Насловна / Вести / Срушениот мост во Балтимор ќе биде заменет со кабелска конструкција со речиси двојно поголем распон

Срушениот мост во Балтимор ќе биде заменет со кабелска конструкција со речиси двојно поголем распон

Италијанското архитектонско студио Carlo Ratti Associati предложи нов проект за мостот Francis Scott Key во Балтимор, САД, откако се урна на 26. март оваа година, кога товарен брод удри во еден од столбовите под влијание на дефект.

Предложениот проект, работен во соработка со францускиот градежен инженер Мишел Вирлож и градежната групација Webuild од Италија, ќе ја измени конструкцијата на мостот на реката Патапско, со цел да се избегнат можни слични сценарија во иднина.

Кабелски мост за безбедно растојание меѓу столбовите

Carlo Ratti Associati и соработниците проектирале кабелски мост со главен распон од 700 метри, што е значително зголемување во споредба со 365 метарскиот распон на урнатиот мост Francis Scott Key, со што централните носачи ќе се позиционираат на поголемо меѓусебно растојание.

„Изборот на кабелското решение овозможува столбовите да се постават на безбедно растојание, далеку од пловниот канал што го користат големите бродови, со што се спречува ризикот од повторување на настани како оној што се случи на 26. март“, велат од Ratti.

За разлика од предложениот кабелски мост, урнатиот мост Key имаше заоблена челична конструкција, која иако е јака конструкција, често е многу скапа и одзема многу време за изградба.

„Во однос на одржливоста, кабелскиот дизајн од Балтимор е еден од најефикасните начини да се изгради предложениот распон, притоа минимизирајќи го јаглеродниот отпечаток на проектот“, објасни тимот на италијанскиот архитект, инаку куратор на Биеналето за архитектура во Венеција во 2025 година.

Тимот исто така истакна дека со предложениот проект се избегнува и потребата од изградба на вештачки острови за заштита на столбовите, а што значително би го нарушило екосистемот на реката Патапско. Исто така, важно е да се напомене дека е предвидено инсталирање на фотоволтаични панели долж целиот распон на мостот.

Со новиот проект ќе се зголемила и вкупната ширина на мостот, од сегашните четири на нови шест ленти. Исто така, мостот ќе вклучува интегрирани „паметни функции“, што се потпираат на истражувањата на Ratti, Good Vibrations, како професор на MIT, што подразбира собирање податоци за вибрациите преку паметни телефони поставени во возила кои поминуваат преку мостот Golden Gate.

Италијанскиот архитект на крајот нагласи дека овој пристап исто така обезбедува и „лесно решение за повторно поврзување на двете страни на Балтимор, како општествено, така и економски, кон што треба да се стреми американската инфраструктура во 21 век“.

Завршување на замената до крајот на 2028 година

Според Њујорк Тајмс, инцидентот и натаму е во процес на истрага, додека Ројтерс извести дека претставниците на Мериленд имаат за цел завршување на замената на мостот до крајот на 2028 година.

Во меѓувреме, резултатот од затворањето на пристаништето Балтимор предизвика одложувања во глобалниот синџир на снабдување, додека сите се надеваат дека преминот ќе биде повторно отворен претстојниот викенд.

Испрати коментар

Scroll To Top