Сместен во северниот дел на Јапонија, Хокаидо е остров познат по својата убава флора и фауна, Фестивалот на Снегот, свежата морска храна и познатото пиво Сапоро, именувано по главниот град. За Меѓународниот универзитетски архитектонски конкурс, хостиран од фондацијата LIXIL ЈС, градот Taiki-Cho беше избран за град – домаќин на овој брутално студен остров. Дванаесет истражувачки лаборатории од универзитети низ целиот свет беа поканети да учествуваат во натпреварот на тема: Следна генерација на одржлива куќа.
Конкурсното решение на Шталата-куќа проектирана од Co+Labo, тим од Универзитетот во Кеио, воден од професор Радовиќ, беше прогласено за победничко. Изградбата на архитектура која ќе им помогне на жителите да преживеат во вакви сурови климатски услови е од големо значење и вистински предизвик. Сепак ,кога ќе погледнеме на јапонските принципи во архитектонскиот дизајн, секое нешто е создадено да „соработува“ со природата. Од истите тие принципи на слобода тргнува и тимот од Универзитетот Кеио, во изработката на решението за Шталата-куќа со вклучување на поинаков субјект во дизајнот на просторот, а тоа е иконичен белег на градот, тркачките расни коњи. Резултатот е куќа која сместува два типа на истражувачи како и две раси на коњи под ист покрив. Тимот преку оваа куќа сака да создаде потсетник за славата на локалната култура за трките со расни коњи.
Концептот на оваа куќа не завршува само со можноста на соживот на човекот и коњот. Главниот фактор што ги идзвојува од останатите конкурентни проекти, е прашањето на одржливост на дизајнот. Одговор на ова прашање нуди интересниот предлог, да се преработи ферментираното ѓубриво од коњите и да се добие половина од потребната електрична енергија за куќата. Тимот, исто така, соработувал со локалните занаетчии кои се навикнати на климатските и географските услови во Хаикидо. Тие признаваат дека Шталата-куќа не само што внесува хармонија во околината, туку и ја зацврстува комуникацијата во рамки на заедницата. Како што напредува технологијата, добриот архитектонски дизајн нуди алтернативи и повеќе можности за нови решенија на одреден проблем.