Германскиот производител на електрична енергија RWE ја критикуваше владата во Берлин поради планираното воведување еколошка такса за електричните централи кои користат фосилни горива. RWE предупредува дека десетици илјади луѓе во енергетскиот сектор би можело да останат без работа, додека цените на електричната енергија сосема е извесно дека ќе се покачат. Во склоп на настојувањето да се исполни зацртаната цел по однос на намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 40% до 2020 година, германскиот министер за економија и енергетика предложи воведување на еколошка такса за постарите енергетски постројки на јаглен, што наиде на остро спротивставување од страна на енергетските компании и синдикати, пренесува France Presse.
„Доколку министерството за економија и енергетика го спроведе овој предлог, тоа ќе доведе до големи структурни потреси во индустријата за јаглен. Овие планови може да предизвикаат дезорганизирано и забрзано напуштање на процесите на производство на електрична енергија од јаглен, чии последици ќе бидат далекусежни“, изјави извршниот директор на RWE, во обраќањето на Годишниот состанок на акционерите на оваа компанија во Есен.
Тој додаде и дека прераното напуштање на јагленот ќе резултира со губење на сигурна и евтина електрична енергија во Германија, а безбедноста во снабдувањето ќе биде сериозно загрозена, особено и поради фактот што Германија веќе се посвети на напуштање на нуклеарките до 2022 година.