Насловна / Вести / Скопје ќе се гасифицира за една година

Скопје ќе се гасифицира за една година

GASIFIKACIJA-2
Првите потрошувачи на гас во Скопје ќе можат да се приклучат на новата гасификациска мрежа и да го користат синото гориво при крајот на 2014 или во почетокот на 2015 година. Целосната гасификација на скопскиот регион ќе чини 100 милиони евра и притоа концесионерот ќе треба сам да обезбеди приклучок за крајните корисници. Ова се резултатите од студијата за исплатливост на гасификацијата на Скопје, која ја изработи компанијата „Топлификација Инженеринг“, пишува „Нова Македонија“.
Студијата, во која се опфатени 17 општини, покажува дека изградба на целиот дистрибутивен систем во скопскиот регион би траела најмалку четири години, а само една година откако ќе почне изградбата заинтересираните ќе можат да се приклучат на системот. Како што ќе се завршуваат студиите за другите региони така ќе се делат концесии.
Бидејќи Скопје веќе има главна гасоводна мрежа, дистрибутивните оператори ќе се конектираат на преносниот систем-оператор и ќе плаќаат за транспортната услуга.
gasifikacija---janevska-ili
- Голема е веројатноста Скопје да има еден дистрибутер на гас, а во цела Македонија уште два-три концесионери, иако е можно една фирма да аплицира за сите делови. Студијата предлага повеќе фирми заради конкурентност. Она што ние го налагаме со студијата е операторот, откако ќе ја добие концесијата, да вложи и во привлекување потрошувачи, односно да инвестира во делот во кој би требало да инвестираат самите потрошувачи. Значи, покрај изградба на дистрибутивна мрежа, која вообичаено е должност на концесионерот, тој ќе треба да направи и полесен пристап до корисниците – посочуваат од „Топлификација инженеринг“.
Оттаму додаваат дека, доколку концесионерот не понуди повеќе, односно доколку сам не инвестира во приклучокот, постои ризик домаќинства или индустриските објекти да не покажат интерес за користење на гасот.
plin-Gas-Pipes1
- Со концептот што ние го предлагаме се намалуваат ризиците, бидејќи граѓаните не се доволно финансиски моќни за да инвестираат во нова опрема или приклучоци, постои опасност да не покажат интерес. Но ако концесионерот го приближи гасот до консументите, ризикот се намалува. Студијата утврди дека концесионерот ќе може да си ги врати вложените пари за седум-осум години. Бидејќи најчесто концесиите се доделуваат за 10-15 години, му останува доволно време и да ја искористи инвестицијата – велат во „Топлификација инженеринг“.
Со обезбедувањето гас до консументите, домаќинствата ќе добијат над 20 отсто, додека деловните објектите околу 30 отсто поевтина енергија од електричната и топлинската енергија.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top