Насловна / Вести / Шест чекори поблиску до почиста отпадна вода

Шест чекори поблиску до почиста отпадна вода

Со комплетирање на шест нови пречистителни станици за отпадни води, вкупниот капацитет на пречистителни станици во Македонија ќе достигне околу 27 отсто од потребниот капацитет во државата. Во „Програмата за сектор животна средина и клима“ за периодот 2014-2020 година се предвидени уште две пречистителни станици за отпадни води со кои капацитетот ќе биде околу 37,3 отсто од вкупниот потребен капацитет. Изградбата на сите овие пречистителни станици е предизвик за стабилно и сигурно управување со објектите не само од техничка туку и од финансиска гледна точка.
Првите пречистителни станици во Македонија се изградени во 1985 и 1988 година во Враништа и тоа за реоните Охрид, Струга, Трпејца, Пештани и Лагадин за над 90 илјади население, а процесот на прочистување е механички и биолошки.

Radovish_3

ПС во Радовиш

Втората пречистителна станица е изградена во 1989 година во Дојран и ја прочистува водата механички, биолошки и хемиски. По неколку години пауза, изградбата продолжила во 2000 година во Свети Николе и Македонски Брод, потоа во 2005 година е изградена во Ресен за реонот на Јанковец, Царев Двор и Езерани, која водата ја прочистува само механички и биолошки. Во 2007 година се изградени пречистителни станици во Куманово и Кривогаштани, а во 2010 година во Берово.
На листата на градови со пречистителни станици сега се и Струмица, Радовиш, Кичево , Прилеп / во завршна фаза на изградба /.
Во Македонија постои Национална стратегија за води 2011-2041 која го регулира управувањето со водите и влијае врз институциите од областа на управувањето со водите. Еден дел од таа стратегија е и прочистувањето на отпадните води. Системите за прочистување на отпадните води се особено значајни за човештвото бидејќи постои голем здравствен ризик од енормно дневно производство за отпадна вода. Решенијата опфаќаат пречистителни станици.

Kichevo_1

ПС во Кичево

Министерството за животна средина и просторно планирање преку ИПА-програмата на Европската Унија ги реализира голем дел од овие пречистителни станици.
Јадранка Иванова, ИПА-координатор од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснува кои се најголемите предизвици при изградбата на пречистителна станица за отпадни води. „Најпрво треба да се вклучи администрацијата на општината каде што се гради станицата, потоа да се соберат сите градежни доволи, навремено ангажирање на работници за работа на пречистителна станица за отпадни води и примена на новата тарифа за отпад. Проблеми со кои се сретнуваме е недостатокот на информации за подземни инсталации, ниската јавна свест за пречистителните станици и нивната корист за животната средина, како и немањето искуство на многу македонски компании во изградбата на пречистителни станици“, објаснува Иванова.

Strumica_3

ПС во Струмица

Изградбата на пречистителните станици била и одлично училиште затоа што во овој процес надлежните научиле многу лекции кои би требало да бидат корисни за понатамошните активности. „Неопходно е долгорочно планирање, што понавремено вклучување на општините и јавните комунални претпријатија и нивно образование за обезбедување документација за проекти финансирани од ЕУ и за нивните обврски пред и по завршувањето на изградбата, како и да се подготват документи за неколку проекти и да се подготват за финансирање во согласност со меѓународните стандарди“, нагласува Иванова. Таа додава дека исто така е потребно и навремено имплементирање на тарифите за вода за да се постигне одржливост на пречистителните станици за отпадни води, потребна е и подобра инволвираност и соработка на другите министерства, јавни тела и Владата. Она што е важно е и прилагодување на Законот за градежништво и подзаконските акти со постапките на ИПА, додава Иванова.

Prilep_1

ПС во Прилеп

За да се воспостави ефикасно и одржливо завршување на секој ИПА-проект, Министерството за животна средина и просторно планирање има преземено неколку мерки како потпишување на договор со општините и комуналните претпријатија за ИПА-проектот, опишувајќи ги правата и обврските меѓу нив во текот на секоја фаза од спроведувањето на проектот, формирана е единица за имплементација на проектот составена од претставници од МЖСПП, општините и комуналните претпријатија.
Иванова објаснува што сè е постигнато во секторот води според ИПА. Во Куманово се реновирани и реконструирани 25.743 метри цевки, има нови 839 шахти и 1.132 нови приклучоци за домаќинство. Во Берово поправени се 27.600 метри цевки, има 791 нова шахта и 181 нов приклучок на домаќинства, а направени се и 3.622 метри нови полимерни бетонски канали за атмосферска вода. Во Прилеп, пак, се реновирани и реконструирани 63.650 метри цевки.
Инсталираните капацитети во пречистителната станица која е сместена во селото Сачево на површина од 55 илјади метри квадратни , го опфаќаат градот Струмица со 53.419 жители и 12 населени места, со дневен капацитет на отпадни води од 9.458 кубни метри.

„Учевме многу, некои работи не ги предвидовме, а се случуваа, но сепак проектите се веќе готови и пречистителните станици за кратко време сите ќе функционираат. Сега треба подобра вклученост на сите институции за нивно успешно одржување“, вели Иванова. Според неа сега во Македонија има 13 пречистителни станици, но државата има потреба од 87 со секундарен карактер и 16 со терцијарно лекување. „Реално до 2041 година овие пречистителни станици би биле готови“, додаде Иванова нагласувајќе дека околу 90 отсто од средствата кои ќе се потрошат за пречистителните станици ќе завршат во рацете на јавните комунални претпријатија и затоа сега е време да се почне со нивно оспособување за да управуваат со таква инфраструктура.
Важноста од постоењето на пречистителни станици ја истакнува и Торстен Фриман од првото формирано здружение за водостопанство во Есец, Германија. Тој заедно со свои колеги од Германија, професори од Универзитетот во Дуизбург-Есен од Катедрата за води во урбани средини и Одделот за процесно инженерство, како и од истражувачкиот Институт за управување со вода и отпад при Техничкиот факултет во Ахен, Рајна-Вестфалија беа гости на првата конференција за одржливост на пречистителните станици во Македонија, која беше организирана од Здружението за третман на вода и отпадна вода, а во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање, делегација на Европската Унија, Градежниот факултет од Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги.

bottrop-wastewater-treatment-plant-emscher-wastewater-treatment-plant-H338Y6

ПС во Емишер кај Дортмунд

Професорите говореа за историјатот и искуствата на Германија во третманот на води и отпадни води и за пречистителните станици.
Фриман објаснува дека неговото здружение е надлежно за 58 пречистителни станици кои целосно го покриваат реонот на реката Емшер кај Дортмунд. „Освен за отпадната вода се грижиме и за дождовницата и за атмосферските води. Имаме над 300 пумпни станици за заштита од поплави, а на годишно ниво третираме околу 800 милиони метри кубни отпадна вода“, вели Фриман. Тој ја објаснува пречистителната станица Ботроп која е изградена во 1929 година – 230 милиони евра со денешна вредност. „Станува збор за станица со три линии во која дотокот на вода при дожд е 8,5 кубни метри во секунда. Тука имаме класично механичко филтрирање, активно заживување со бактерии и финална седиментација. Имаме резервоари за мил и гасот го користиме за производство на струја со која покриваме четири милиони жители, додаде Фриман.
Како што нагласија германските професори, често онаму каде што има многу штетни испусти треба да има и посебен третман пред тие води да се испуштат во пречистителната станица. „Индустриските фирми плаќаат по оптовареност на водата што ја испуштаат и затоа најчесто ги присилуваме да имаат самите систем на оптимизација“, објасни Фриман.
Ваквиот третман постои и во Македонија. Јадранка Иванова вели дека кај нас комуналните претпријатија се тие што одлучуваат дали ќе ја прифатат индустриската отпадна вода во станиците. Најчесто индустриските капацитети се здружуваат и самите ја третираат отпадната вода до фаза таа да може да се испушти во пречистителната станица.
Даниел Мертенс од компанијата за работа со пречистителни станици за отпадна вода – ВТЕБ вели дека вкупната потрошувачка на пречистителна станица за 10 илјади жители не смее да биде повеќе од 30 киловат часови по жител. „За успешно управување со пречистителните станици многу е важно да се обезбеди квалитетен персонал и добра технологија. Со одржувањето на пречистителната станица се оптимизираат трошоците, а нивното намалување доведува до заштеда. Во една пречистителна станица за 10 илјади жители треба да има најмалку четири вработени, а во станица што опслужува 50 илјади жители потребни се најмалку седум вработени во смена, кои се добро обучени“, нагласува Мертенс.
Она што германските експерти го препорачаа е дека треба да се води енергетска политика, да се прават акциони планови, да се организираат тимови кои постојано ќе се усовршуваат за работа во пречистителните станици и ќе ги следат новите технологии.

* * * * *

Скопје – метропола без пречистителна станица

1

За Скопје сакаме да зборуваме дека е метропола, но е град без пречистителна станица. Редакцијатa на „Порта 3“ во 2015 година пишуваше дека Скопје ќе ја добие својата пречистителна станица во 2020 година, но од тоа нема никакви резултати и веројатно за да добие главниот град ваков објект ќе треба да чека уште најмалку пет години. Кон крајот на минатата година градските власти потпишаа анекс на Меморандумот на разбирање за студијата за финансирање, изградба и работа на централната станица за третман на отпадни води. Потписници на овој анекс се и Министерството за животна средина и просторно планирање, амбасадорот на Франција во Македонија, Христијан Тимоние и компанијата „ЕЖИС“. За реализација на овој проект француската влада има обезбедено дополнителни 197.863 евра со што вкупниот грант сега изнесува 927.182 евра. По завршувањето на изградбата Скопје ќе добие пречистителна станица во согласност со европските директиви, а и контрола и третман на водата што се испушта во реката Вардар.

Локацијата на пречистителната станица е дефинирана во ГУП за Град Скопје и се наоѓа по должина на левата страна на коритото од реката Вардар во Општина Гази Баба, во Трубарево, што е до источната граница по урбанистичкиот план за Град Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top