Трендот на брзата мода е присутен уште од 90-тите години на минатиот век. Станува збор за масовно производство и дистрибуција на облека по ниски цени. Наведениот термин е воведен од страна на новинарката на New York Times, Ен Мари Широ, опишувајќи го моделот на работење на Zara – дизајнирање, произведување и испорака на ново парче облека за само две недели.
Zara, H&M, Primark и другите брендови за брза мода, секој ден во својата понуда додаваат стотина парчиња облека. Благодарение на развојот на технологијата и онлајн купувањето, денес се соочуваме со ултрабрза мода. Кинескиот бренд Shein моментално е нејзин главен претставник. Може да дизајнира и произведе ново парче облека за само 10 дена, со тоа што на својата веб страница секојдневно додава и до 10.000 артикли. Во секој момент во продажба има дури 600.000 артикли, по просечна цена од 10 долари. Ултраниските цени се клуч на успехот на деловниот модел на брзата мода. Некои компании во таа бранша развиле и големи мрежи на добавувачи, кои често произведуваат исклучиво за нив. Ангажирањето на мрежа од инфлуенсери и реламирањето на социјалните мрежи е примарен начин за допирање до потрошувачите.

Ефтина, лесно достапна и модерна гардероба – звучи примамливо. Сепак, постои скриена цена. Модната индустрија е одговорна за 10% од глобалниот годишен јаглероден отпечаток, што е повеќе од емисиите на сите меѓународни летови и поморскиот сообраќај заедно. Брзата мода троши огромни количини природни ресурси. Користи 141 милијарда кубни метри вода годишно и одговорна е за 35% од микропластиката која завршува во океаните. Се предвидува дека глобалното производство на текстил ќе порасне од 109 милиони тони, од 2020 година, на 145 милиони тони на крајот на оваа деценија. Денес облеката се перцепира како еднократен производ, па три петтини завршуваат на депониите или во постројките за спалување во рок од една година од нивното производство.

Извештајот за одржливост на компанијата Shein за 2024 година, покажува дека во таа година компанијата била одговорна за испуштање на над 26 милиони метрички тони јаглерод диоксид во атмосферата или 23,1% повеќе отколку претходната година. Компанијата повеќе пати тврдела дека го намалува својот јаглероден отпечаток, но тој продолжил да расте. Непрофитната организација Stand.earth објавила извештај во кој анализирала 42 модни брендови, и го прогласила токму Shein за најголем загадувач. „Да беше држава, Shein според емисиите би била стота на светот, со иста количина на емисии како Либан“, пишува во документот. Италијанскиот орган за заштита на потрошувачите и конкуренцијата AGCM, ја казнил компанијата Shein со еден милион евра, поради измамнички тврдења дека ја штити животната средина. Таа појава се нарекува greenwashing. Еден месец претходно, Франција и наредила на оваа компанија да плати 40 милиони евра поради измама на купувачите во доменот на попусти и наводна еколошка кампања. Истрагата утврдила дека компанијата манипулирала со цените. Со оглед дека Франција е позната како земја на модата, не е изненадувачки фактот дека секоја секунда се фрлаат по 35 парчиња облека. Сепак, властите работат на „успорување“ на модата. Почнувајќи од октомври 2023 година, државните власти на граѓаните им исплаќаат т.н бонус за поправки, односно покриваат дел од трошоците за кројач или чевлар, со цел намалување на текстилниот отпад. Францускиот сенат неодамна усвоил предлог закон кој посебно ја погодува индустријата за ултрабрза мода. Се воведува систем за еко оценки, односно градација на влијанието на производот врз животната средина, вклучувајќи ги емисиите на стакленички гасови, користењето на ресурсите и можностите за рециклирање. За брендовите со најниски оценки, предвидено е почетно оданочување до 5 евра по производ, а потоа по 10 евра од 2030 година. Данокот не смее да надмине 50% од малопродажната цена на артиклот. Предлогот исто така предвидува забрана за огласување на ултрабрзи модни брендови и санкции за инфлуенсерите кои ги промовираат.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија