироко, регионално влијание. Темелен на модул на елементарна геометрија, неговата рационализација – поврзана со адаптацијата на локални техники на бамбус – го става човештвото пред естетиката и е доволно скромен за да овозможи употреба со отворен код што им овозможува на заедниците сами да градат и локализираат. Неговото лесно и брзо поставување и расклопување обезбедуваат привлечно решение за номадската состојба на климатско раселените заедници во поплавените низини на Бангладеш, за кои првично е проектиран, а веќе влијае на животите на стотици семејства“, вели жирито.

Центар на заедницата во селото West Wusutu, Кина, Zhang Pengju

Изграден од рециклирани тули, Центарот на заедницата во селото West Wusutu е проектиран од Inner Mongolia Grand Architecture Design Co., Ltd. за да ги задоволи културните потреби на локалната мултиетничка заедница, која ги вклучува муслиманите Хуи, а воедно нуди и социјални и културни простори за локалното население и уметниците. Проектот создава вреден, инклузивен и споделен микрокосмос на заедницата во рамките на руралниот човечки макрокосмос, според жирито.

„Центарот на заедницата ја поместува парадигмата на современиот архитектонски дизајн надвор од крајните резултати базирани на објекти и естетика, насочувајќи го кон преведување на дневните потреби на заедницата на корисниците во добро осмислено архитектонско средство. Динамиката на овој проект значително ја подобрува општествената интеракција, културното искуство и отпорноста на животната средина. Така, со интегрирање на разновидни корисници и прифаќање на висока мултифункционална артикулација преку своите флуидни простори, центарот генерира вреден споделен и инклузивен комунален микрокосмос во рамките на рурален човечки макрокосмос. Архитектонската изведба на проектот се базира на интегрирање на повеќе заеднички активности, не преку крути функционални и ограничени простори, туку преку промислен кружен двор во неговото јадро. Надвор од својата опиплива форма, овој двор оркестрира континуирана циркулација и ориентација кон различни, отворено поврзани простори. Со рампа што ги поврзува приземјето и покривот како континуиран јавен простор, архитектонскиот ансамбл генијално ги преиспитува поимите за јавни и приватни простори, како и крутите граници на нивоата“, вели жирито.

Ревитализација на историската Есна, Египет, Takween Integrated Community Development

Преку физички интервенции, социоекономски иницијативи и креативни граѓански тактики, Ревитализацијата на историската Есна од Takween Integrated Community Development се справува со прашањата на културниот туризам и го претвора напуштеното место во просперитетен историски град. Стимулативните аспекти на проектот се забележани од жирито.

„Иницијативата за ревитализација на историската Есна ги надминува вообичаените граници на проектот за урбана конзервација кој е формално однапред формулиран и наместо тоа претставува стратегија од долу кон горе преку инклузивна, социјално структурирана програма за постепено подобрување на животната средина на наследството. Оттука, жителите играат главна улога во одржувањето на урбаната синергија преку нејзиното живо наследство, поттикнувајќи одржлив регенеративен моментум во она што станало дотраено изградено ткиво. Со реставрација или повторна употреба на згради – комерцијални, станбени и духовни – проектот стимулира цел историски урбан метаболизам за да се справи со современиот предизвик за подобрување на условите и работната инфраструктура за занаетчиите. Неговите иницијативи водени од заедницата се катализатор за надградба на локалната економија преку мали и микро претпријатија. Според тоа, проектот ги одразува локалната технологија и знаење преку иновативни мали и акумулативни резултати за активно генерирање на зачувувањето на урбаното јадро, идентитетот на градот, културната динамика и економската отпорност“, наведува жирито.

Комплексот Majara и реконструкција на заедницата, Иран, ZAV Architects / Mohamadreza Ghodousi

Резиденцијата и пруредувањето на заедницата Majara на бирото ZAV Architects на островот Хормуз е жив комплекс со куполи кои ги отсликуваат почвите богати со бои на виножитото. Нуди еколошки прифатливо сместување за посетителите кои доаѓаат да уживаат во препознатливиот пејзаж на островот Хормуз. Проектот, според жирито, е просперитетна колекција од разновидни програми кои работат заедно за постепено развивање на алтернативна туристичка економија.

„Ставени во прекрасен геолошки контекст кој датира од пред милиони години, овие проекти на островот Хормуз, Иран, се врамени во однос на пространиот планински венец што го карактеризираат наоѓалишта на шарени минерали и сол. Иако се сложено геореференцирани на локацијата, тие се значајно вградени во општественото и културното ткиво на земјата. Проектот може да се разбере како жив и шарен архипелаг од различни програми кои служат за постепено дефинирање на вистински алтернативен модел за туризам во овој контекст и пошироко. Продолжувајќи ја својата прва нова структура – едноставната организација за разгледување и интерпретација наречена Културен центар Ронг – Majara Residence претставува понуда во рамките на растечката глобална индустрија. Избирајќи да не следи хиперлуксузна и ресурсно изискувачка типологија, наместо тоа се врти кон плуралистичка и инклузивна рамка која се спротивставува на вишокот и станува дел од  еволутивниот процес на раст управуван од заедницата“, вели жирито.

Jahad Metro Plaza, Иран, KA Architecture Studio

Некогаш запуштена станица претворена е во прометно пешачко средиште на техеранскиот плоштад Jahad Metro Plaza, од страна на KA Architecture Studio. Жирито нагласи како употребата на локално изградена тула на станицата ги зајакнува нејзините врски со богатото архитектонско наследство на Иран и го истакнува нејзиното место како нова урбана знаменитост со својот мек, топол допир.

„Со 159 станици и должина од над 250 километри, метрото во Техеран е едно од најобемните во светот, кое секојдневно превезува милиони патници. Како клучна урбана инфраструктура, функционалноста и привлечноста на метрото се централни грижи за општината, клиентот на овој проект. Реконструкцијата на влезот на станицата ја трансформирала некогаш конвенционалната и скромна пристапна точка во отворен јавен простор: плоштад што поттикнува премин, средби и настани. За разлика од претходната структура, која ги затворала скалите на ниво на терен, новиот проект ја отвора станицата кон небото и соседството, претворајќи ги поранешните скалишни области во пешачка зона со директен пристап до улицата и со тоа подобрувајќи ја пристапноста. Широката фасада ја подобрува вентилацијата и обезбедува пријатен простор за јавна интеракција, неформална трговија и урбан живот, признавајќи ја потребата на патниците во метрото за простор надвор од транзитот“, изјави жирито.

Vision Pakistan, Пакистан, DB Studios

Повеќекатната зграда на DB Studios, Vision Pakistan во Исламабад, се одликува со весела фасада инспирирана од арапските и пакистанските занаети и е дом на добротворна организација која обезбедува практична обука за млади од социјално ранливи категории. Жирито забележа дека покрај тоа што нуди нов вид настава, структурата е добро осветлена, визуелно привлечна и економична.

„Две особи– една искусна едукатокар, другата млад архитект – работат заедно и создаваат нов извор на почит, нов центар за обука на вештини, место каде што младите луѓе чувствуваат дека се важни, каде што сè уште неоткриените таленти ќе бидат обучени и охрабрени. Едукаторот, Rushda Tariq Qureshi, имала визија: да ги едуцира, да ги вклучи младите и да формира заедница каде што учениците ќе се чувствуваат корисни и ценети. На архитектот, Mohammad Saifullah Siddiqui од DB Studios, му е доверена задачата да ја разбере визијата на Rushda. Заедно тие трансформираа парцела во близина на јавен превоз и осмислија зграда која не само што содржи нов вид образование, туку е полна со светлина, просторно интересна, економски ефикасна и многу различна“, рече жирито.

Чудесен кабинет, Палестина, AAU Anastas

Ова е мултифункционален објект, непрофитен простор за изложби и продукција, изграден со помош на регионални изведувачи и занаетчии, за да служи како главен центар за дизајн, занаетчиство, иновации и образование. Структурата, според жирито, ја нагласува вредноста на културниот производ како алатка за отпор и служи како пример за архитектура на поврзување што се базира на современи манифестации на националниот идентитет.

„Инициран од архитектите за да се пополни празнината во културните понуди за младите во градот, овој проект го проширува уделувањето на архитектите на улогите на клиент, дизајнерот, културниот практичар и активист. Проектиран како отворен, флексибилен и транспарентен светилник на културната продукција и отпорност во долината Al-Karkafeh, просторната организација на зградата ја олеснува размената, дијалогот и градењето заедница. Со мешовити програми на уметнички ателјеа, продукциски простори, радио станици, ресторани и архитектонски канцеларии распоредени на различни платформи, празнината на пресекот што минува низ три ката поттикнува физички и визуелни врски, како во рамките на зградата, така и кон околниот пејзаж“, вели жирито.

Испрати коментар

Scroll To Top