Насловна / Вести / Стандарди и нормативи за паркирање – желба да се надмудрат нормите

Стандарди и нормативи за паркирање – желба да се надмудрат нормите

(3)

Кога еден неизбежен цивилизациски феномен ќе отстапи од јавниот дискурс до ниво на еднодимензионален хаос, транспарентноста на неговото поимање прераснува во потреба и своевидно задолжение. Упорната недоверба на корисниците кон сообраќајниот систем на градот, кој објективно без нив не би ни постоел, нè соочи со редакциска желба да ја осветлиме природата на неговите поединечни аспекти, нивната компатибилност со останатите урбани сили и законитости, но и некои манири на институционалниот третман, кои, во рамките на општиот домашен контекст, ги „ужива“. Тоа е начинот на кој од своја страна можеме да дадеме најсоодветен придонес во разбирањето и прифаќањето на доблестите и мааните на системски поставеното совладување на просторот.

Во хармонија со наведеното, во наредниот период нудиме серијал од текстови во кои, искрено се надеваме, нашите читатели ќе го препознаат и во популарен стил ќе го консумираат личниот интерес од оваа област.

Парче неуреден јавен простор, по можност со малку дефектна трева која ќе ги поштеди обувките. По можност со отежната пристапност, на пример за „пајак“ возилата. И, секако, да е прифатливо блиску до дестинацијата на нашата важност. „Тригер“ за екстатички импулс во психата на регионалните возачи кои најчесто некаде доцнат. И, по правило, немаат време за губење на споредности и поврзаното со нив – потрага по униформно паркинг-место и формалностите околу рефундирањето на услугата наречена „паркирање“.

Дефетистичкиот возачки однос кон овој сегмент од секое патување, кон јавниот простор и, потенцијално, кон сопственото возило, има покомплексна заднина отколку што се тоа омилените повикувања на левантинската лефтерност и желбата да се надмудрат нормите.

Неистражените и недоволно истражените појави го замаглуваат нивното пошироко поимање и ја дисторзираат нивната суштинска важност. Паркирањето,  како незаобиколна урбано-социолошка експресија, е токму онаа недоволно истражена врска помеѓу совладувањето на просторот во форма на транспорт и намената/употребата на градското земјиште. Во еволутивниот контекст на домашната урбанистичко-градежна практика нешто повеќе од запоставен феномен втеран во незавидна позиција на трендовска жртва.

(6)

Фосилизиран планерски пристап

Од периодот на реакомодација на автомобилското помагало во категоријата статусен објект, згуснатите градски ткива генерираат паркинг-проблеми, кои губат или добиваат на тежина зависно од начинот на кој ќе се дијагностицираат. Планерската парадигма втемелена на недостиг од паркинг-простор условува почитување на минимален број паркинг-места, кој е во корелација со предвидената намена на просторот.

Ваквата визура носи спецификација на еднократност и не води сметка за долгорочните потреби за паркирање на која било урбана содржина, а особено на оние „покрупните“ од јавен карактер. А тие потреби се и тоа како подложни на флуктуирање, било како резултат на рекомпонирањето на внатрешниот простор на таа содржина или (ре)моделирањето на нејзиното непосредно опкружување.

Дополнително, во таа визура е вградена потенцијална опасност за паркирна акомодација која бенигниот проблем на недостиг од локациски паркинг-простор ќе го надгради со малигна форма на околен непланирано индуциран моторен сообраќај.

За вашиот автор прашањата за потеклото и жилавоста на овој урбанистичко-планерски принцип сè уште остануваат без издржан одговор. А тоа се сепак прашања во чија тежина се вградени и сообраќајни и урбанистички и економски и социјални „килограми“. Уште повеќе кога излезните правилнички нормативи ќе покажат пластелинска благодарност за зачестени модификации во услови на упорен истополен магнетизам во однос на наведените генетско-имунитетски дилеми.Capture Pravilnik

Замаглено пра-потекло

Еден поглед „под шинелот“ укажува на две, во однос на некој далечен основ, логични можности за потеклото на овој планерски принцип кај нас: (1) копирање на паркинг-искуството на урбана содржина со слични архитектонско-функционални карактеристики или (2) конформизам во однос на веќе пропишаното (пристапот (2) во суштина е само мултиплицирано „чедо“ на пристапот (1).

Напорот да се „проветри“ основниот норматив низ компарација со паркинг-искуството на сродна содржина, а што, уверен сум, скоро не се случило, крие системски недостаток со одложено негативно дејство: копирање на туѓо искуство кое се одиграло во емпириски неоправдан временски период (краткотрајно време на врвно оптоварување), под влијанијата на, можеби сличен, но далеку од идентичен просторно-урбанистички амбиент.

Наведеното јасно укажува дека секоја содржина од јавен карактер, во светло на сопствениот функционален биоритам, влијанијата на непосредното опкружување и сообраќајно-транспортниот контекст, поседува оригинално паркинг-искуство. Кое може да се копира и искористи како материјал за норматив, но со објективно сомнителна употребна вредност. И кое, токму заради тоа, треба автономно да се анализира, следи и третира.(5)

Важноста на претходно наведеното, исклучиво произлегува од желбата за објективно искористување на вградениот менаџерски потенцијал кој стационарниот сообраќај го поседува. Наместо сведување на обичен нормативен елемент, паркирањето, што претставува незаобиколна оперативна рамка на секое урбано патување, и не би требало поинаку да се третира отколку како активна планерска функција која ќе регулира наместо да биде регулирана.

Просторната нерационалност и реалната градежно-финансиска комплексност на стационарниот сообраќај не значат ништо друго туку повик за технички и економски крајно осмислен и рационален пристап. Кој самото почитување на еден норматив нема да го прогласува за апсолутен хоризонт на неговиот регулативен потенцијал. Бидејќи во напорите за технички оправдано планирање и економски исплатливо искористување на вредниот градски простор, манирот на копирање и ефектот на рационалност не се ниту во далечно сродство.

Планско-еволутивна фикција

Вредносно запрен некаде помеѓу отсекогаш и некогаш, нормативот што треба да биде основа за динамично креирање на стационарниот сообраќај, и не можеше да доживее поинаква судбина од пијаното клатење на врвот на урбанистичко-планерската гранка.

До бесвест преместуван и прескокнуван заради моменталните и еднократни инвеститорски, наместо да е вкопан пред јавниот и долгорочен интерес, денес ја преживува улогата на несакано дете кому љубовта аптекарски му ја мерат и урбанистичките родители и проектантските старатели.

Урбанистичкиот норматив е онаа најниска lego-коцка од која почнува детерминирањето на чувството кај корисникот дека изграденото е токму во негова, а не ползата на некоја апстрактна, финансиски незаситна сила. И ако довербата со негативен предзнак е завршниот урбанистичко-градежно-кориснички ефект, тогаш она возачко однесување од почетокот на приказнава не би требало премногу да зачуди.

Ненад Тониќ, дипломиран сообраќаен инженер

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top