Насловна / Архитектура / Самара – „Арена Космос“

Самара – „Арена Космос“

Првите планови за новиот стадион во Самара „Арена Космос“ се направени околу 2010 година, а се конкретизирани во 2012 година, кога Самара е избран како еден од градовите домаќини на Светското првенство во фудбал 2018. За време на првенството, „Арената Космос“ ќе биде домаќин на четири натпревари од групната фаза, вклучувајќи го и мечот на рускиот национален тим со репрезентацијата на Уругвај и едно четвртфинале. Стадионот по првенството ќе стане нов дом на локалниот клуб „Крилја Советов“.

samara2
Во почетокот е планирано стадионот да се гради на устието на реките Самара и Волга, но е преместен на локација на север од градот поради недостиг на инфраструктура. Стадионот е сместен во регионот Радиоцентар. Според плановите на регионалните власти, новата локација овозможува развивање на локалната инфраструктура, обезбедувајќи пристап до транспорт, како и нов поттик за развој на северниот дел на градот.

samara3
Темата „Космос“ која е прикажана низ архитектурата на арената не е случајна – Самарската Област е срцето на руската авијација и вселенската индустрија. Фасадата на идниот стадион е транспарентна купола која ја прави арената да изгледа како објект од вселената, сличен на летечка чинија.
Куполата на стадионот е висока 65,5 метри исто како и московската црква Христос Спасителот. Се состои од 32 радијални конзоли, и секоја од нив вклучува три монтажни блокови. Една конзола тежи 277 тони. Сите конзоли се монтирани на пирамидални потпори со височина од 21,4 метри.

39354380025_e9cbee88c5_o
Конзолите ја формираат површината на делумна сфера со дијаметар од 612 метри. Овој дизајн е единствен во согласност со Кодексот за урбанистичко планирање на Руската Федерација, бидејќи има конзолен дел со должина над 90 метри. Според проектот, над 13 илјади тони челик се користени за склопување на конструкцијата на главниот покрив на стадионот. Површината на покривот е повеќе од 76 илјади квадратни метри, што е повеќе од 10 фудбалски игралишта. Во ноќните часови, целата структура ќе биде осветлена, нагласувајќи го експресивниот дизајн на стадионот. Транспарентната купола овозможува публиката да гледа во небо. Трибините се поставени на две нивоа и се со капацитет 44.198 седишта. Во ВИП-зоната предвидени се 1.200 луксузни седишта, двојно повеќе од очекувањата на ФИФА. Изградбата на стадионот предвидено е да чини 320 милиони долари.

samara4
Фитнес-центар, училиште за танц, забавен центар, ресторани, фан зона и други содржини предвидени се во поттрибинскиот простор. Стадионот покрај за фудбал ќе се користи и за атлетски натпревари, концерти и изложби.
Градот Самара кој се наоѓа на брегот на реката Волга, најдолгата река во Европа, може да се пофали и со плоштадот Кујбишев, најголем во Европа кој за времетраење на Мундијалот ќе биде домаќин на ФИФА-фан фестот.
Посебна трамвајска линија ќе го поврзе стадионот со железничката станица. Четири нови пристаништа, како и обновена флота на бродови ќе им овозможат на туристите да поминат пријатно време, како и да ги надминат значителните растојанија помеѓу некои клучни точки во градот.

samara1
САМАРА – „АРЕНА КОСМОС“ ПРЕКУ БРОЈКИ
• Куполата на стадионот е висока 65,5 метри
• Капацитет 44.198 седишта
• конзолен дел со должина над 90 метри
• Површината на покривот е повеќе од 76.000 м2
• Цена 320 милиони долари

Испрати коментар

Scroll To Top