Насловна / Вести / Скопје центар на „кремот“ од геотехниката и тунелоградбата

Скопје центар на „кремот“ од геотехниката и тунелоградбата

Кога во септември 2014 година, во рамките на јубилејната XV Подунавско-европска конференција за геотехника (DECGE), беше одлучено организатор на следната XVI конференција да биде Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), делегацијата на ДГМ беше прилично возбудена, но истовремено и воздржана. Ова од причина што и амбициите на идниот домаќин и апетитите на потенцијалните учесници беа високи, бидејќи во тоа време, зад нас беше конференција со голем број на учесници во префинетата Виена, а претстоеја XVI Европска конференција во Единбург во 2015 и XIX Меѓународна конференција во Сеул во 2017 година, и двете со примена на високи технолошки достигнувања, па срамежливо се поставуваше прашањето: како Скопје ќе се снајде, вклучи и вклопи во тоа милје?

Веста за доделувањето на организацијата веднаш беше споделена со членството на ДГМ, но и беше посочено дека пред сите нас е период со големи заложби во и онака збиената секојдневица, па се апелираше на поддршка. Внимателно составениот организационен тим започна да ги поставува работите на очекуваните или предвидените позиции, секако поучени и од искуствата со учества на слични настани. Процедурата подразбираше и одбирање на актуелна тема на конференцијата, соодветен период и локација за одржување, промоција преку интернет и печатени материјали и редовни учества на сродни настани, составување на силен научен одбор, селектирање на реномирани предавачи, редовна електронска комуникација, привлекување на компании, унифицирање на презентации и постери, составување на богата и разновидна програма за сите учесници, запазувајќи доволни периоди за социјални активности и културно-уметнички аспекти итн.

Konf2_resize

Сега, по затворањето на Конференцијата, впечатоците и коментарите кажуваат дека е успеано во остварувањето на идеите. Гостите – кои ги имаше од речиси 50 земји од сите континенти – започнаа да пристигнуваат веќе на 4 јуни, додека првиот настан се случи на 6 јуни, кога, со поддршка на раководството на Меѓународната асоцијација за тунелоградба и подземни конструкции (ITA), се одржаа низа предавања во рамките на еднодневниот семинар „Анализи и управување со ризик при тунелоградба“. Тој беше промовиран и од страна на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, со доделување на соодветен број на бодови, па учество зедоа речиси 130 луѓе, вклучувајќи и студенти, а солиден број имаше и од странство. Паралелно на ова, се одржа и состанок на претседателството на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехника (ISSMGE), кои во текот на денот сите направија пауза од обврските за да земат учество на церемонијата на доделување на признание на проф. Ханјц Брандл – Медал за заслуги за Македонија од страна на претседателот на Република Македонија, проф. Ѓорге Иванов. Импресиите од чинот ги следеа сведоците постојано во текот на престојот во Скопје, за што во повеќе наврати изразија воодушевување, бидејќи претставува и чест за самиот проф. Брандл, како еден од „татковците“ на Подунавските конференции, а воедно и признание за самата геотехника.

Претседателот на Република Македонија зеде учество и на свеченото отворање на конференцијата одржано во претпладневните часови на 7 јуни, кога со пригоден говор им се обрати на учесниците. Поздрав упатија и претседателите на ISSMGE и ITA, како и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), после што стручни излагања имаа проф. Милорад Јовановски, претседателот на ДГМ и носител на улогата организатор, и лауреатот проф. Брандл, кој е и почесен професор на УКИМ.

Konf1_resize

Веднаш потоа започнаа и состаноците на Извршниот комитет на ITA, како и излагањата на дел од повиканите предавачи. Имено, во рамките на XVI Подунавско-европска конференција за геотехника, свои термини на проширени излагања имаа и професорите: Мишко Чубриновски – сега од Нов Зеланд, Кришна Реди од САД, Федерика Котекија од Италија, Ахмед Сагламер од Турција, Иван Ваничек од Чешка, Хусеин Мруех од Франција, Питер Деј од Јужноафриканска Република – воедно и Терцаги говорник на конференцијата во Сеул, Мунир Буасида од Тунис и претседателот на ITA, Тарцизио Целестино од Бразил.

Секако, соодветен период имаа и останатите учесници, па така, во стручниот дел, заклучно со последниот ден на конференцијата во саботата на 9 јуни, устен и електронски постер- презентации имаа околу 120 од прифатените преку 150 реферати. Тоа доведе и до присуство на преку 300 учесници на конференцијата „Геотехнички хазарди и ризици: искуства и пракса“, каде беше забележително присуството на млади инженери. Идејата да има присутни и од регионот се оствари, а задоволството од учеството беше обострано. За секоја од сесиите беа определени и тандеми на водители, при што едниот член беше номиниран од страна на ДГМ, додека другиот беше претставник на други подунавски земји или на ISSMGE.

Инфраструктурата на хотелот „Александар Палас“, кој во целост ги отстапи и прилагоди своите капацитети за потребите на конференцијата, овозможи, покрај реализирањето на приемен коктел во дворот, да се организира и мини-саем за фирми што работат во областа на геотехниката и тунелите. На него се претставија 25 фирми од северната хемисфера: дел од нив за запознавање на посетителите со нивната работа, а дел за проширување на локацијата за работа. Во оваа сала редовно се одржуваа кафе-паузите помеѓу сесиите, што овозможи поголема интеракција и зближување помеѓу учесниците и со фирмите.

По стручниот дел, на 9.6.2018 се реализираа и четири техничко-туристички посети до браните Св. Петка и Матка, и соодветни објекти на автопатот Миладиновци – Штип и секцијата Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, секако – зачинето со посета на цркви, музеи, пештери, Кокино, винарија итн. Слична на последнонаведеното беше и програмата за придружните личности, кои имаа можност да го запознаат Охрид, но и делови на Скопје со околината.

Konf_resize

Остварувањето на сите овие замисли, идеи и планови го спроведоа студенти од Градежниот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, како и вработени во компанијата ГЕИНГ и во Градежниот институт „Македонија“. Поддршката е немерлива и организаторот искрено им се заблагодарува, како и на фирмите кои финансиски го поткрепија одржувањето на XVI Подунавско-европска конференција за геотехника.

Голем дел од присутните, помеѓу нив и истакнати личности од претседателствата на ISSMGE и ITA, со суперлативи ја коментираа целокупната организација, програма, тек и реализација, констатирајќи дека за следните домаќини реперите се поместени прилично високо. За оваа категорија на регионални конференции, палката ја презедоа колегите од Романија кои во 2022 год. учесниците ќе ги дочекаат во Букурешт.

Автор: доц. д-р Јован БР. ПАПИЌ, секретар на Друштвото за геотехника на Македонија

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top